28/10/2004
Официјалните пресметки покажуваат дека повеќе од 10 милиони имитации им се продаваат на Романците секоја година, што резултира со енормни загуби за претпријатијата. Владата презема мерки за решавање на проблемот.
Од Разван Амариеи за Southeast European Times во Букурешт – 28/10/04
![]() Романските работници ги расчистуваат остатоците од уништувањето на пет тона имитации на оригинални патики претходно овој месец во Медгидиа. [AФП] |
Околу 128.000 пара имитации на патиките „Пума“ и „Адидас“ беа изгорени во печките на фабриката за цемент во Медгидиа -- 175 километри источно од Букурешт -- претходно овој месец, во, како што ја опишуваат властите, „најголемата ваква акција во Европа во последниве десет години“. Запленети во Констанца, главниот пристанишен град во земјата и најпрепознатлива точка за влез на фалсификуван стока, патиките, најверојатно, ќе беа продавани за околу десетпати пониска цена од оригиналните производи од истите марки.
Оваа акција претставува дел од острите мерки против оние кои произведуваат, продаваат и увезуваат фалсификувана стока. Според Јонел Бланкулеску, шеф на Националната власт за контрола, подготвената легислатива која има за цел да го реши проблемот наскоро ќе се најде пред Парламентот. Нацрт-законот „предвидува строги казни, како парични казни до [24.438 евра], па дури и затворски казни, за оние што произведуваат, увезуваат и комерцијализираат фалсификувана стока“, рече тој.
Официјалните пресметки покажуваат дека повеќе од 10 милиони имитации им се продаваат на Романците секоја година. Некои купувачи се, најверојатно, измамени, некои сакаат да се покажуваат без да потрошат многу пари, додека на други, едноставно, не им е грижа што купуваат.
Габриел Турку, претседателот на Романското здружение за борба против фалсификувањето (РЕАКТ), вели дека пазарот на фалсификувана стока сочинува 50 до 60 отсто од целокупната стока што се продава во земјата. Сепак, додаде тој, цифрите достигнуваат и „до 80 отсто ако ги земеме предвид парфемите, облеката и чевлите од заштитените имиња, како и мобилните телефони“.
Фалсификуваните играчки и лекови кои се купуваат и продаваат во Романија претежно потекнуваат од Кина, Индија, Турција и Средниот Исток, вели Георгета Митрои, шеф на специјализираната канцеларија во рамките на Националната царинска управа. Другите имитации, сепак, се произведуваат локално. Во индустријата за алкохол 60 отсто од фалсификуваната стока се произведува во Романија. Седумдесет отсто од нелегалниот софтвер и ДВД системите, како и 97 отсто од компјутерските игри се прават во земјата.
Влијанието врз претпријатијата на заштитените имиња е огромно, односно, според РЕАКТ, загубите достигнуваат околу 244 милиони евра годишно. Сепак, претпријатијата не седат со скрстени раце во врска со овие загуби. Некои започнаа информативни кампањи за запознавање на потрошувачите со разликите помеѓу лажните и вистинските производи. Тие, исто така, бараат од властите да ги зголемат проверките на сомнителниот транспорт на стока -- шест такви барања беа поднесени во 2001 година, но минатата година беа поднесени повеќе од 86. Овие проверки, заедно со другите активности, помагаат за намалување на количината на фалсификувани производи присутни на пазарот.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's