26/06/2009
Албанскиот премиер Сали Бериша влегува во изборите в недела со уште еден важен настан во прилог на неговата влада -- новозавршениот дел од автопатот кој го поврзува Драч со Косово. Но, блогерите се прашуваат за времето и цената што се плаќа.
Од Мањола Хала за Southeast European Times -- 26/06/09
![]() Албанскиот премиер Сали Бериша се состана со својот косовски колега Хашим Тачи на средината од новоотворениот тунел Калимаш минатиот месец. [Getty Images] |
Само неколку дена пред граѓаните да излезат на гласање, албанската влада во четвртокот (25-ти јуни) отвори дел од патот кој го поврзува пристанишниот град Драч со косовската граница.
Според премиерот Сали Бериша, автопатот е најзначаен настан од независноста на Косово и влезот на Албанија во НАТО. „Ова е коридор на пријателство и мир“, рече Бериша на отворањето на делот од патот Калимаш-Решен, долг 61 километар.
Со 27 најсовремени мостови и тунел долг 5,6 километри, автопатот не беше евтин за изградба, и вкупните трошоци е можно да досигнат повеќе од 1,2 милијарди евра. Критичарите дигнаа тревога околу неговата висока цена, доведувајќи го во прашање прекумерниот број придружни градежни фирми.
Случајот на врховниот суд против министерот за надворешни работи, Лулзим Баша, предизвика дебата. Тој и еден негов помошник беа обвинети дека им дале преференцијален третман на некои претпријатија за време на тендерот, во времето кога Баша го предводеше Министерството за транспорт. Сите обвиненија подоцна беа отфрлени.
Изградбата на албанско-косовскиот автопат долг 171 километар, наречен „патриотски автопат“ од страна на локалното население, треба да заврши следната година.
Албанските блогери размислуваат за проектот со мешавина на гордост и загриженост за начинот на кој истиот се води.
За Juventus, автопатот претставува „грандиозно дело“ со цел „обединување на Албанците и јакнење на нивниот развој“.
TaniBorizani пак, е загрижен дека тунелот набрзина беше завршен со цел да се потпомогнат изборните надежи на владејачката партија. Што ако биле игнорирани безбедносните мерки? Ако работата не е завршена како што треба, тунелот може да стане „втор Гердец“, предупредува тој, мислејќи на експлозијата на муниција во која загинаа 25 лица минатата година.
Hurbinek, всушност, возел на автопатот. „Не можете да си го замислите чувството“, пишува тој со возбуда. „Кога поминувате од едно село до друго за три минути, а порано ви требало 30 минути со автомобил ... на патникот му станува јасно дека се случила просторна револуција.“
Ll не се согласува. „Ќе уживав многу повеќе ако беше изграден во согласност со законот и регулативите“ и по пониска цена, се противи тој.
Кога се работи за милијарди евра, поставувањето приоритети е од клучна важност, посочува treni. „Парите, ообено во големи количини, треба да се инвестираат онаму каде што може да произведат додатна вредност“, пишува тој, повикувајќи ги другите блогери да „ја погледнат катастрофалната состојба во најблиската болница и да размислат што [им] е најважно“.
Важните проекти може да бидат избрзани за да се надомести изгубеното време, предуредува Naimi. Кога ќе се случи тоа, на некои им се припишува заслуга, а на други се посочува со прст. На крајот, „историјата ќе пресуди ... а правдата ќе ги одреди виновниците“.
2009goni ја резимира дебатата. „Кога се преземаат вакви големи акции, разбирливо е дека може да се направат грешки.“ Сепак, додава тој, „ниту една грешка нема да ја ослабне важноста и грандиозноста на овој автопат“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's