02/09/2005
Главната обвинителка на ОН, Карла дел Понте, во четвртокот побара од ЕУ да продолжи со одложувањето на разговорите со Хрватска и Србија и Црна Гора сé додека главните бегалци кои ги бара хашкиот суд се наоѓаат на слобода. Ниедна од двете земји не соработува целосно со Трибуналот на ОН, рече таа.
(Радио Холандија - 02/09/05; Ројтерс, АФП, ББС, ХИНА, Макфакс - 01/09/05)
![]() Притисокот од ЕУ одигра клучна улога во обезбедувањето на подобра соработка со Трибуналот на ОН за воени злосторства, како што изјави главната обвинителка Карла дел Понте. [AФП] |
ЕУ треба да продолжи со градењето на поблиски врски со Хрватска и Србија и Црна Гора додека тие не ги предадат обвинетите од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), изјави во четвртокот (1-ви септември) главната обвинителка на ОН за воени злосторства, Карла дел Понте.
„Целосната соработка со МКТЈ претставува еден од главните услови на ЕУ за пристап на земјите од поранешна Југославија“, рече Дел Понте на прес-конференцијата за Балканот во швајцарскиот главен град, Берн. „Без силната европска поддршка процесот на правда на Балканот би бил тажен неуспех. Особено Хрватска и Србија-Црна Гора соработуваат со Трибуналот само благодарение на меѓународниот притисок“, додаде обвинителката.
Опишувајќи ја моментната соработка на двете земји со МКТЈ како „несовршена, ниту, пак, целосна“ Дел Понте го повика Брисел да изврши притисок врз нив за исполнување на меѓународните обврски и предавање на обвинетите за воени злосторства што ги бара Трибуналот.
„Сé додека една земја е кандидат за членство ЕУ има моќ да врши притисок за реформи“, рече Дел Понте. „Во моментот кога земјата ќе влезе во клубот, оваа моќ ќе се изгуби.“
Хрватска требаше да започне со преговорите за пристапување со ЕУ во март, под услов властите дотогаш да му го предадат пензионираниот генерал Анте Готовина на МКТЈ. Но, со оглед на тоа што Загреб не го исполни овој единствен услов за да ја докаже својата целосна соработка со Трибуналот на ОН, преговорите беа одложени. Србија и Црна Гора, во меѓувреме, треба да започнат со разговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ на 5-ти октомври.
ЕУ и САД во последниве месеци го засилија својот притисок врз Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина (БиХ) за екстрадиција на поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, - кој се верува дека се крие во делови од БиХ и Црна Гора што се под српска контрола - и неговиот воен генерал Ратко Младиќ, за кој Дел Понте тврди дека е во Србија.
„Ако тие не бидат казнети тоа ќе значи голем удар за меѓународната заедница и меѓународната правда“, рече Дел Понте во Берн. Таа ја отфрли изјавата на хрватската министерка за надворешни работи, Колинда Грабар-Китаровиќ, пред Европскиот парламент во вторникот, дека Загреб прави сé што е во негова моќ за да го пронајде Готовина.
„Нема значителни квалитативни промени во операциите што ги спроведува Хрватска. Индикациите што ги имам сé уште покажуваат дека Готовина е во регионот“, рече Дел Понте.
Инсистирајќи на тоа дека Хрватска го спроведува својот акционен план за соработка со Хашкиот трибунал, хрватскиот премиер Иво Санадер во четвртокот го наведе апсењето на Хрвоје Петрач, осомничен поддржувач на Готовина, во Грција претходно оваа недела.
Во својата изјава Дел Понте, исто така, го истакнува апсењето на Петрач, опишувајќи го како позитивен настан, добар пример за меѓународната соработка помеѓу агенциите за разузнавање и спроведување на законот, како и можност за конечно инфилтрирање во мрежата што го поддржува Готовина.
„Ние навистина внимателно ќе ги следиме активностите на Хрватска во следните недели“, рече обвинителката. „Навистина очекуваме Хрватска да дејствува агресивно врз основа на последниве настани со цел да го доведе Готовина во Хаг.“
Изјавата на Дел Понте се совпадна со почетокот на неформалниот, дводневен состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во велшкиот град Њупорт. Кандидатурата на Хрватска за пристапување во Унијата е помеѓу точките на агендата.
Британскиот министер за надворешни работи, Џек Строу, во четвртокот изјави дека ЕУ ќе ја разгледа кандидатурата на Хрватска во средината на септември за да одлучи дали да даде зелено светло за започнување на разговорите за влез. Од Дел Понте ќе биде побарано да поднесе извештај до комисијата на ЕУ за соработката на Хрватска со МКТЈ пред да биде донесена одлуката.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's