26/10/2004
Шефот на УНМИК, Сорен Јесен-Петерсен, вети дека ќе се фокусира на подобрувањето на меѓуетничките односи по парламентарните избори во Косово во саботата. Западните официјални претставници истакнуваат дека бојкотот на изборите од страна на Србите нема да ги одврати напорите во насока на решавање на конечниот статус на провинцијата.
(ВОА, РФЕ/РЛ - 26/10/04; ОН, АП, Ројтерс, УПИ, ББС, РФЕ/РЛ, Радио Б92 - 25/10/04)
![]() Шефот на УНМИК, Сорен Јесен-Петерсен (во средината) и шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Паскал Фиеши (лево) во неделата (24-ти октомври) го посетија Центарот за пребројување на гласовите на Централната изборна комисија. [Африм Хајрулаху] |
Еден од клучните постизборни приоритети во Косово треба да биде обезбедување на похармонични односи помеѓу етничките заедници во провинцијата, рече во понеделникот (25-ти октомври) шефот на УНМИК, Сорен Јесен-Петерсен. Опишувајќи ги изборите во саботата за косовскиот парламент од 120 пратенички места како „пресвртница“ за провинцијата со која управуваат ОН, тој рече дека тие ја истакнаа потребата за „драстично подобрување“ на условите за косовските Срби.
Помалку од 1 отсто од косовските Срби зедоа учество на вторите парламентарни избори во провинцијата по завршувањето на конфликтот во периодот 1998-1999 година. Наведувајќи ја како причина загриженоста за безбедноста по немирите во март, белградските официјални претставници и Српската православна црква побараа од заедницата да ги бојкотира изборите.
Неколку часа по изборите, Јесен-Петерсен изјави дека на некои од косовските Срби кои сакале да гласаат им било одземено нивното демократско право за гласање поради заканите од други лица во нивната заедница. „Очигледно дека има такви, како во Белград, така и во црквата, кои се решени да ги блокираат сите напори ... за создавање на мултиетничко општество кое ќе биде безбедно и сигурно за секого“, рече тој во интервјуто за Ројтерс во понеделникот. „Нивната цел е да докажат дека мултиетничко Косово е невозможно.“
И покрај незначителното учество, косовските Срби ќе имаат претставници во собранието на провинцијата, во кое 20 места се резервирани за етничките малцинства. Половина од нив се за Србите, кои сочинуваат околу 10 отсто од вкупно околу 2 милиони жители на Косово.
„Сега мораме да работиме со легитимните претставници на сита заедници и мора, исто така, да ги повикаме оние кои одлучија да не гласаат или кои биле заплашени да не гласаат“, рече шефот на УНМИК, повикувајќи, исто така, на брзо формирање на нова влада, откако ќе бидат финализирани резултатите.
На изборите победија партиите на косовските Албанци кои се за независност. Најновите прелиминарни резултати во понеделникот покажаа дека партијата на претседателот Ибрахим Ругова, Демократската лига на Косово, води со 45 отсто од гласовите. Демократската партија на Косово, на Хашим Тачи, е втора со 28 отсто од гласовите, додека Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај е трета со 8 отсто од гласовите. Ора, новото граѓанско движење на издавачот Ветон Судои, беше четврто со 6,26 отсто од гласовите. Неофицијално, одѕивот изнесуваше околу 51 отсто.
„Мора да ги послушаме гласовите на оние што гласаа и да ја почитуваме нивната одлука“, рече Јесен-Петерсен. „Косово и неговиот народ се победниците“.
Меѓународната заедница планира да започне разговори за решавање на конечниот статус на Косово, под услов прегледот закажан за средината од 2005 година да покаже дека провинцијата постигнала значаен напредок во исполнувањето на стандардите поставени од страна на ОН во областите како што се: владеењето на законите, правата на малцинствата и дијалогот помеѓу Приштина и Белград.
Изразувајќи жалење поради слабиот одѕив на Србите во саботата, шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, рече дека ова не би требало да ја одложи проценката планирана за следната година. „Мислам дека не треба да ги менуваме целите што ги имавме ... пред изборите“, рече тој по состанокот на ЕУ и НАТО во понеделникот во Брисел.
Исто така во понеделникот портпаролот на американскиот Стејт департмент, Адам Ерели, ги опиша изборите во Косово како „генерално слободни и фер“, но додаде дека администрацијата е длабоко разочарана поради бојкотот од страна на Србите и фактот што некои политичари го обесхрабрија народот да гласа.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's