Рохан ја отфрли можноста за поделба на Косово

30/03/2006

Предлогот на ОН за децентрализацијата на Косово има за цел да им овозможи на општините самите да си ги водат своите работи во рамките на косовскиот правен систем, изјави во четвртокот заменик специјалниот претставник на ОН, Алберт Рохан.

Од Берта Фониќи за Southeast European Times во Приштина – 30/03/06

photo

Заменик специјалниот претставник на ОН, Алберт Рохан (лево), се состана со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во средата (29-ти март) во Приштина. [Лаура Хасано]

Заменик специјалниот претставник на ОН, Алберт Рохан, ја отфрли можноста за поделба на Косово и каква било друга идеја за создавање на енклава поделена врз етничка основа во делот од покраината во кој претежно живеат Срби.

„Ние сакаме да им дадеме на општините максимум надлежности, тие треба да бидат во можност самите да ги водат своите работи, секогаш во рамките на косовскиот правен систем“, рече Рохан на прес-конференцијата во седиштето на УНМИК во Приштина во четвртокот (30-ти март). Сепак, тој додаде дека „ова не значи и не може да значи создавање на одделен ентитет кој е, така да се каже, изваден од нормалните правни институционални структури на Косово. Ние ќе се спротивставиме на секаква поделба или внатрешна поделеност на Косово и, исто така, ќе се спротивставиме на каков било трет слој на власта помеѓу централните власти и општините.

Рохан беше во Косово за да го претстави планот за децентрализација што го подготвија експертите на ОН врз основа на првите две рунди директни разговори помеѓу преговарачките тимови од Белград и Приштина. Целите, рече тој, се подобрување на доброто управување преку доближување на администрацијата до градовите, како и да се решат проблемите на етничките малцински групи, меѓу кои и косовските Срби.

Планот на ОН ќе им овозможи на општините да воспостават партнерство врз основа на конкретните прашања, како на пример, во образованието, здравството и културата, како и да формираат асоцијација (или повеќе асоцијации) на општините, рече Рохан. Покрај тоа, рече тој, експертите на ОН се согласија со српскиот повик за „разумно големи општини со одреден јасен процент мнозинство на една етничка група.“

Истовремено, тој ги повика Србите да одговорат на напорите на косовското раководство да допрат до нив. „Отсуствувањето е контрапродуктивно. Тие треба да се вклучат, треба да учествуваат, да соработуваат“, рече тој.

Рохан, исто така, остро ја критикуваше директивата од Белград што ги обврзува косовските Срби да се откажат од приходите кои евентуално би ги добиле од косовските институции покрај бенефициите што им ги дава Србија. „Ситуацијата на косовските Срби е доволно тешка и ако тие се принудуваат да се откажат од одредени делови од својот приход ќе имаат уште потешка ситуација. Јас, исто така, сакам јасно да дадам до знаење дека оваа директива и напорите сега за нејзино активно спроведување се целосно спротивни на концептот на децентрализација што го следиме за време на разговорите во Виена“, рече Рохан.

„Ние сакаме вклучувачко општество, сакаме мултиетничко општество, во кое општините имаат максимум самоуправа, но ова целосно одвојување не одговара на нашиот концепт“, додаде тој.

Прес-конференцијата на Рохан уследи по завршувањето на неговата тридневна посета на Косово, за време на која тој се состана со претседателот Фатмир Сејдиу, премиерот Агим Чеку и заменик-премиерот Љутфи Хазири. Тој, исто така, отпатува за Звечан, каде што се состана со српските градоначалници на трите северни општини, претставувајќи им го новоподготвениот предлог на ОН и образложувајќи ги неговите принципи.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading