17/10/2005
Како резултат на историскиот договор овој месец за разговорите за пристапување, Турција сега се најде пред, како што изгледа, долг, нерамен пат кон членството во ЕУ. Унијата и самата се соочува со некоја нова реалност.
Од Алан Чове за Southeast European Times -- 17/10/05
![]() „Нашиот пат кон ЕУ не е лесен. Ќе има многу тешкотии, но јас верувам дека ние ќе ги надминеме навреме“, рече премиерот Реџеп Тајип Ердоган. [AФП] |
ЕУ и Турција се разбудија во нова ера утрото на 4-ти октомври. По маратонските единаесетчасовни преговори, последните пречки за започнувањето на разговорите за пристапување беа расчистени. Како резултат на тоа, Турција сега се наоѓа пред, како што изгледа, долг и нерамен пат кон членството, додека ЕУ се соочува со можноста да добие нови граници и Сирија, Ирак, Иран и Ерменија да бидат нејзини соседи.
Поради барањето на Австрија за доделување на „привилегирано партнество“ наместо полноправно членство и противењето на Турција на одредбите поврзани со Кипар, не се знаеше дали министерот за надворешни работи, Абдула Ѓул, ќе замине на планираниот пат до Луксембург. Сепак, на крајот, двете страни се согласија со условите. Според тој договор преговорите ќе бидат процес со отворен крај, од кој исходот не може да се гарантира предвреме. Турција, исто така, се обврза да биде поврзана во европските структури со најсилната можна врска.
Турскиот влез во ЕУ има потенцијални значајни импликации за блокот. Со вкупно 72 милиони жители, таа ќе биде најголемата земја-членка, со најголем број на гласови во Европскиот совет и најголем број на делегати од која било држава во Европскиот парламент. Буџетот на ЕУ ќе биде многу оптоварен додека таа се обидува да ја доведе инфраструктурата, земјоделството и администрацијата до нивоата на ЕУ. Истовремено, турското членство би изградило мост помеѓу христијанскиот и муслиманскиот свет. Со втора по големина армија во НАТО и стратешки домет до Средниот Исток, Турција ќе ги потпомогне амбициите на ЕУ да стане сериозен фактор на регионалната и светската сцена.
Во Турција реакциите во врска со договорот што беше постигнат во последен момент се различни. И покрај тоа што владата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган го поздрави „историскиот чекор“ опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) се пожали дека администрацијата на Ердоган не обелоденила доволно детали во врска со овој процес и дека прифатила потешка преговарачка рамка од онаа што беше определена на 17-ти декември 2004 година.
ЕУ ја третира Турција поинаку од минатите кандидати, рече водачот на ЦХП, Дениз Бајкал: „Веќе укажавме на тоа дека преговори со отворен крај никогаш не биле понудени на ниту една друга земја-кандидат. Сепак, владата не стори ништо да ја одбрани земјата од многуте некоректни постапки кон Турција од 17-ти декември“, рече тој.
Од друга страна, претседателот на Татковинската партија, Еркан Мумчу, изрази задоволство од почетокот на разговорите, велејќи дека неговата партија е подготвена да придонесе во овој процес. Водачот на Партијата на вистинскиот пат (ДЈП), Мехмет Агар, исто така, ги пофали владините напори, истовремено потсетувајќи на „црвените линии“ на Турција во врска со Кипар.
За владата задоволството е придружено со претпазливост. „Вистинската работа само што започна“, рече Ердоган. „Нашиот пат не е лесен. Ќе има многу тешкотии, но јас верувам дека ние ќе ги надминеме навреме.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's