02/02/2006
Руското претпријатие „Атомстројекспорт“ и чешкото „Шкода алијанс“ поднесоа понуди за изградбата на втората нуклеарна централа во Бугарија кај Белене. Претпријатието што ќе го добие проектот вреден две милијарди евра се очекува да биде објавено за околу шест месеци.
(Стандард, Новинар, Труд, Дневник, The Moscow Times - 02/02/06; Софиска новинска агенција, Интерактив инвестор, Дневник, Медиапул, Софија Еко - 01/02/06)
![]() Без оглед на тоа која понуда ќе победи на тендерот за довршување на нуклеарната централа во Белене, Бугарија, истата ќе биде контролирана од рускиот „Газпром“, кој ги поседува мнозинските акции во двете претпријатија. [AФП] |
Две претпријатија поднесоа понуди за проектирање и изградба на втората нуклеарна централа (НЦ) во Бугарија, во градот Белене на реката Дунав, околу 250 километри североисточно од Софија. Победникот кој ќе го добие проектот, чија вредност се проценува на околу две милијарди евра, треба да биде објавен до 1-ви август.
Чешкото претпријатие „Шкода алијанс“ во средата (1-ви февруари) во Софија достави 29 метални кутии со половина тон документација, додека руското претпријатие „Атомстројекспорт“ донесе 117 кутии со три тона документација претходниот ден попладнето. Секое од претпријатијата поднесе различни понуди за три различни сценарија на проектот.
По конечното отворање на понудите во средата Јулијан Жељазков од бугарското Државно претпријатие за електрична енергија (ДПЕЕ), кој ја предводи тендерската комисија за НЦ во Белене, рече дека процедурите на проценка, најверојатно, ќе завршат за помалку од шест месеци. Потоа, комисијата ќе ја презентира својата проценка пред одборот на директори на ДПЕЕ, кое ќе го објави победникот. Во меѓувреме, на секое од двете претпријатија ќе му биде дозволено да ги промени параметрите на своите понуди.
На тендерската комисија ќе й помагаат консултанти од „Делуат“ и „Парсонс“.
Сепак, според натписите во локалниот печат без оглед на тоа кое претпријатие ќе биде изберено истото ќе биде под контрола, до одреден степен, на рускиот гигант „Газпром“. Неговата банка неодамна го купи „Шкода ЈС“, дел од конзорциумот на „Шкода алијанс“. „Газпромбанк“, исто така, поседува 51 отсто од акциите на „Атомстројекспорт“, кое ќе го користи француското претпријатие „Фраматом“ како партнерско градежно претпријатие.
Помеѓу условите кои потенцијалните понудувачи требаше да ги исполнат беа и: обрт од најмалку 5 милијарди американски долари годишно и претходно искуство во изградба и одржување на водени реактори под притисок.
Новиот проект на ДПЕЕ предвидува изградба на два реактори од рускиот дизајн VVER од по 1.000 мегавати, исти како во единиците 5 и 6 во ДПЕЕ Козлодуј во Бугарија и во чешкото ДПЕЕ Темелин.
Канадското претпријатие „Атомик енерџи Канада лимитид“ предложи да обезбеди два тешки реактори на вода CANDU од 700 мегавати, но се повлече од тендерот откако Бугарија се одлучи да не ја примени таа технологија.
Во цел да го компензира очекуваниот пад на производството на електрична енергија во земјата во декември 2006 година, по планираното затворање на двата реактори од 440 мегавати во ДПЕЕ Козлодуј кои се изградени за време на советскиот период, како и да ја задржи својата водечка позиција на регионалниот пазар на енергија, Бугарија даде зелено светло за нуклеарната централа кај Белене минатиот април.
Во моментов Козлодуј учествува со 40 отсто во целокупното производство на електрична енергија во Бугарија.
Проектот Белене започна најпрво во 1986 година, но беше прекинат во 1991 година, поради финансиските проблеми и притисокот од еколошките друштва. Дотогаш Бугарија веќе потроши една милијарда евра за изградбата и купувањето на реакторот на „Шкода“ од 1.000 мегавати.
Првиот од двата реактори се очекува да биде пуштен во употреба до 2011 година, а вториот до 2013 година. Софискиот весник Tруд ги објави изјавите на претставниците на двете претпријатија кои во средата тврдеа дека ако бидат избрани цената на електричната енергија ќе биде „значително пониска“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's