14/04/2006
Наведувајќи „сериозната загриженост“ во врска со владеењето на правото во Бугарија, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во четвртокот ја повика земјата да ги зајакне своите напори.
(AФП, АП, ББС, Еуроњус, РФЕ/РЛ, Reporter.gr, Макфакс, Софиска новинска агенција, Софија ечо, Медиапул, Dnevnik.bg, Всеки ден - 13/04/06)
![]() „Бугарија мора наскоро да покаже видливи резултати против митото и корупцијата ако сака да влезе во Европската унија следната година, според планираното“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. [EУ] |
Бугарија мора да покаже видливи резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата ако сака да влезе во ЕУ во јануари 2007 година, рече во четвртокот (13-ти април) главниот претставник за проширување на Унијата. „Сé уште постои сериозна загриженост во врска со владеењето на правото и неговото функционирање во земјата“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, на прес-конференцијата во Софија по состанокот со премиерот Сергеј Станишев. „Нам ни требаат конкретни, видливи резултати во борбата против корупцијата на високо ниво и организираниот криминал за да се покаже дека никој не е над законот.“
Кусата посета на Рен во четвртокот дојде пред критичниот извештај на Европската комисија (ЕК) за подготвеноста на Бугарија за членство во ЕУ кој треба да биде објавен на 16-ти мај. Проценката ќе вклучи и препорака од ЕК за тоа дали оваа балканска земја треба да влезе во Унијата на 1-ви јануари 2007 година, според планираното, или нејзиниот влез треба да се одложи за една година. Водачите од блокот од 25 нации потоа треба да донесат конечна одлука на самитот во јуни во Брисел.
Одбивајќи да разговара за подготвеноста на Бугарија за членство, Рен вети дека извештајот на ЕК ќе биде објективен и непристрасен. Тој го истакна напредокот на Бугарија во неколку проблематични области, вклучувајќи ги и правата на интелектуална сопственост, внатрешниот пазар и граничната контрола, и ја пофали земјата за нејзиниот „огромен економски раст“.
Истовремено, тој ја истакна потребата за „реформи во судството, каде што ни е потребна одговорност и независност“.
Минатиот месец парламентот го измени уставот на земјата во функција на подобрување на функционирањето на судството, но експертите во Брисел ги критикуваа новите одредби како компромитирачки за независноста на системот. Како одговор на повикот на Рен за понатамошни измени во основниот закон на Бугарија, Софија рече дека нема да може да го стори тоа пред 16-ти мај.
Во четвртокот комесарот рече дека датумот 1-ви јануари 2007 година останува реален, иако одби да даде какви било предвидувања. За да ја постигне таа цел, земјата треба да ја вложи целата своја енергија во исполнување на барањата на ЕУ во областа на владеењето на правото, рече тој.
„Датумот на пристапот на Бугарија во ЕУ е важен, но исполнувањето на критериумите за членство е уште поважно -- како за Бугарија, така и за Европската комисија“, рече Рен. „Сега главна задача за целата влада, целиот парламент, целата јавна администрација и целото граѓанско општество е да се постигне ова.“
Станишев вети дека Софија ќе остане фокусирана на спроведувањето на реформите што ги бара ЕУ.
„Целта на Бугарија за пристап (во ЕУ) во јануари 2007 година, е целосно остварлива ако ја задржиме истата брзина и заложбите за реформи“, АП ја цитираше неговата изјава. „Овие напори нема да бидат прекинати ниту за момент.“
Набљудувачите во Софија велат дека земјата, најверојатно, ќе добие дозвола за пристап во ЕУ на 1-ви јануари, заедно со Романија, но можно е да се примени заштитната клаузула со која би се ограничиле нејзините права од членството во областа на правдата и домашните работи. Во тој случај, пресудите на бугарските судови нема да важат автоматски и во другите земји-членки на ЕУ.