19/12/2005
По критичкиот извештај за соработката на Белград со Трибуналот на ОН за воени злосторства една партија во српската владејачка коалиција побара од сите српски демократски сили да преземат решителни дејства за апсење на Ратко Младиќ.
(Блиц - 19/12/05; AП -- 16/12/05 - 18/12/05; Радио Б92, АДН Кронос интернешнал - 16/12/05; Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија - 15/12/05)
![]() Ратко Младиќ сé уште се наоѓа на слобода. [Архива] |
Апсењето на поранешниот воен командант на босанските Срби Ратко Младиќ е во интерес на Србија, објави во неделата (18-ти декември) една партија од српската владејачка коалиција, предупредувајќи дека мора итно да се преземат дејства за фаќање на бегалците и избегнување на меѓународна изолација.
„Ова е последен момент сите демократски сили да преземат целосна одговорност за иднината на Србија“, АП го цитираше соопштението на Српското движење за обнова (СДО) на министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Вук Драшковиќ. „Ние мора да испратиме јасна порака до меѓународната заедница дека сите осомничени наскоро ќе завршат во Хаг.“
Повикот уследи по критичкиот извештај во четвртокот на главната обвинителка на ОН за воени злосторства, Карла дел Понте, која рече дека соработката на Србија со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) е влошена во последниве месеци. Во своето обраќање пред Советот за безбедност таа, исто така, побара Србија да преземе одговорност за својот неуспех во однос на апсењето на Младиќ, поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ и други бегалци обвинети за воени злосторства.
Негативниот извештај на Дел Понте предизвика стравувања дека Србија би можела да се соочи со меѓународна изолација и санкции кои би можеле да влијаат на нејзините изгледи за евроатланска интеграција и на странските инвестиции.
Србија и Црна Гора започна разговори за Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) со ЕУ во октомври и, исто така, има аспирации за членство во програмата на НАТО Партнерство за мир. Двете организации ја поставија целосната соработка со МКТЈ како услов што земјата мора да го исполни за да може да пристапи во нивните структури.
„Сите крајни рокови за фаќање на бегалците поминаа“, вели Драшковиќ во писменото соопштение од петокот. „Ние се соочуваме со можност преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ да бидат суспендирани, а не смееме ниту да помислиме на Партнерството за мир. Нашиот политички и морален капацитет во преговорите во врска со идниот статус на Косово е, исто така, погоден“, вели министерот.
Српскиот заменик-премиер Мирољуб Лабус, исто така, предупреди во врска со можноста од суспендирање на разговорите на Белград за ССА во февруари 2006 година, ако Младиќ не биде уапсен дотогаш.
„Не можам да гарантирам дека ќе се одржи следната рунда разговори ако не биде постигнат напредок“ во соработката со МКТЈ, изјави тој за српскиот весник Вечерње новости во саботата.
Според Ненад Ченак, водачот на Лигата на социјалдемократите на Војводина, виновен за непредавањето на Младиќ на Хашкиот трибунал од страна на Белград е српскиот премиер Воислав Коштуница.
„Не е комплицирано да се пронајде и предаде Ратко Младиќ на Хашкиот трибунал“, вели Ченак во изјавата за белградскиот весник Блиц објавена во понеделникот. „Тој се појавува само на седум, осум локации во Србија. Проблемот е во тоа што Воислав Коштуница не се осмелува да го екстрадира Младиќ“ бидејќи не е во негов „политички интерес“, вели Ченак.
Сепак, во соопштението на СДО се повикуваат српските политичари да „престанат со барањето на виновници “ и, наместо тоа, да преземат конкретни активности за фаќање на Младиќ.
„Одговорноста што произлегува од довербата на граѓаните и нивната желба да живеат во нормална земја ги обврзува сите демократски сили ... да преземат рештелни активности“, се вели во соопштението.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's