22/11/2005
Американскиот државен потсекретар Николас Барнс во понеделникот изрази надеж дека водачите на босанските политички партии ќе ја искажат својата подготвеност за измена на уставот на Босна и Херцеговина.
(Вашингтон тајмс, АП - 22/11/05; Вашингтон фајл, Ројтерс, АП, ББС, ВОА, РФЕ/РЛ - 21/11/05)
![]() „Ние сé уште не сме стигнати дотаму. Ние сé уште немаме договор“, рече американскиот државен потсекретар Николас Барнс. „Но, јас сум убеден дека се движиме кон тоа.“ [AФП] |
Висок американски дипломат во понеделникот (21-ви ноември) изрази надеж дека и покрај тоа што во Вашингтон во тек се церемониите на одбележување на десетгодишнината од Дејтонскиот мировен договор (ДМД), политичките водачи од Босна и Херцеговина (БиХ) ќе се согласат да го изменат уставот на нивната земја.
„Она за што се надеваме дека тие утре ќе постигнат согласност, како водачи на политичките партии во земјата, е дека ќе се посветат себеси на овој процес на уставни реформи и дека ќе продолжат со тоа во текот на следните месеци пред изборите во 2006 година“, рече државниот потсекретар на политички прашања, Николас Барнс.
Пред околу десет дена водачите на осумте главни владејачки и опозициски партии во БиХ се состанаа во Брисел на разговори во врска со измените на уставот, кој е дел од ДМД. Тие ги продолжија своите разговори во Вашингтон во неделата, пред дводневните церемонии на одбележување на годишнината од договорот, кои започнаа во понеделникот со конференцијата насловена како: „По Дејтон: Балканската и евроатланската интеграција“
„Во Дејтон беа поставени основите на државата со внатрешни поделби, внатрешен берлински ѕид, одвојување на една заедница од друга поради тоа што тоа беше единствениот начин да се запре војната и да се изгради привремен и кревок мир“, рече Барнс на конференцијата, спонзорирана од американскиот Институт за мир. „Десет години подоцна овие внатрешни ѕидови мора да бидат срушени. На народот во државата - Хрватите, Србите и муслиманите - мора да му се дозволи да се меша, ним мора да им се дозволи да се интегрираат како што е случајот со различните народи во нормалните мултиетнички држави.“
Со договорот БиХ беше поделена на два политички ентитети - Федерацијата на БиХ и Република Српска (РС) - секој со своја посебна влада и парламент. Покрај тоа, во земјата постои и национален парламент и влада, како и трипартитно претседателство, чии членови ги претставуваат трите најголеми етнички групи.
Во последниве месеци, додека земјата ги зацврстуваше своите врски со меѓународната заедница, се интензивираа повиците за реформи на она што според многумина аналитичари претставува еден од најгломазните политички и административни системи во светот.
„Босна не може да остане расцепкана држава и да мисли дека може да стане дел од обединета Европа или обединето НАТО“, рече Барнс.
Според предложените уставни измени двата ентитети ќе се задржат, но нивните надлежности ќе бидат значително намалени, додека моментно слабиот национален парламент и влада ќе бидат зајакнати. Тричленото претседателство ќе биде заменето со еден претседател.
На конференцијата во понеделникот Ричард Холбрук, поранешниот американски амбасадор во ОН, кој посредуваше во ДМД во 1995 година, исто така, ги повика политичарите во БиХ, особено од босанските Срби, да се согласат со реформата на уставот.
„Морам да ви кажам, искрено, дека бранејќи го Дејтонскиот договор во неговата сегашна форма вие, во суштина, се обидувате да го спречите напредокот“, рече тој. „Морате да помогнете Дејтонскиот договор да се подобри. РС мора еднаш засекогаш да сфати дека е дел од единствената држава наречена Босна и Херцеговина.“
Во вторник, делегацијата на БиХ, предводена од претседателот на трипартитното претседателство, Иво Миро Јовиќ, која ја сочинуваат и другите двајца членови на претседателството и околу 40 босански фунционери и политичари, ќе присуствува на гала ручекот на кој домаќин ќе биде американскиот државен потсекретар Кондолиза Рајс.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's