27/12/2004
Премиерот Калин Попеску Таричеану сега има доволно гласови во Парламентот за формирање на нова влада. Заедно со членството во ЕУ, борбата против корупцијата и поправањето на романските закони за даноците ќе бидат неговите главни приоритети.
Од Гелу Трандафир за Southeast European Times во Букурешт -- 27/12/04
![]() Претседателот Трајан Басеску го испраќа својот претходник, Јон Илиеску, во палатата Котрочени во Букурешт. Басеску и мандаторот Калин Попеску Таричеану рекоа дека ќе преземат итни мерки за реформа на даночните закони во земјата до крајот на оваа година. |
Со освојувањето на поддршката на малата Хуманистичка партија (ПУР), предводена од медиумскиот магнат Дан Воичулеску, централно-десничарскиот Сојуз на правдата и вистината сега се чини дека има доволно парламентарна поддршка за формирање на нова влада. Мандаторот Калин Попеску Таричеану се очекува в среда (29-ти декември) да ја достави својата листа за новиот кабинет до Парламентот.
Национал-либерлната партија (НЛП) ќе има десет министерски места во новиот кабинет, вклучувајќи го и премиерското место, додека Демократската партија (ДП) ќе има осум. Демократската унија на Унгарците ќе има четири пратенички места, додека ПУР ќе има три. Сé на сé, Владата на Таричеану ќе има поддршка од 257 од вкупно 469 пратеници.
Двајца млади експерти се назначени на клучните позиции министер за финансии и за надворешни работи. Министерството за финансии ќе го води 40-годишниот економист Јонут Попеску. 36-годишниот Михаи-Разван Унгуреану ќе го води Министерството за надворешни работи. Тој беше заменик-министер за надворешни работи од 1998 до 2001 година и се смета за главен експерт за безбедност и развој на Балканот. Другите клучни позиции им припаднаа на Моника Мачовеи, популарната адвокатка која го предводи романското претставништво на Хелсиншкиот комитет за човекови права, како министерка за правда и Кодрут Серес како министер за економија и трговија.
Одлуката на Хуманистичката партија за поддршка на НЛП-ДП претставуваше изненадувачки пресврт: само три дена претходно партијата гласаше водачот на социјалистите Адријан Настасе да стане претседател на Домот, а Николае Вакариу на Сенатот. Романските политички аналитичари и понатаму изразуваат сомневање во врска со стабилноста на новата влада. Многумина велат дека очекуваат во рок од неколку месеци да бидат свикани нови избори, за зајакнување на поддршката во Парламентот за реформите потребни за пристапување во ЕУ во 2007 година.
Таричеану и новоизбраниот претседател Трајан Басеску рекоа дека планираат да спроведат итни мерки за реформа на романските даночни закони, воведувајќи рамномерен данок од 16 отсто за бизнисите и индивидуалните лица. Во интервјуто за АП Басеску ги опиша даноците како „еден од моторите на корупцијата“. На планот за рамномерен данок остро се спротивстави поранешниот претседател Јон Илиеску и Социјалистичката партија.
Во својот инаугуративен говор Басеску ја опиша борбата против корупцијата како главен приоритет на неговата администрација, споменувајќи ја оваа тема најмалку седум пати. Што се однесува до надворешната политика одделна најважна точка на агендата е членството во ЕУ, рече Башеску. Сепак, тој, исто така, ја истакна потребата за зајакнување на стратешкото партнерство со САД и со Велика Британија, со цел „да се загарантира националната безбедност на Романија“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's