29/11/2005
Српските обвинители за воени злосторства работат заедно со своите колеги во Хрватска на утврдувањето на вистината за злосторствата од 1991 година во хрватското село Ловас, каде што околу 24 цивили беа убиени кога Југословенската народна армија им нареди да одат на минско поле.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград – 29/11/05
![]() Центарот за хуманитарно право бара во истрагата да бидат вклучени и поранешни офицери на Југословенската народна армија, кои имаа командна одговорност за оваа област. [ЦХП] |
Во српските домашни судови во тек е уште еден случај на воени злосторства. Во октомври републичкиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, започна судска постапка за утврдување на одговорноста за убиството на хрватските цивили во селото Ловас, во близина на Илока, во есента 1991 година.
Во изјавата за локалните и странските медиуми Вукчевиќ рече дека неговата канцеларија добила информации за оние кои биле во Ловас во тоа време, и се обидува да собере релевантни информации од воената разузнавачка служба за да ги открие извршителите на воените злосторства.
Тој, исто така, рече дека неговата канцеларија е во контакт со канцеларијата на хрватското обвинителство и комитетот за воени злосторства во регионалниот суд во Вуковар, каде што се одржува повторениот судски процес во отсуство за 17 лица обвинети за геноцид и други злосторства против цивилното население во Ловас.
Во октомври 1991 година припадниците на Новосадскиот корпус на Југословенската народна армија (ЈНА), локалните единици за територијална одбрана и паравоената група „Душан Силни“ извршија артилериски напад на хрватското село Ловас, убивајќи околу 30 жители во текот на овој процес. Откако силите ја презедоа контролата врз селото тие, наводно, извршија насилства врз несрпско население на селото, како што се принуден труд, тортура и силување. На 18-ти октомври голема група жители на Ловас беше принудена да оди по минско поле, при што загинаа 24 лица.
Белградскиот Центар за хуманитарно право повика на целосна истрага, обвинувајќи дека голем број од извршителите сé уште се наоѓаат на слобода и живеат во Србија. Истрагата треба да ги вклучи и поранешните офицери на ЈНА кои имаа командни позиции во Ловас и Товарник, вели групата.
Еден од оние на кои им се суди во отсуство во Вуковар, Љубан Деветак, дојде во Белград за да ја негира својата лична вмешаност во злосторствата во Ловас. Во изјавата која ја цитираше Центарот за хуманитарно право, тој, исто така, рече дека инцидентот со минското поле бил оркестриран од страна на војската и се случил по убиството на еден војник претходната вечер. Според Деветак, наредбата за опколување на Хрватите и нивно присилување да одат по минско поле, најверојатно, ја дал потполковникот Димитријевиќ, командатот на селото во тоа време. Негов директен претпоставен бил полковникот Душан Лончар, кој подоцна беше унапреден во генерал.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's