10/04/2006
Сите пречки на патот кон членството во ЕУ мора да се отстранат, вклучувајќи го и прашањето на соработката во врска со воените злосторства, рече во неделата српскиот претседател Борис Тадиќ.
(УПИ, АП - 09/04/06; AФП - 08/04/06; Ројтерс, Ајриш тајмс, АП, РФЕ/РЛ, Б92, Институт за воено и мирнодопско известување - 07/04/06)
![]() „Членството во ЕУ е наша стратешка цел. Сите пречки на тој пат мора да се отстранат, а ова значи дека ние мораме да соработуваме целосно со Трибуналот на ОН во Хаг“, рече претседателот Борис Тадиќ. [Getty Images] |
Српскиот претседател Борис Тадиќ во неделата (9-ти април) рече дека Белград мора да му го предаде бегалецот обвинет за воени злосторства, Ратко Младиќ, на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) до крајот на овој месец, со цел да продолжи да се движи во вистинскиот правец во однос на градењето поблиски врски со ЕУ.
„Членството во ЕУ е наша стратешка цел“, австрискиот весник Курир ја цитираше изјавата на српскиот водач. „Сите пречки на тој пат мора да се отстранат, а ова значи дека ние мораме целосно да соработуваме со Трибуналот на ОН во Хаг.“
Минатиот месец ЕУ предупреди дека е можно да ги прекине разговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) со Белград ако не биде предаден Младиќ пред следната рунда преговори на 5-ти април. Но, по состанокот со главната обвинителка на ОН, Карла дел Понте, по нејзината посета на Србија на 29-ти март, Брисел го продолжи крајниот рок за екстрадиција на поранешниот воен командант на босанските Срби во Хаг и одлучи да продолжи со разговорите.
Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, рече дека Дел Понте објавила дека има „напредок во соработката на Србија и Црна Гора со МКТЈ“ и дека српскиот премиер Воислав Коштуница ветил оти Младиќ ќе биде пронајден и предаден „без одложување“.
И покрај тоа што во неделата укажа на тоа дека српските власти и понатаму не знаат каде се наоѓа бегалецот, Тадиќ рече дека го охрабрува Коштуница да дејствува во врска со неговото ветување пред МКТЈ и ЕУ и да го запази крајниот рок во април, објави УПИ.
Младиќ е во бегство од 1995 година, кога МКТЈ за првпат го обвини за воени злосторства за неговата наводна вмешаност во злосторствата извршени за време на конфликтот во Босна и Херцеговина во периодот 1992-1995 година. Тој се соочува со обвиненија за геноцид во врска со масакрот во Сребреница на 8.000 муслимански мажи и момчиња и 43-месечната опсада на Сараево, во која загинаа повеќе од 10.000 луѓе.
Српските власти признаа дека Младиќ живеел во Белград под воена заштита до средината на 2002 година, кога исчезнал. Бегалецот, кој добивал пензија од Белград до минатиот декември, според широкото мислење, се крие во Србија. Тајниот разузнавачки извештај претходно оваа година откри дека повеќе од 50 поединци му помагале да ја избегне правдата. Оттогаш се уапсени и притворени голем број поранешни соработници на Младиќ.
Минатата недела белградскиот веник Блиц објави дека српските агенти за разузнавање ги пребарале куќите на роднините на Младиќ и привеле некои од нив на сослушување. Претпријатието во сопственост на неговиот син Дарко Младиќ беше проверено од страна на даночната полиција и инспекторите.
„Ако еден човек - дури и Младиќ - се обиде да ја уценува целата популација, властите мора да реагираат, а тоа вклучува и зголемен притисок врз семејството“, весникот го цитираше изворот од службите за безбедност.
И покрај тоа што го обвини Коштуница дека го криел Младиќ во минатото, поранешниот шеф на српската државна безбедност во неделата изрази уверување дека премиерот ќе се погрижи за тоа Белград да го исполни крајниот рок за предавање на бегалецот.
„Ако се ограничите со некакви датуми, тоа значи дека веќе имате пакет и дека сé што ви треба е да го завиткате“, АП го цитираше Горан Петровиќ, кој ја предводеше тајната служба по смената на претседателот Слободан Милошевиќ во 2000 година.
Од другите вести во петокот, парламентот на Србија и Црна Гора го усвои законот за замрзнување на средствата на осомничените за воени злосторства во бегство.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's