25/01/2005
Главните цели на надворешната политика на Србија и Црна Гора -- добивањето на позитивна Физибилити студија од ЕУ, започнување на разговорите за стабилизација и асоцијација со Унијата и пристапот во програмата на НАТО Партнерство за мир -- се одложени поради несоработката од страна на Владата во Белград со Трибуналот на ОН за воени злосторства.
Од Душан Кошановиќ за Southeast European Times во Белград - 25/01/05
![]() Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, јасно даде до знаење дека напредокот на Србија и Црна Гора кон интеграцијата зависи од исполнувањето на сите меѓународни обврски, вклучувајќи ја и целосната соработка со Трибуналот на ОН за воени злосторства. [Лаура Хасани] |
Помеѓу земјите од Западен Балкан, Србија и Црна Гора пред себе има најдолг пат до интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Владата во Белград си постави три главни цели на надворешната политика за 2005 година: добивањето на позитивна Физибилити студија до април, отпочнувањето на разговорите за стабилизација и асоцијација со ЕУ и влезот во програмата на НАТО Партнерство за мир до крајот на оваа година.
Сите овие цели можат да бидат на дофат. Но, ниту една од нив не може да се достигне додека земјата не постигне видлив напредок во својата соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).
Истакнувајќи ја важноста на ова прашање, шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, ја откажа посетата на Белград закажана за минатата недела, велејќи дека прашањата за кои планирал да разговара со српските водачи не се „доволно созреани за да бидат решени“. Неговите коментари -- кои според мислењето на широката јавност се однесуваат на непредавањето од страна на Белград на воените злосторници на судот на ОН -- уследија по претходната одлука од страна на САД за замрзнување на помошта во висина од 10 милиони американски долари за земјата и повлекување на американските технички советници од српските министерства.
За време на својата посета на Белград во понеделникот (24-ти јануари) комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, јасно даде на знаење дека напредокот на Србија и Црна Гора кон интеграцијата зависи од исполнувањето на сите меѓународни обврски, вклучувајќи ја и целосната соработка со Трибуналот на ОН.
Делегацијата на ЕК во средата пристигна во Белград за да одлучи дали да започне физибилити студија за Србија и Црна Гора. Се чини дека се мали шансите за позитивен исход. Се цитираат изјавите на властите во Брисел дека ќе ја одложуваат студијата бескрајно, наместо да дадат негативен извештај.
Српскиот премиер Воислав Коштуница вели дека Србија е свесна оти физибилити студијата зависи од соработката со МКТЈ и дека тој очекува прашањето „наскоро да биде решено“.
Според српскиот заменик-премиер Мирољуб Лабус -- кој ја предводи партијата Г17 Плус, член на владејачката коалиција -- времето истекува. „Во следните неколку дена мора да се концентрираме на пронаоѓањето на излез од оваа ситуација. Целта е да се добијат позитивни оценка во физибилити студијата. Секој знае што мора да се стори и имаме уште неколку дена да го сториме тоа“, рече Лабус по откажувањето на Солана.
„Сите мои активности во следните денови ќе се фокусираат на она што мора да се стори за да се добијат позитивни критики од Физибилити студијата и сметам дека е важно сите да ги искористиме следните неколку дена за да сториме сé што е можно за таа цел“, додаде тој. Лабус предупреди дека Г17 Плус би можела да ја напушти Владата ако не се направи важен чекор.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's