05/05/2005
Бугарија и Србија и Црна Гора минатиот месец се согласија да ги поедностават процедурите за контрола на границата за патниците и товарните возови што преминуваат од едната земја во другата.
Од Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија -- 05/05/05
![]() Железничката станица во српскиот град Димитровград ќе функционира како пограничен премин од 1-ви јануари 2006 година. [Архива] |
Бугарија и Србија и Црна Гора минатиот месец потпишаа договор за отворање на првиот заеднички пограничен премин и железничка станица на Балканот. Целта на договорот, потпишан на 15-ти април, е да се намали значително времето што им е потребно на патниците и товарните возови за да преминат од една во друга земја. Исто така, се очекува да се зајакне и товарниот сообраќај долж патот Белград-Софија-Истанбул.
Договорот за пограничната контрола и процедурите за сообраќање на возовите, беше потпишан од страна на бугарскиот заменик-премиер и министер за транспорт и комуникации Николај Василев и српскиот министер за капитални инвестиции Велимир Илиќ. На церемонијата на потпишување во српскиот пограничен град Димитровград присуствуваа бугарскиот и српскиот премиер Симеон Саксобурготски и Воислав Коштуница.
Железничката станица во Димитровград, која ќе биде реновирана и модернизирана, ќе почне да функционира како заеднички бугарско-српски пограничен премин од 1-ви јануари 2006 година.
Моментно, еден патнички воз го поминува растојанието помеѓу Белград и Софија за околу 9,5 часа. Од следната година на патниците ќе им бидат потребни 6 часа да ја поминат таа дестинација, бидејќи тие повеќе нема да мора да поминуваат преку четири погранични премини, за што е потребно околу три до четири часа. По стапувањето на сила на новиот план, заеднички тимови на полицијата и царината од двете земји ќе ги завршат проверките во една операција, која нема да трае повеќе од 30 минути. Исто така, времето што товарните возови го поминуваат на границата се очекува да се намали од 12 на 5 часа.
Бугарските и српските експерти предвидуваат значително зголемување на товарниот сообраќај долж патот Белград-Софија-Истанбул од пан-европскиот коридор 10, како резултат на поедноставувањето на процедурите на погранична контрола. Властите во Софија, исто така, сметаат дека бројот на странските туристи што патуваат со воз до бугарските туристички места на Црното Море, најверојатно, ќе се зголеми.
Србија и Црна Гора беше третиот најголем учесник во странскиот туризам на Бугарија во 2004 година, кога скоро 577.000 нејзини државјани избраа да го поминат својот одмор таму.
Двете железнички линии, паралелни една со друга, ги симболизираат патиштата на двете земји кон напредокот, модернизацијата и кон Европа, Бугарската новинска агенција го цитира Саксобурготски од церемонијата во Димитровград. Коштуница рече дека иницијативата покажува дека границите може да бидат отворени во Југоисточна Европа и дека во овој регион може да се создадат, исто така, европски граници.
Изминативе две години беа одбележани со значително подобрување во трговската и економската соработка помеѓу Бугарија и Србија и Црна Гора, се вели во соопштението на бугарската влада. Обемот на билатералната трговија се зголеми за 50 отсто од просечниот, достигнувајќи скоро 309 милиони евра во 2004 година.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's