08/08/2008
Одлуката на највисокиот турски суд да не ја забранува Партијата на правдата и развојот беше олеснување за многумина. Но, дали партијата ја научи лекцијата од своето премреже?
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times во Анкара -- 08/08/08
![]() Жителите на Анкара веат турски знамиња по пресудата зо случајот на АКП. [Getty Images] |
Највисокиот турски суд минатата недела со тесно мнозинство го отфрли барањето на државниот обвинител за забрана на Партијата на правдата и развојот (АКП) поради нејзините наводни антисекуларни активности. Пресудата беше поздравена не само од поддржувачите на АКП, туку и, општо, од Турците загрижени за демократијата, како и од меѓународната заедница.
Во исто време, голем број блогери веруваат дека АКП мора да ја научи лекцијата од овој случај. Тие велат дека таа треба да продолжи со реформска агенда за која има широк консензус, наместо да презема контроверзни чекори кои првенствено го задоволуваат нејзиното базично исламско избирачко тело.
„Ова е историска одлука за демократијата и стабилноста“, пишува ercanulgur. „Долго време сите ние во Турција страдавме од политичката неизвесност создадена со овој случај. Одлуката на судот претставува победа за владеењето на правото, демократијата и нашата економија.“
Medyatiki верува дека обвинението на обвинителот против АКП беше „срам за демократијата“ и дека одлуката на судот стави крај на ваквиот срам. Но, оние кои доведоа до тоа Турција да изгуби значајно време и енергија со овој случај треба да ја платат цената, верува тој.
„Постои потреба за сериозна реформа во правото и судството. Ни треба нов цивилен устав“, пишува Медиатики.
Hacovali, 28-годишен блогер, изразува загриженост во врска со пресудата. „Некои тврдат дека оваа пресуда е победа за демократијата, додека други тврдат дека ова е само уште еден чекор кој ќе ја продлабочи кризата“, пишува тој. Што, прашува Хаковали, навистина значи пресудата?
Тој не е сам. Многумина се чудат на недоследноста во однесувањето на судот. Десет од 11 судии се согласија дека АКП станала средишна точка на антисекуларните активности. Но, само шест гласаа за нејзина забрана. Четворица сметаа дека степенот на прекршувањата заслужува предупредување, а не затворање. Според турскиот закон, забраната бара согласност од седум судии.
Пресудата на судот не може да се интерпретира како победа за АКП, инсистира sonsuzluk. Таа е повеќе силно предупредување до владејачката партија. „АКП мора да направи сериозна проценка на политиката што треба да ја води“, пишува тој.
И навистина, премиерот Реџеп Тајип Ердоган веќе сигнализираше промена, ветувајќи дека ќе бара „национално единство“ и обновување на реформскиот процес на ЕУ.
Karadayi на крајот ја критикуваше АКП за создавањето огромен медиумски и јавен притисок пред пресудата на судот. Сепак, тој ги поздравува умерените коментари на Ердоган. „Се надевам дека АКП ќе почне навистина да ја поддржува демократијата, владеењето на правото, и најважно од сé, секуларниот принцип“, пишува тој.