Грција ќе ги приватизира јавните организации

25/04/2005

Во обид да ги зголеми приходите, грчката влада планира да ги продаде своите акции во голем број организации, со акцент врз транспортната индустрија и игрите на среќа.

Од Василис Василиу за Southeast European Times во Атина – 25/04/05

photo

Повеќе од пет групи поднесоа понуди за купување на „Олимпик ерлајнс“, кој со години се бори со финансиски проблеми. [ОА]

Соочена со сериозни буџетски проблеми, грчката влада бара начини за зголемување на приходите, вклучувајќи ја и приватизацијата на државните претпријатија. Претходно овој месец Меѓународниот комитет за приватизација одлучи да го забрза процесот на децентрализација на шест јавни организации.

Министерот за економија и финансии, Јоргос Алогоскуфис, министерот за развој, Димитрис Суфас, и министерот за вработување и социјални работи, Панос Панајотопулос, ги наведоа приоритетите на проектот, кој треба да биде завршен до крајот на 2005 година. Прво на листата е претпријатието „Олимпик ерлајнс“, кое се очекува да биде продадено во текот на следниот месец. Националниот превозник со години се наоѓа во тешка финансиска состојба и последниот обид за негова продажба заврши без успех. Сепак, овој пат повеќе од пет групи поднесоа понуди, што значи дека авиокомпанијата би можела наскоро да добие ново раководство.

Поштенската штедилница ќе биде ставена на продажба на Атинската берза до октомври. Владата, исто така, ја разгледува можноста за продажба на 25 отсто од Атинскиот меѓународен аеродром. Аеродромот беше избран за најдобар во Европа и втор во светот во истражувањето што го спроведе Меѓународното здружение за воздушен транспорт во 2003 година. Најверојатен купувач е „Хочтиф“, германско претпријатие кое учествуваше во конзорциумот што го изгради аеродромот. Преговорите се закажани за наесен.

Покрај тоа, комитетот ја разгледува можноста за продажба на Организацијата на пристаништето Пиреа. Пиреа е најфрекфентното пристаниште во Европа за големи патнички бродови, со 101 милион патници годишно. Понатаму, пристаништето ќе ги модернизира механизмите за товарење со цел да го зголеми капацитетот за комерцијално превезување. Голем број превозни претријатија изразија интерес да бидат ко-сопственици и ко-менаџери на пристаништето.

Сепак, најдинамични промени, најверојатно, ќе има во областа на игрите на среќа, која во Грција подлежи на строги закони. Властите предлагаат продажба на уште 15 отсто од акциите во грчката лотарија ОПАП. Со тоа државата би останала со помалку од 50 отсто од акциите, но се очекува да го зачува своето мнозинство во менаџерскиот одбор на организацијата. Грција моментно не дозволува приватни претпријатија за игри на среќа, освен лиценцирани казина, но, според законите на ЕУ, земјите-членки треба да ја либерализираат оваа индустрија.

Во меѓувреме, владата најверојатно ќе преземе чекори за целосно приватизирање на најголемото казино во земјата -- Монт Парнес, северно од Атина. Исто така, се очекува повторно да ги легализира автоматите за коцкање, по петгодишната забрана поради недоволната контрола од страна на властите. На крајот, владата одлучи да ја продаде целосно ОДИЕ, организацијата за коњски трки.

Аналитичарите велат дека приватизацијата на државните организации би можела да има позитивно влијание врз грчката економија, доближувајќи ја земјата до стандардите на ЕУ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading