21/02/2006
Албанскиот министер за надворешни работи, Бесник Мустафај, и комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, изминатиот викенд ја потпишаа првата страница на Договорот за стабилизација и асоцијација. Министерите за надворешни работи на ЕУ се очекува да го одобрат целосниот документ оваа есен.
Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана -- 21/02/06
![]() Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо (десно), се поздравува со албанскиот премиер Сали Бериша во саботата (18-ти февруари) во Тирана. [Гент Шкулаку] |
Албанија во саботата (18-ти февруари) направи значен чекор напред на патот кон членството во ЕУ, потпишувајќи го техничкиот дел од Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со блокот од 25 нации.
На церемонијата во Тирана, министерот за надворешни работи, Бесник Мустафај, и комесарот за проширување на ЕУ во посета на земјата, Оли Рен, го ставија својот потпис на првата страница од договорот. Целосниот договор сега треба да биде одобрен од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои се очекува да го одобрат подоцна оваа година.
Преговорите за ДСА, прв правен чекор кон членството во ЕУ, започнаа во 2003 година.
Потпишувањето од саботата се совпадна со четиричасовната посета на Албанија на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, кој е на турнеја низ земјите-кандидатки за ЕУ во регионот со Рен.
„Ова е многу важен момент за Албанија“, рече Баросо. „Денес ние ја потпишуваме првата страница од ДСА, која вклучува важен дел за развојот на слободниот пазар и други политички компоненти“, истакна Баросо на заедничката прес-конференција со премиерот Сали Бериша.
„По потпишувањето на договорот, што се надевам дека ќе се случи оваа пролет, следниот важен чекор ќе биде неговото правилно спроведување. Ова ќе биде единствениот услов за секој друг чекор во процесот на интеграција“, рече Баросо.
Тој го пофали придонесот на албанските експерти во составањето на ДСА и ги повика политичките партии во земјата да работат заеднички за стабилноста и да ги решат клучните прашања со консензус.
Баросо за време на својот престој имаше обраќање и пред албанскиот парламент, при што ги истакна судските реформи, борбата против организираниот криминал и зајакнувањето на економијата како три приоритетни области.
За спроведување на ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата на Албанија й е потребно „силно и независно судство“, кое е способно за спроведување на законот и казнување на прекршителите, рече Баросо.
Албанија мора да ја либерализира својата економија за привлекување на странски инвестиции и охрабрување на конкурентноста, рече тој.
За време на заедничката прес-конференција во саботата Бериша рече дека владата и другите државни институции работат на исполнувањето на стандардите на ЕУ, зајакнувањето на економијата, градењето на демократските институции, борбата против корупцијата и криминалот, како и подигањето на животниот стандард.
Овие се „главните услови за подобрување на ситуацијата во Албанија“, рече Бериша.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's