08/12/2005
По повеќе од четири години во бегство, еден од најбараните обвинети на Трибуналот на ОН за воени злосторства, Анте Готовина од Хрватска, е уапсен и во четврток ќе биде префрлен во Хаг.
(Разни извори - 08/12/05; 21/12/04)
![]() Пензионираниот генерал во бегство, Анте Готовина, беше уапсен доцна во средата на Канарските Острови. [Архива] |
Пензионираниот хрватски генерал Анте Готовина е уапсен доцна во средата (7-ми декември) на шпанските Канарски Острови, објави обвинителката на ОН за воени злосторства, Карла дел Понте, во четвртокот во Белград. Тој ќе биде префрлен во Хашкиот трибунал доцна во четврток, рече таа.
Шефот на НАТО, Јап де Хоп Шефер, во изјавата што ја даде во Брисел веднаш по објавувањето на веста, го поздрави апсењето. „Апсењето на Готовина е добра вест за светот. Тоа е добра вест за изведувањето пред лицето на правдата на оние кои сé уште не се осудени, но се обвинети за многу сериозни воени злосторства, најсериозните кривични дела. Ова е добра вест и навистина мислам дека тоа е добра вест и за Хрватска.“
Готовина беше еден од тројцата најбарани бегалци обвинети за воени злосторства од балканските конфликти во 1990-тите, заедно со поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ. Тој беше во бегство од јуни 2001 година, набргу откако Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го обвини за наводна вмешаност во злосторствата против краинските Срби кон крајот на конфликтот во Хрватска во периодот 1991-1995 година.
Хрватска започна воена офанзива, наречена операција „Олуја“ на 4-ти август 1995 година за повторно воспоставување на контрола во регионот на Краина, кој беше окупиран од страна на српските сепаратисти во 1991 година. Во текот на неколкудневната операција и акциите што следеа до 15-ти ноември 1995 година Готовина беше командант на Сплитската оперативна зова на хрватската армија. Во тоа својство тој имаше де јуре и де факто команда и контрола врз сите хрватски сили распоредени во рамките на операцијата „Олуја“ во јужниот дел од регионот на Краина, велат обвинителите на ОН во изменетото обвинение против Готовина, кое беше обелоденето во март 2004 година.
Обвинението го товари по четири точки за злосторства против човештвото и три точки за прекршување на правилата и обичаите на војувањето за прогон, убиства, пљачкосување на имот, намерно уништување на градови и села, депортација и други нехумани дејства извршени, наводно, за време на операцијата
Според обвинителите на ОН, Готовина -- дејствувајќи индивидуално или во координација со други, меѓу кои и со Иван Чермак, Младен Маркач и поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман -- учествувал во заедничките криминални дејства, со единствена цел присилно и трајно иселување на српското население од Краина. Како дел од тие акции тој „планирал, поттикнувал, наредувал, извршувал или на некој друг начин го помагал и поттикнувал планирањето, подготвувањето или извршувањето“ на наводните злосторства. Обвинителите, исто така, обвинуваат дека и покрај тоа што тој знаел, или имал причина да знае, дека неговите подредени ќе ги извршат злосторствата или ги извршиле истите, Готовина не ги презеле потребните мерки за спречување на тие постапки или казнување на нивните извршители. Покрај тоа, тој не ја исполнил својата должност за воспоставување и гарантирање на јавниот ред и безбедност во регионот, вклучувајќи го неговиот главен град Книн и околните општини.
Готовина е роден на 12-ти октомври 1955 година на хрватскиот остров Пасман во општина Задар. Професионален војник и поранешен француски легионер со ранг главен каплар, тој се враќа во Хрватска во јуни 1991 година за да се приклучи на Националната гарда како шеф на операциите и обуката на нејзината Прва бригада. Од февруари до април 1992 година Готовина беше заменик-командант на Специјалната единица на Главниот штаб на хрватската армија, по што следеше и шестмесечната функција во Хрватскиот совет за одбрана. Во октомври 1992 година тој беше назначен за командант на Сплитската оперативна зона на хрватската армија, која подоцна беше преименувана во Сплитска воена област и остана на таа должност до март 1996 година. Во меѓувреме, тој беше унапреден од бригадир во чин генерал-мајор, а потоа и во генерал-полковник.
Во март 1996 година Туѓман, кој беше претседател на Хрватска во тоа време, го назначи Готовина за шеф на Инспекторатот на хрватската армија. Стипе Месиќ, кој победи на хрватските претседателски избори во февруари 2000 година го отпушти Готовина од војската на 29-ти септември истата година.
Во извештајот до Советот за безбедност на ОН на 23-ти ноември 2004 година Дел Понте наведува дека генералот исчезнал во јуни 2001 година, откако хрватските власти го информирале дека постои потпишано обвинение против него.
По неговото исчезнување, постојано се појавуваа шпекулации и контровезности за тоа каде се наоѓа Готовина. Вршејќи притисок врз Загреб за апсење и предавање на бегалецот на МКТЈ, Дел Понте инсистираше на тоа дека тој многупати е забележан во Хрватска. Таа, исто така, обвини и дека „доброорганизирана мрежа, во која се вклучени и државни структури“ му помага да ја избегне правдата.
Хрватските власти, кои во различни прилики јавно го повикуваа Готовина да се предаде на Трибуналот, останаа на ставот дека тој избегал од земјата, но ветија дека ако го пронајдат тој ќе биде уапсен.
Медиумите во февруари 2004 година објавија дека Готовина живее слободно во југоисточна Франција. По шестгодишната служба во француската Легија на странци, тој доби француско државјанство во 1979 година. Потоа, се говореше дека живеел некое време во градовите Ница и во Екс-ан-Прованс во јужна Франција и дека многу често патувал на места во Јужна Америка, како и на други места.
„Тој ја ужива заштитата на мафијата, дури и на локалните моќници. Тој може да живее без да мора да се крие. Може да патува надвор од земјата без големи проблеми“, пишуваше францускиот весник Ле монд цитирајќи го извештајот од октомври 2003 година на француската разузнавачка агенција ДСТ. Сепак, во весникот беше истакнато дека претходните извештаи за тоа дека бегалецот се наоѓа во Корзика, Марсеј или на некои други места во Франција, се покажаа како неточни.
На 11-ти октомври 2004 година ЕУ ја усвои регулативата со која се замрзнуваат „сите средства и економски ресурси кои ги поседуваат или имаат“ тројцата најбарани обвинети на МКТЈ -- Караџиќ, Младиќ и Готовина.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's