Хрватска се соочува со сé поголем притисок за предавање на обвинетиот за воени злосторства на Хашкиот трибунал

07/03/2005

Хрватска има уште неколку дена да го предаде клучниот обвинет за воени злосторства на Трибуналот на ОН за воени злосторства, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, предупредувајќи дека ако тоа не биде сторени, би можело да дојде до одложување на почетокот на разговорите за пристап.

(Гардијан - 07/03/05; ХИНА - 06/03/05; AФП, ББС Мониторинг - 05/03/05; Ројтерс, ЕурАктив - 04/03/05)

photo

Анте Готовина, генералот во бегство, мора да биде уапсен во текот на следните десет дена за да започнат навреме разговорите за пристап на Хрватска со ЕУ. [Архива]

Времето за Хрватска да докаже дека целосно соработува со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) истекува, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. Во интервјуто објавено во хрватскиот дневен весник <I>Јутарњи лист</I> во саботата (5-ти март) Рен предупредува дека ако пензионираниот генерал Анте Готовина не му биде предаден на Хашкиот трибунал, можно е разговорите за пристап да не започнат на 17-ти март, според закажаното.

„Се надевам дека [властите] ќе бидат успешни во исполнувањето на целта за пронаоѓање и предавање на Готовина, за да може преговорите да започнат навреме“, рече Рен. „Но, времето е кратко и тие мора да направат сé што е можно во времето што преостана.“

49-годишниот Готовина е еден од тројцата најбарани обвинети од страна на МКТЈ. Тој е обвинет за воени злосторства извршени од страна на војниците под негова команда кон крајот на конфликтот во Хрватска во периодот 1991-1995 година, вклучувајќи ги и убиствата на најмалку 150 Срби од Краина и протерување на десетици илјади други. Готовина, поранешен припадник на Француската легија на странци, е обвинет и во Франција за изнудување, грабеж на банка и киднапирање.

Генералот се наоѓа во бегство скоро четири години. МКТЈ и другите западни официјални претставници сметаат дека него го заштитува мрежа поддржувачи, меѓу кои и високи официјални претставници.

Во декември водачите на ЕУ дадоа зелено светло за почеток на разговорите за членство на 17-ти март, но истите ги условија со предавањето на Готовина на МКТЈ.

Хрватските власти велат дека ги зајакнале напорите за фаќање на бегалецот во последниве недели, истовремено продолжувајќи со тврдењата дека тој не се наоѓа во земјата. Цитирајќи дипломатски извори на ЕУ, Ројтерс во петокот објави дека Хрватска на неколку земји-членки им предложила договор за поддршка на нејзината кандидатура.

„Хрватите предложија започнување на разговорите дури и без потврда на МКТЈ за целосна соработка“, Ројтерс цитира неименуван дипломат. „За возврат ЕУ ќе испрати мониторинг тим, на пример во хрватското Министерство за правда, за да може да потврди дека хрватската Влада ја кажува вистината кога вели дека не може да направи ништо повеќе.“

Сепак, Рен и повеќето други европски официјални претставници се чини дека се согласуваат со главниот обвинител на ОН, Карла дел Понте, која минатиот месец пред ЕУ изјави дека Готовина е на дофат. Таа рече дека ако имаа политичка волја за тоа, хрватските власти досега ќе го имаа уапсено.

Во четвртокот амбасадорите на ЕУ треба да разговараат за статусот на кандидатурата на Хрватска за членство во ЕУ. Министрите за надворешни работи на земјите-членки се очекува да донесат конечка одлука за тоа дали разговорите треба да се спроведат според планираното откако тие ќе ја добијат новата проценка на Дел Понте.

Во телефонското интервју за хрватската новинска агенција ХИНА портпаролот на Дел Понте рече дека тешко може да се очекува дека обвинителот ќе потврди дека Хрватска го исполнила условот без Готовина да се најде на оптуженичката клупа. „Ставот на Трибуналот е дека она што мора да се направи како дел од целосната соработка сé уште не е направено“, рече Флоренс Хартман.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading