23/06/2005
Археолозите, екологистите и меѓународните невладини организации се здружуваат во обид да најдат начин да го спасат археолошкиот локалитет кој ќе биде поплавен овој ноември од водите од новата брана.
Од Алан Чове за Southeast European Times – 23/06/05
![]() Градот Алианои, стар 1.800 години, ќе биде поплавен во ноември од браната Јортанли. [Архива] |
Најстариот познат термален град во светот, Алианои, ќе биде поплавен кога браната Јортанли ќе започне да функционира овој ноември. Лоциран во самиот центар на планираното езеро на браната, тој ќе потоне околу 17 метри под вода. Ако не се најде решение, Турија би можела да изгуби еден значаен историски локалитет.
За да помогнат да се спаси градот стар 1.800 години, екологистите и другите доброволци ја основаа Иницијативната група Алианои, со слоганот: „Не дозволувајте Алианои да биде поплавен“.
„Историја од 2.000 години е жртвувана за проект стар 50 до 60 години. Не велам дека браната не треба да се изгради, но проектот треба да биде модифициран на начин кој ќе спречи уништување на Алианои“, рече портпаролот на групата, Ариф Али Чанги.
Таа доби поддршка од ЕУ, која неодамна финансиски ги поддржа напорите за зачувување на Алианои во рамките на програмата „Култура 2000“. Паневропската федерација за наследство -- непрофитабилна организација составена од повеќе од 200 невладини организации -- му се придружија на Европскиот совет и УНЕСКО во писмото до турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул, барајќи помош за спасување на Алианои и неговите римски бањи.
Со оглед на тоа што турската влада, сепак, изрази цврста намера за отворање на браната според закажаното, археолозите започнаа масовен напор за спасување на артефактите откриени на местото пред тоа да биде поплавено. Од 1994 година откриени се голем број скулптури, керамички предмети, метални предмети и стаклени артефакти, кои датираат од римскиот до византискиот период. Државната агенција за води (ДСИ) излезе со план за местото, предлагајќи античките градби да бидат прекриени со глина за да не бидат оштетени под водата. Археолозите велат дека тоа едноставно ќе предизвика понатамошна штета. Друг пристап кој се разгледува е преместувањето на термалните градби на друга локација.
Селаните во оваа област, од кои многумина заработуваат за живот од земјоделство, имаат измешани чувства. Браната ќе обезбеди вода за наводнување. Но, поплавувањето на Алианои, исто така, ќе уништи дел од културното наследство на Турција, како и потенцијалот за привлекување на туристи.
Низ целата историја Алоанои е познат како „родно место на богот на здравјето Асклепион“. Изграден во елинистичкиот период, тој станува популарен во вториот век за време на владеењето на римскиот император Адријан. Петнаесет века тој ужива репутација на извонреден центар за лекување, каде што подземните води достигнуваат топлина од 45 до 55 степени целзиусови.
При неодамнешните ископувања откриени се две богато украсени порти, со извонредно чисти мермерни плочи, продавници, куќи со перфектно заштитени мозаици, големи плоштади, јавни фонтани и сенки -- места за одмор по бањата. Последните откритија се едни од најсовршено заштитените досега на еден археолошки локалитет, поради покриеноста со алувијална земја.