10/10/2008
Убиството на ќерката на познатиот адвокат на сред бел ден во Загреб претходно оваа недела ги поттикна блогерите да го доведат во прашање хрватскиот безбедносен систем и политичките реакции.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times -- 10/10/08
![]() Ожалостени луѓе оставаат свеќи пред станот на Ивана Ходак во Загреб. [Давор Коњикушиќ] |
Убиството на 26-годишната Ивана Ходак во Загреб претходно оваа недела, ги покрена Хрватите да зборуваат за безбедноста во нивната држава и организираниот криминал.
Вооружен напаѓач ја застрела Ходак во ходникот на нејзината зграда во околу 11 претпладне. Случајните минувачи рекоа дека виделе маж на возраст меѓу 30 и 35 години, со сива јакна, како истрчува од зградата потоа.
Таткото на жртвата, Звонимир Ходак, е познат адвокат. Тој моментно го застапува поранешниот хрватски генерал Владимир Загорец, кого Австрија го екстрадираше во Хрватска минатата недела за да се соочи со обвиненија дека украл дијаманти вредни 3,5 милиони евра, кои биле искористени како гаранција за договори за оружје во времето на војната. Нејзината мајка, Љерка Минтас Ходак, е поранешна вицепремиерка.
Хрватскиот водач Иво Санадер одговори на убиството на Ходак сменувајќи го министерот за внатрешни работи, Берислав Рончевиќ, министерката за правда, Ана Ловрин, и началникот на загребската полиција, Маријан Бенко. Владата вети дека ќе ја засили борбата против организираниот криминал.
„По убиството на Ивана Ходак на сред бел ден, можеме да кажеме дека хрватскиот безбедносен систем [се распаѓа], пишува Croatian Nauseous News. „Само да ги споменеме нападите врз Душко Миљуш, Игор Раѓеновиќ и Јосип Галинац, кои имаа среќа да се извлечат. Да го споменеме убиството на момчето Лука Риц, кој беше убиен од улични хулигани за неколку стотки и мобилен телефон. Како властите одговорија [на] нападите?“
„Несериозно е да се каже дека Хрватска нема мафија“, пишува Working Room. „Проблемот е дека нашата мафија потекнува од времето на војната во Хрватска, а тоа е болно прашање за нас, така што избегнуваме да говориме за него. Факт е дека Хрватска нема да стигне далеку сé додека ние како држава и општество не сме чесни кон себе и додека не го смениме нашиот систем на вредности.“
„Довербата во системот нема да се врати ако новите министри и новиот началник на полицијата продолжат да тврдат дека хрватската мафија работи без сојуз со владата“, додава блогер на Politika.
„Нив не ги бркаше подземјето, туку мафијата на корумпираните политичари, судии и слични. Тоа е мафијата од која мораме да се плашиме!!!“, инсистира Istina. „Мизерна е земјата каде што министрите се избираат според името и [семејното] потекло.“