Златото й побегна на Србија на Олимпијадата во Пекинг

25/08/2008

Во поголем дел, српските спортисти не можеа да го претворат својот потенцијал во олимписки медали и блогерите прашуваат зошто.

Balkanblogs за Southeast European Times – 25/08/08

photo

Златниот медалист и американски пливач Мајкл Фелпс (во средината), сребрениот медалист Милорад Чавиќ од Србија (лево) и бронзениот медалист Ендрју Лаутерстајн од Австралија стојат на олимпискиот подиум за церемонијата на доделување медали во категоријата 100 метри пеперутка за мажи. [Getty Images]

Српските спортисти немаа многу можности да застанат на подиумот на Летната Олимпијада 2008, иако Милорад Чавиќ може да се гордее со својата минимална разлика со победникот Мајкл Фелпс. Зошто Србите не постигнаа подобри резултати во Пекинг? Блогерите на B92 бараат објаснувања.

За Vracarac92, суштинскиот проблем е недостатокот на национална гордост. Додека српското знаме се креваше во олимпиското село, раскажува тој, кинеските домаќини покажаа повеќе почит отколку српските спортисти.

„Еден се чешаше, друг си го триеше носот, еден друг му шепотеше нешто во уво на својот колега спортист, четврт си ги пикаше рацете во џебовите... Никој од нашите олимпијци не ја пееше националната химна, никој не ја држеше реката на срцето“, пишува тој. „Оваа слика открива многу работи за нас, Србите, за нашата најниска можна точка на национална свест. Според ова, има многу малку српски спортисти кои се готови да дадат сé oд себе за Србија.“

На пример, додава Vracarac92, морате да погледнете само како се однесуваше еден од главните фудбалски клубови, Партизан. На сред Олимписките Игри, тој им нареди на двајца свои играчи да се вратат во Белград. Со таков менталитет во воздухот, пишува тој: „дури и медалите што ги добивме се бонус“!

Drug.clan не се согласува. „Дали еден спортист кој трча за земјата и народот, наместо за себе е побрз?“, прашува тој. „Им аплаудирам на нашите спортисти што не покажаа жар пред симболите на државноста, ставајќи ги рацете на срцето за земјата, нацијата и така натаму ... Доста е со оваа будалаштина дека прво доаѓа нацијата, па црквата, па потоа семејството, и на последно место јас.“

Србија минува низ кризи на идентитетот од секаков вид, смета Antioksidant. „Во моментов има, така да речеме, граѓаните на Србија [имаат чуден став кон] својата сопствена земја, кој се движи од слепо обожавање до екстремен презир ... Но, времињата поминуваат и сé ќе си се среди“, се надева тој.

Според Lidiaz, главен менталитет во земјата не е оној кој промовира достигнувања. „Србија го презира успехот, ги презира оние кои успеваат во нешто. Дали знаете каде е денес Снежана Пајкиќ? Или Вера Николиќ? ... Зошто Јасна Фазлиќ зема американско државјанство, а Наташа Јаниќ унгарско? Само наивните како [Милорад] Чавиќ веруваат дека постојат нормални услови за тренинг и живот.“

„Чавиќ ... пораснал и станал врвен спортист во Соединетите Држави“, одвраќа vnk. „Тој никогаш немал илузија дека државата, директно или индиректно, треба да му ја обезбеди егзистенцијата. Тој студира, плива и отвора опции за себеси. Она што го мачи за враќањето во Србија не е дали државата ќе му даде покрив над главата, туку дали државата може да му обезбеди добри услови за тренинг и дали базенот ќе биде затоплен или не.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading