03/12/2004
Мировната мисија на НАТО во Босна и Херцеговина им беше официјално пренесена на силите на ЕУ на церемонијата во четвртокот. Истовремено, НАТО отвори постојан штаб во Сараево.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 03/12/04
![]() Претседавачот на Претседателството на БиХ, Борислав Паравац (напред), генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер (во средината десно), командантот на силите на НАТО во БиХ, генерал Стивен Шук (во средината лево) и шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, присуствуваа на церемонијата во четвртокот (2-ри декември). [AФП] |
На церемонијата што се одржа во четвртокот (2-ри декември) во кампот Бутмир во Сараево официјално беше одбележано предавањето на мировната мисија во Босна и Херцеговина (БиХ) од СФОР - мисијата на НАТО на ЕУФОР - мисијата на ЕУ, како и отворањето на постојаниот штаб на НАТО во Сараево (НХКСа).
Бригадниот генерал на Американската армија, Стивен Шук - првиот командант на СФОР и прв командант на НХКСа - го покри знамето на СФОР и го откри знамето на НАТО, додека првиот командант на ЕУФОР, генерал-мајорот на британската Кралска армија Дејвид Лики го откри знамето на ЕУ. На церемонијата учествуваше почесната единица на вооружените сили на БиХ, со што го направи своето прво официјално претставување во јавноста.
На церемонијата присуствуваа високи функционери на БиХ, НАТО и ЕУ, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, и шефот за безбедност на ЕУ Хавиер Солана. Двајцата рекоа дека СФОР ја исполни својата задача од Дејтонскиот договор за осигурување на безбедно и сигурно окружување во БиХ.
На прес-конференцијата по церемонијата, Солана рече дека БиХ еден ден ќе влезе во институциите на ЕУ. Кога ќе се случи тоа, додаде тој, зависи од народот во БиХ. „Денес ЕУ презема нова одговорност во вашата земја ... тоа ќе биде направено со истиот дух и со истата ефикасност како нашите претходници од НАТО“, рече Солана. „Се собравме тука за да погледнеме во иднината, незаборавајќи ги лекциите од минатото.“
„Денес е навистина ден за прослава - за БиХ, како и за пошироката меѓународна заедница“, рече Де Хоп Шефер. Тој додаде дека земјата постигнала значаен напредок.
Најдолгата досега мисија на НАТО траеше девет години и во неа учествуваа повеќе од 500.000 војници од 43 земји. Силите им помагаа на властите во БиХ во разоружувањето, уништувањето на нелегалното оружје и фаќањето на обвинетите за воени злосторства.
Со 150 војници во кампот Бутмир, НХКСа и понатаму ќе ги поддржува одбранбените реформи во БиХ и ќе презема оперативни задачи за поддршка, вклучувајќи и контратерористички активности и апсење на лицата кои ги бара Трибуналот на ОН за воени злосторства.
Мисијата на ЕУФОР, наречена „Алтеа“, ќе ја сочинуваат 7.000 војници од 33 земји, од кои 22 се земји-членки на ЕУ. Таа ќе има ист мандат како и СФОР. Лорд Педи Ешдаун, чии должности како висок претставник на меѓународната заедница му се пренесени на местото специјален претставник на ЕУ во БиХ, ќе биде политички водач на ангажманот на ЕУ во БиХ. Примарната задача на ЕУФОР ќе биде осигурување на безбедно окружување. Нејзините мировници ќе ги поддржуваат властите на БиХ во борбата против организираниот криминал и апсењето на обвинетите за воени злосторства.
Претседавачот на Претседателството на БиХ, Борислав Паравац, изрази благодарност до војниците на НАТО и поддршка на силите на ЕУ. Тој рече дека нивната помош е неопходна со оглед на напорите на земјата за пристапување во евро-атланските институции.