11/07/2005
Бугарскиот претседател Георги Парванов на првата седница на новиот парламент повика на дијалог и консензус. За претседател е избран Георги Пирински од Бугарската социјалистичка партија.
(бта, Софиска новинска агенција, новинска агенција Фокус, Медиапул, Дневник - 11/07/05; Ројтерс - 10/07/05)
![]() Новиот бугарски парламент се состана во понеделникот (11-ти јули). [Архива] |
Бугарскиот претседател Георги Парванов во понеделникот (11-ти јули) од новиот парламент во земјата побара тој да ги оствари задачите поврзани со целта на Бугарија за влез во ЕУ преку дијалог и консензус. Тој, исто така, ги повика водачите на партиите кои имаат свои претставници во парламентот од 240 пратенички места да бидат подготвени на компромис.
„Верувам дека овој парламент нема да дозволи да биде заложник на политичките борби“, рече претседателот неколку минути по свечената заклетва.
Парванов, исто така, побара од членовите на парламентот веднаш да започнат со работата на условите што земјата мора да ги исполни за пристап во ЕУ во јануари 2007 година. Со оглед на кусиот период што останува до извештајот на Европската комисија за напредокот на Бугарија во однос на пристапот кој треба да биде објавен оваа есен, парламентот мора да го забрза процесот на усвојување на легислативата што ја бара ЕУ, вклучувајќи ги и реформите во судството и јавната администрација, предупреди претседателот.
Тој, исто така, вети дека ќе го додели мандатот за формирање на нова влада во текот на следните три дена, по консултациите со сите седум парламентарни партии и коалиции.
Парламентарните избори на 25-ти јуни резултираа со најразновидниот бугарски парламент во 15-те години по завршувањето на комунизмот, при што седум партии и коалиции од целиот политички спектар го исполнија условот од 4 отсто за влез, но ниту една не обезбеди мнозинство за самостојно владеење.
Трите партии со најголема застапеност се Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 82 места, Националното движење за Симеон Втори (НДСII) со 53 места и Движењето за правата и слободите (ДПС) со 34 места.
Во своето обраќање пред пратениците во понеделникот, водачот на БСП, Сергеј Иванов, чија партија се очекува да добие мандат за составување на следната влада, од партиите побара тие да й се придружат на коалициската влада предводена од БСП и да ја внесат земјата во ЕУ.
„Првата и непосредна цел на владата мора да биде членството во ЕУ“, им рече водачот на социјалистите на пратениците. „Опасноста од одложување на членството на Бугарија за една година е реална“, додаде тој, очигледно мислејќи на заштитната клаузула во спогодбата за пристап со ЕУ.
„Со своите гласови луѓето не обврзаа да разговараме меѓусебно и да постигнеме договор“, додаде Станишев.
БСП остварува консултации за владина коалиција со НДСII и со ДПС. Трите партии во неделата постигнаа принципиелен договор за владината платформа, но НДСII се уште нема донесено одлука дали ќе влезе во коалицијата. ДПС, која главно го претставува етничкото турско малцинство, јасно ја искажа својата подготвеност за коалицирање со социјалистите.
Во меѓувреме, во согласност со уставот, пратениците го избраа заменик-претседателот на БСП, Георги Пирински, за нов претседател на парламентот, со 169 наспрема 50 гласови. Тој беше министер за надворешни работи од 1995 до 1997 година, во последната социјалистичка влада. Пратениците, исто така, избраа седум заменици-претседатели на парламентот, претставници на секоја партија во законодавниот дом.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's