08/07/2005
Романската влада ја објави својата оставка, отворајќи го патот за понатамошни промени на политичката сцена во земјата.
Од Разван Амариеи за Southeast European Times во Букурешт – 08/07/05
![]() Романскиот премиер Калин Попеску Таричеану во четвртокот (7-ми јули) изјави дека неговиот кабинет ќе поднесе оставка и дека ќе бидат распишани предвремени избори. [AФП] |
Шест месеци по доаѓањето на власт, романскиот премиер Калин Попеску Таричеану ја објави оставката на својата коалициска влада. Во изјавата за новинарите во четвртокот (7-ми јули) тој рече дека владата ќе се повлече по својот состанок на 14-ти јули, отворајќи го патот за предвремени парламентарни избори, кои, најверојатно, ќе се одржат на 2-ри октомври.
Официјално, причината за овој потег е одбивањето од страна на Уставниот суд на законите за судските реформи, кои владата ги сметаше за суштински за влезот на Романија во ЕУ. „Правните реформи сега се блокирани и решението е да се вратиме кај гласачите ... и да чекаме пресуда“, рече Таричеану, обвинувајќи дека судот е под доминација на поранешната владејачка партија, Социјалдемократската партија (ПСД), и дека ги штити своите привилегии дури и по цена на иднината на Романија во ЕУ.
Претседателот на Демократската партија (ПД), една од двете партии во владејачкиот Сојуз на правдата и вистината (ДА), исто така имаше остри зборови за судот. „Со ова одбивање пристапот е компромитиран, како и реформите на правниот систем. Ние бевме избрани да ги спроведеме реформите и сакаме да видиме дали луѓето се уште сакаат тоа да се случи“, рече Емил Боц.
Парламентот може да ги одбие судските одлуки со двотретинско мнозинство, но владејачката коалиција не може да собере толку гласови. Поголем број политички аналитичари сметаат дека главниот фактор зад одлуката за распишување на предвремени избори е желбата на ПД и Национал-либералната партија (ПНЛ) - двете партии во сојузот ДА - за зајакнување на тесното мнозинство со зголемување на нивниот број на места во двата дома на парламентот.
Сојузот ДА освои околу 30 отсто од гласовите на парламентарните избори во ноември 2004 година, додека ПСД освои 37 отсто. Но, победата на тогашниот водач на ПД, Трајан Башеску, на претседателските избори доведе до создавање на централно-десничарска коалиција на двата партнери во ДА и две помали партии - УДМР на етничките Унгарци и Конзервативната партија (ПК), порано позната како Хуманистичка партија, која претходно ја поддржуваше ПСД.
Одлуката на двата главни партнери во коалицијата ги стави помалите коалициски партнери во неизвесност, особено откако неодамнешните анкети на јавното мислење покажаа дека тие, можеби, нема да го исполнат изборниот услов од пет отсто. „Сметам дека ова е неразумна постапка“, рече високиот член на УДМР Ѓурѓу Фрунда во изјавата за радиото откако Таричеану ја објави одлуката. Портпаролот на ПК, Богдан Чуча, рече дека неговата партија, која го промени своето име и идеолошката ориентација по влегувањето во коалицијата „ќе разговара за новата ситуација во текот на следните денови“.
Извори во ПСД велат дека партијата ќе ги покани двете помали партии да й се приклучат во следната политичка битка.
Некои коментатори сметаат дека Башеску е поттикнувачот на оставката на владата. Тој се залага за предвремени избори уште откако владата беше составена.
ПСД ги опишува превремените избори како тактика на Башеску „за освојување на целата власт во државата“, како што рече претседателот на партијата, Мирчеа Џоана. „Меѓутоа, сигурно е дека Романија нема да влезе во ЕУ во 2007 година поради оваа одлука“, предупреди тој.
Но, Џонатан Шеле, шефот на делегацијата на Европската комисија во Романија, го кажува спротивното. „Оставката на владата на Таричеану нема да има влијание врз процесот на пристапување ако привремената влада биде способна да се справи со преземените обврски“, изјави тој за Радио Микс ФМ.
Според уставот, распишувањето на предвремени избори не е едноставна процедура. Претседателот мора најпрво да го распушти парламентот, а тоа може да се случи само ако двата законодавни дома го одбијат премиерот двапати едноподруго. Според некои набљудувачи, не е сосема исклучено опозициските пратеници да гласаат за актуелната влада, за да се одбегнат избори, кои би можеле да резултираат со понатамошни загуби за ПСД. Пратениците од помалите коалициски партнери, исто така, би можеле да ја поддржат владата за да ги задржат своите работни места.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's