УС Стил - Србија ја рестартираше високата печка

30/06/2005

УС Стил, која ја купи српската железарница Сартид пред две години, повторно ја отвори печката во Смедерево, на околу 45 километри јужно од Белград. Овој потег се очекува да помогне за двојно зголемување на годишното производство на железарницата на 2,3 милиони тони.

Од Душан Косановиќ за Southeast European Times во Белград -- 30/06/05

photo

УС Стил - Србија, порано позната како Сартид, е најголемиот српски извозник, со фабрики во Смедерево, Шабац и Кучево. [УС Стил]

УС Стил - Србија (УССС) ја отвори својата најдобра висока печка на 22-ри јуни, со инвестиција од 27,4 милиони евра. На церемонијата во Смедерево, на околу 45 километри југоисточно од главниот град, присуствуваше српскиот претседател Борис Тадиќ, премиерот Воислав Коштуница, американскиот амбасадор во Белград, Мајкл Ц.Полт и други високи функционери.

Рестартирањето на високата печка, која не беше во функција 18 години, ќе помогне во зголемувањето на извозот на смедеревската железарница на 1,6 милиони тони оваа година и потоа негово двојно зголемување на 2,2 милиони тони годишно, рече генералниот директор на УССС, Мајкл Федоренко.

Ова се случува две години откако УС Стил, со седиште во Питсбург, ја купи единствената српска железарница и нејзините шест фабрики од стечај за 19 милиони евра. Новиот менаџмент вети дека ќе инвестира 124,1 милиони евра во текот на следните пет години. Досега вложи 107,6 милиони евра.

УССС, порано позната како Сартид, е најголемиот српски извозник денес, со фабрики во Смедерево, Шабац и Кучево. Оваа железарница извесува 65 до 70 отсто од вкупниот извоз во Европа и Средниот Исток. Вкупниот извоз на претпријатието за 2004 година изнесуваше 347,6 милиони евра. Во првите четири месеци од оваа година, железните и челичните производи сочинуваа 16,7 отсто од српскиот извоз од 1,13 милијарди евра, како што објави српската Стопанска комора.

Претседателот и генерален директор на УС Стил, Џон Сурма, го опиша 22-ри јуни како историски ден за претпријатието, Смедерево и цела Србија. Според Сурма, постојат голем број можности за соработка во прашањата од национален интерес.

Тадиќ се согласи, поканувајќи ги претставниците на УС Стил да помогнат во промовирањето на американските инвестиции во земјата.

„Челикот произведен во Смедерево не претставува само производ, туку и симбол на силните американско-српски врски“, им рече Коштуница на новинарите.

УС Стил - Србија има вработено 8.850 лица и вети, како дел од своето купување на Сартид, дека ќе ги задржи три години. Властите велат дека нема планови за масовни отпуштања по завршувањето на тој период во 2006 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading