11/02/2005
На помалку од една година до завршувањето на полициската мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина, шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, вели дека истата постигнала значаен напредок.
(Новински центар на ОН, ЕУ - 10/02/05; EUPM)
![]() „Со влегувањето на мисијата на [EУ] во последната година од мандатот, таа се наоѓа во добра позиција за во партнерство со локалните власти да ја комплетира својата примарна директива - поставување на одржливи и ефикасни полициски поставки во Босна и Херцеговина“, се вели во извештајот. [AФП] |
Полициската мисија на ЕУ (ЕУПМ) во Босна и Херцеговина (БиХ) постигна цврст напредок кон воспоставувањето на меѓународно квалификувани сили во земјата, се вели во извештајот на шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, до Советот за безбедност на ОН, објавен во четвртокот (10-ти февруари). Покривајќи ги последните шест месеци од 2004 година, тој претставува четврт извештај за активностите на првата операција на Унијата од овој вид од нејзиното започнување на 1-ви јануари 2003 година.
ЕУПМ беше формирана како продолжение на операцијата на Меѓународните полициски оперативни сили на ОН, со седиште во Сараево. Сите сегашни членки на ЕУ, со исклучок на Малта, и девет земји кои немаат статус на членки учествуваат во силите составени од 862 припадници, меѓу кои и 61 меѓународни цивили и 329 припадници на персоналот од БиХ. Со мандат да врши мониторинг, менторство и инспекција на активностите, целта на мисијата е градење на полициски сили способни за функционирање во согласност со меѓународните стандарди. ЕУПМ, чиј мандат истекува на крајот од оваа година, располага со годишен буџет од 38 милиони евра.
Мисијата има четири стратешки приоритети: градење на институциите и функциите, борба против организираниот криминал и корупцијата, помагање на локалната полиција да добие финансиска остварливост и одржливост, како и промовирање на независноста и одговорноста.
„Постигнат е видлив и силен напредок, особено во зајакнувањето на државните агенции за спроведување на законот и во врска со унапредувањето на принципите на одржливост и локална сопственост“, се вели во извештајот на Солана.
ЕУПМ го исполнува својот мандат со спроведување на конкретни програми, подготвени во партнерство со локалната полиција и со цел да ги задоволат нејзините потреби. Седум суштински тековни програми се фокусираат на клучните области на експертиза и методот неопходен за доближување на полицијата во оваа балканска земји до стандардите на ЕУ, со истовремено гарантирање дека истата е ослободена од мешањето на политиката. Две од програмите се насочени кон државните институции, а другите пет се тематски.
На пример, целта на Програмата за внатрешни работи е воспоставување на сигурен и транспарентен внатрешен систем на контрола во рамките на агенциите на БиХ за спроведување на законот во согласност со најдобрата меѓународна практика. Целта на друга тековна иницијатива е проширување на ингеренциите на Државната агенција за истраги и заштита, со што би се овозможила поефикасна борба против големиот и организиран криминал, перењето пари, шверцот со дрога и оружје.
ЕУПМ обезбедува совети во процесот на воведување на нови закони за надзор на Државната погранична служба. Исто така, се прават силни напори за подобрување на ефикасноста на системот за разузнавање на земјата и осигурување на неговото функционирање во сите ентитети и полициски агенции.
Друг придонес на ЕУПМ што Солана го наведува во својот извештај е нејзиниот целосен ангажман во тековните напори кон создавање на единствена државна полициска структура во БиХ, во согласност со директивата на високиот претставник Педи Ешдаун, откако Република Српска не успеа да ги уапси осомничените барани од страна на Трибуналот на ОН за воени злосторства.
„Со влегувањето на Мисијата во последната година од мандатот, таа се наоѓа во добра позиција, во партнерство со локалните власти, да ја комплетира својата примарна директива - поставување на одржливи и ефикасни полициски аранжмани во Босна и Херцеговина“, заклучува Солана.