31/01/2005
ЕУФОР продолжува со собирањето на оружје од локалното население во БиХ, продолжувајќи ја програмата за собирање на оружјето која произлезе од НАТО, операцијата „Жетва“.
Од Бет Кампшрор за Southeast European Times во Сараево - 31/01/05
![]() Војник од босанските Срби го гледа оружјето собрано со операцијата на СФОР „Жетва“ во април 2004 година. ЕУФОР, кој ја презеде мисијата во БиХ, ја продолжува програмата „Жетва“. [AФП] |
Мировната мисија на НАТО во Босна и Херцеговина (БиХ) можеби заврши, но тоа не значи дека е запрена и нејзината долготрајна операција за собирање на военото оружје. Европските здружени сили (ЕУФОР) продолжуваат со операцијата, под исто име и со иста цел -- на крајот да им ја предадат работата на локалните власти.
Бидејќи илјадници луѓе во Босна и Херецеговина (БиХ) ги сочуваа сочуваа своите пушки и гранати по завршувањето на конфликтот 1992-1995 година, СФОР ја започна операцијата „Жетва“ на крајот од 1990-тите за да го собере ова и другото оружје. Секој кој доброволно ќе го предаваше оружјето добиваше целосна амнестија.
Војниците на ЕУФОР кои ја презедоа мировната мисија на почетокот од декември, не губеа време за да ја продолжат операцијата. Во првите шест недели од нивниот мандат, војниците на ЕУФОР спроведоа операции „Жетва“ низ цела БиХ, при што исходот беше: 1.500 парчиња лесно оружје, 200.000 куршуми, 2.000 рачни гранати, 100 мини и 300 килограми експлозив.
Бројките, рече портпаролот на ЕУФОР, се доследни со оние на СФОР и истите докажуваат дека имало смисла да се продолжи програмата.
„Причината за операциите „Жетва“ се истите за ЕУФОР како што беа и за СФОР“, рече портпаролот на ЕУФОР, капетан на корвета Крис Персивал. „Нелегалното оружје е опасно. Него можат да го користат и криминалците. Постојаниот прилив на оружје, кој не покажува знаци на намалување, е доказ дека тоа е сé уште проблем.“
ЕУФОР има три различни видови операции „Жетва“. Во првата, војниците му навестуваат на градот или населбата дека ќе дојдат во одреден ден и дека на тој ден луѓето можат да го остават оружјето на пунктовите за собирање на оружје. Другиот вид се состои во тоа што војниците чукаат на вратите и прашуваат дали има нешто за предавање. Секој кој ќе го предаде оружјето во рамките на овие два вида операции не се соочува со проблеми, бидејќи на сила останува амнестијата.
Третиот вид се заснова на информации, што значи дека на пример, војниците преземаат дејство откако некој ќе пријави постоење на скривалиште за оружје во една од 45-те куќи на Тимовите за врски и набљудување (ЛОТ) низ земјата. Тимовите на куќите ЛОТ -- што значи дека војниците живеат во куќа на локалната заедница -- исто така й помагаат и ја советуваат локалната полиција за спроведување на нивни сопствени операции „Жетва“.
Радован Пејиќ, портпарол на Источно-сараевскиот центар за јавна безбедност (ЦПС) во Пале, рече дека подобреното мислење од страна на јавноста за локалната полиција е уште една причина за тоа што нивните операции „Жетва“, што се спроведуваат двапати месечно, покажуваат резултати.
„Голем број украдени возила се вратени, ние се бориме со економскиот криминал и другиот сериозен криминал“, рече тој. „Голем број нерешени кривични дела кои го нарушуваат редот и мирот тука се намалуваат. Резултатот од нашата работа значи дека граѓаните й веруваат на полицијата сé повеќе.“
Источно-сараевскиот ЦПС работи со ЕУФОР за спроведување на најголемата операција „Жетва“ на средината од февруари. Пејиќ рече дека не забележал промени во „Жетва“ откако ЕУФОР ја презеде од НАТО во декември.
„Не гледам никаква посебна разлика -- ние имаме добра соработка и со ЕУФОР“, рече тој.
Соработката помеѓу овој ЦПС и ЕУФОР е она што мировниците сакаат да го постигнат во приближувањето кон долгорочната цел за предавање на сé на локалните власти.