10/01/2006
Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, во понеделникот им препорача на Босна и Херцеговина и Србија и Црна Гора да ги уапсат обвинетите за воени злосторства Радован Караџиќ и Ратко Младиќ до крајот на оваа година за да можат да започнат со градењето на поблиски врски со Алијансата.
(Ројтерс, Бета - 09/01/06; Ројтерс - 03/01/06; AП, Вашингтон фајл - 30/12/05)
![]() „Искрено се надевам дека во 2006 година Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе ги исполнат критериумите на Партнерството за мир на [НАТО]. Тоа требаше да биде направено уште одамна“, рече шефот на НАТО, Јап де Хоп Шефер. [AФП] |
Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, во понеделникот (9-ти јануари) изрази надеж дека Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија и Црна Гора ќе можат да започнат со градењето на поблиски врски со Алијансата оваа година.
„Искрено се надевам дека во 2006 година Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе ги исполнат критериумите за пристап во Партнерството за мир (ПзМ) на НАТО“, рече Де Хоп Шефер на традиционалниот новогодишен прием за новинарите во понеделникот. Истакнувајќи дека влезот на двете земји во програмата е „навистина многу важен“ и „долгоочекуван“, тој рече дека тие најпрво мора да ги исполнат условите.
Воспоставена во 1994 година, програмата Партнерство за мир му овозможува на НАТО да гради поблиски политички и воени врски со земјите што не се членки и претставува прв чекор кон членството во Алијансата. Десет од 30 земји што ги потпишаа договорите за програмата ПзМ со Пактот по воспоставувањето на програмата станаа членки на НАТО, се вели во извештајот на Ројтерс од понеделникот.
Главниот услов на Алијансата за приемот на БиХ и Србија и Црна Гора во програмата ПзМ е целосната соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), вклучувајќи го и апсењето на осомничените за воени злосторства. Меѓународната заедница особено настојува да се уапсат и предадат двајцата најбарани обвинети на Трибуналот -- поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ.
Караџиќ и Младиќ се во бегство веќе десет години. Тие се обвинети од страна на МКТЈ за нивната наводна вмешаност во воените злосторства за време на конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година. Двајцата се соочуваат со обвиненија за геноцид за нивните наводни улоги во 43-месечната опсада на Сараево и масакрот во Сребреница.
За Караџиќ се верува дека се крие во источните делови на БиХ, кои се под српска контрола, додека за Младиќ се вели дека се наоѓа во Србија.
ЕУ, со која Србија и Црна Гора започна разговори за Спогодбата за стабилизација и асоцијација во октомври, минатиот месец го предупреди Белград дека преговорите би можеле да бидат прекинати во секој момент во случај на недоволна соработка во напорите за изведување на обвинетите -- особено на Младиќ -- пред лицето на правдата.
Министерот за одбрана на Србија и Црна Гора, Зоран Станковиќ, на крајот на минатата година потврди дека војската во земјата не ги извршила наредбите за пронаоѓање на бегалецот. Неколку дена подоцна тој, исто така, откри дека на Младиќ му се исплаќала пензија до ноември минатата година.
„Не постои земја во НАТО ниту, пак, во ЕУ која би му дозволила на обвинет за воени злосторства слободно да шета на територијата на таа држава“, изјави во ноември американскиот потсекретар за политички прашања во Стејт Департментот, Николас Барнс. „Младиќ се наоѓа на слобода веќе десет години, од кои осум години тој беше под целосна заштита на српската држава и српската војска, според нивно сопствено признание“, додаде тој.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's