16/11/2004
Парламентот официјално ќе ја објави оставката на премиерот Хари Костов на седницата закажана за четврток, со што ќе започне десетдневниот период за време на кој претседателот Бранко Црвенковски треба да додели мандат за формирање на нова влада.
Од Марија Лазарова за Southeast European Times во Скопје - 16/11/04
![]() Македонскиот премиер Хари Костов ја објави својата оставка во понеделникот (15-ти ноември). [Tомислав Георгиев] |
Македонскиот премиер Хари Костов, по пет месеци на функцијата, во понеделникот (15-ти ноември) поднесе оставка. Овој чин, исто така, повлекува и оставка на целата Влада, и покрај тоа што таа ќе остане на власт сé додека не биде избрана нова влада, со цел да се спречи вакуум во власта.
Парламентот ќе ја објави оставката на премиерот на состанокот закажан за четврток, со што ќе започне десетдневниот период кога претседателот Бранко Црвенковски треба да додели мандат за формирање на нова влада. Кој и да го добие мандатот, ќе има рок од 20 дена за составување на свој тим и програма на работење.
„И покрај декларативните заложби, еден од коалициските партнери во власта ја разбира својата улога и местото во Владата само како инструмент за делумно спроведување на политичките процеси на Охридскиот рамковен договор, залагајќи се за итно спроведување на принципот на соодветна и правична застапеност, кој претставува долготраен процес, и покрај значајните резултати во оваа област во изминатите две години“, рече Костов.
Според премиерот, Демократската унија за интеграција (ДУИ) блокираше закони кои не влијаат на меѓуетничките односи, туку се важни за привлекување на странските инвестиции.
„Владата беше блокирана во изминатиов период, дури и за прашања поврзани со некои економски реформи кои поминаа неколку фази од собраниската процедура и претставуваат дел од аранжманите со меѓународните финансиски институции“, рече Костов. „Принципот на поставување услови и замена на експертското и професионалното знаење со политичко пазарење стана практика. Тоа ги стесни можностите за ефикасно работење.“
ДУИ изрази изненаденост од одлуката на Костов. „Како коалициски партнер, ние ниту бевме информирани, ниту имавме какви било најави за неговата оставка. [Неговите] обвинувања против ДУИ се мошне сериозни. Ние секогаш сметавме дека нашата соработка со премиерот е успешна и продуктивна. Досега ние заеднички надминавме неколку сериозни предизвици, како што беше последниот со референдумот“, рече портпаролката на партијата, Ермира Мехмети.
Најголемата партија во владеачката коалиција, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), нема свој водач уште од изборот на Црвенковски за претседател. Конгресот на партијата, првобитно закажан за втората половина од следниот месец, е презакажан за 25-ти ноември. Во следните неколку дена СДСМ ќе мора да одлучи дали нејзиниот нов партиски водач ќе биде и премиер или двете функции ќе бидат поделени.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's