09/01/2006
Западниот Балкан влезе во критичен период, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, на самитот на високо ниво минатиот месец за иднината на Балканот, наведувајќи го косовското прашање.
Од Антонела Архин за Southeast European Times – 01/09/06
![]() Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен (десно), и премиерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, одржаа прес-конференција во Брисел на 8-ми декември 2005 година. [AФП] |
Иднината на Балканот беше тема на меѓународниот самит на високо ниво во декември, на кој присуствуваа пратеници на ЕУ, владини претставници, бизнисмени, претставници на невладини организации, академици и претставници на меѓународните медиуми. Настанот, насловен како „Доближувањето на Балканот до Европа“, се одржа во „Пале дегмон“ во Брисел.
Разговорите се фокусираа на три главни прашања: 1) Дали Балканот ќе стане дел од европската економија, 2) Кои балкански земји се движат кон членството во ЕУ и 3) Кои се работите што треба и што не треба да се направат во балканската реконстукција и развој.
Западен Балкан поминува низ еден критичен период, особено во врска со започнувањето на разговорите поврзани со решавањето на статусот на Косово, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, на самитот.
Процесот на проширување тој го окарактеризира како еден од столбовите на меѓународната и безбедносната политика на ЕУ. И покрај забавувањето до кое делумно дојде и поради буџетските и уставните проблеми на блокот, ЕУ и понатаму останува посветена на стабилноста, просперитетот и идното членство во ЕУ на земјите од регионот, истакна Рен.
2006 година ќе биде клучна за овие земји, рече комесарот. Коментирајќи во врска со неодамнешното апсење на Анте Готовина, Хрватот обвинет за воени злосторства, Рен рече дека Хрватска претставува пример за соработката со Хаг - пример кој треба да го следат и Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ се согласи, повикувајќи го и Белград да постапи така. Говорејќи во врска со економската ситуација во регионот Ѓукановиќ рече дека нивото на странските директни инвестиции во Западен Балкан и понатаму останува под нивниот потенцијал. Тоа, според него, претставува резултат главно на нерешените политички процеси.
Ѓукановиќ ги пофали земјите од Западен Балкан за препознавањето на важноста на регионалната соработка како еволутивен чекор кон усвојувањето на бизнис принципите што фукнционираат во ЕУ. На пример, тој го наведе тековниот процес на воспоставување на слободна трговска зона во Југоисточна Европа, активностите во рамките на инвестициониот договор помеѓу ОЕЦД и Пактот за стабилност, заедничките напори за борба против корупцијата и организираниот криминал и неодамна потпишаниот договор за Енергетската заедница во Атина.
Српскиот претседател Борис Тадиќ, исто така, имаше свое обраќање на самитот. Тој повика на „европско решение“ за Косово, кое го опиша како широка форма на самоуправа, која нема да ја наруши српската сувереност над покраината, и повика на мерки со кои ќе се осигури заштитата на малцинството косовски Срби.
Самитот беше организиран од страна на експертската група „Пријатели на Европа“, со седиште во Брисел, во соработка со Конрад-Аденауер-Штифтунг, Институтот за демократија „Костантинос Караманлис“ и Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's