11/07/2008
Кандидатката за ЕУ Турција покажа дека исламот може да коегзистира со секуларната демократија, глобализацијата и современоста. Но, новата политичка криза фрла загрижувачка сенка.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 11/07/08
![]() Пензионираниот генерал Хурсит Толон беше уапсен во Истанбул на 6-ти јуни, за време на истрагата за Ергенекон. [Архива] |
Во последниве недели се зголемија тензиите помеѓу турските секуларисти и раководството во земјата, кое има корени во политичкиот ислам, ескалирајќи на нови нивоа. Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) се соочува со можноста да биде затворена од страна на Уставниот суд врз основа на тоа дека го поткопува секуларниот систем на Турција.
Во меѓувреме, истрагата поддржана од владата доведе до апсења минатата недела на пензионираните генерали и други истакнати фигури познати како остри критичари на власта. Тие, наводно, биле вмешани со терористичката група наречена Ергенекон, која властите ја обвинуваат дека ковала заговор за атентати и социјални немири со цел да се предизвика државен удар.
Меѓу притворените се и пензионираните генерали Хурсит Толон и Сенер Ерјугур, кој претседава со здружението Ататуркска мисла, како и бизнисмените Синан Ајгун и новинарот Мустафа Балбај, кого полицијата го ослободи по неколку дена. Полицијата сé уште трага по Турхан Чомез, поранешен пратеник на АКП, кој се сврти против својата поранешна партија.
Секуларната опозиција ја опиша истрагата како „судење од одмазда“, додека весниците наклонети на АКП пишуваат за мрежата екстремистички секуларисти решени да ја соборат власта по секоја цена.
Дали турската демократија се соочува со закана или земјата ќе успее да изнајде начин за излез од кризата? Земјата е длабоко поларизирана и турските блогери, исто така, покажуваат остра поделеност.
„Оваа истрага против [Eргенекон] треба да продолжи со решителност и храброст“, пишува bektasazizoglu. „Во една демократска држава со владеење на правото, не само државните удари, туку и каков било обид за државен удар или одбрана на истиот претставува кривично дело со строги казни. Овие последни истраги се чекор напред кон една целосно демократска Турција.“
Tumener исто така ја поддржува истрагата, но со услов. „Оваа истрага треба да биде во согласност со универзалните принципи на човековите права“, вели тој, критикувајќи го притворањето на осомничените пред претставувањето каков било јасен доказ и нивно продолжено држење во затвор пред судењето. „За жал, истрагата против Ергенекон досега личи на Инквизицијата од Темниот среден век. АКП ја користи истрагата за заплашување на критичарите.“
Еден друг блогер, omerozdamar, изразува длабок песимизам. „Можеме ли да кажеме дека постои функционална демократија и владеење на правото во оваа земја? Не, тоа не постоеше во минатото и не постои ни денес“, пишува тој. Според него, демократската реторика на АКП не може да се сфати сериозно, ако доаѓа од една партија која -- како што тврди блогерот -- ги експлоатира верските чувства на масите.
Актуелното натегање не е поврзано ниту со демократијата, ниту со секуларизмот, инсистира alfacilllin. Тоа е едноставно борба за власт помеѓу различните фракции за контрола на државата. „Зар не заслужуваме демократија, слобода, добробит и просперитет? Зар не е наше право да имаме живот ослободен од страв?“, прашува тој.
Многу популарниот блогер, neseevrim, ги критикува, како што ги нарекува, двојните стандарди на АКП во врска со независноста на судството. Кога станува збор за случајот за затворање на партијата, таа се жали за „судски удар“, пишува таа. Но, кога станува збор за истрагата против Ергенекон, АКП тврди дека судството дејствува независно. Според neseevrim, она што Турција го искусува денеска се граничи со „дуел“ меѓу секуларистите и политичките исламисти, додека правото е едноставно пушка во нивните раце.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's