25/04/2008
Градоначалникот на Букурешт ја вжешти битката на ривалските кандидати за номинациите на нивните партии.
Од Пол Чиочиу за Southeast European Times во Букурешт – 25/04/08
![]() Христијан Диаконеску од ПСД. [Габриел Петреску] |
Романија ќе одржи локални избори на 1-ви јуни. Во Букурешт градоначалничката трка веќе се претвори во драма. Откако првичиот главен фаворит беше предизвикан од страна на неговиот ментор за номинацијата, на социјалдемократите (ПСД) им требаше скоро месец за да одлучат за кандидатот.
Сорин Опреску, познат хирург кој претходно имаше две неуспешни кампањи, ужива широка репутација како ас во ракавот на ПСД. Сепак, на неговиот пат стои градоначалникот на округот 5, Овидиу Вангели, кој му должи многу во својата политичка кариера на Опреску.
Внатрешната расправија, која трае со недели, покажа дека партиските рангови се јасно поделени помеѓу двата ривали. Конечно, ПСД се реши за компромисен кандидат -- поранешниот министер за правда и актуелен портпарол на ПСД, Кристијан Диаконеску. Набљудувачите во него гледаат неконвенционален политичар, кој покажа тактичност и софистицираност. Во меѓувреме, Опреску поднесе оставка од партијата и се приклучи на трката како независен.
Помеѓу блогерите, изборот на Диаконеску е пречекан со аплаузи и свирежи. Оваа номинација е „пред сé сигурна добивка за Букурешт ... но и за ПСД“, пишува Doc. „Градот заслужува тесна трка за градоначалничкото место, а неговите жители заслужуваат вредни кандидати во изборот.“
Коментирајќи на Doc, Camil, исто така, зазема позитивен став. „Драго ми е за кандидатурата на г-дин Диаконеску бидејќи јас, исто така, сметам дека тоа ќе го подгне нивото на дебатата за време на кампањата“, коментира тој. Истовремено, тој се сомнева дека Диаконеску ќе го победи кандидатот на либералдемократите, поранешниот министер за внатрешни работи, Василе Блага. „Букурешниот длабоковкоренет анти-ПСД-изам, поттикнат од политичките настани во изминатата година и половина, е премногу силен за да се избалансира само поради тоа што ПСД излегува со чесен кандидат“, заклучува Камил.
Itinerant се сомнева дека виртуозната репутација на кандидатот ќе претрпи некои сериозни удари. „Нема да помине долго додека клишеата за „дипломатичноста“ и „елегантноста“ на г-дин Диаконеску не пукнат“, предвидува тој. „Покрај ова, самата партија решавачки ќе влијае на неговото однесување за време на кампањата, така што ќе бидеме сведоци на ситуации кога ќе се послужи со популизам.“
„Јас сметам дека номинацијата на Диаконеску е голема грешка“, размислува Partizanu. „На букурештаните не им треба некој со крут костум, туку некој со здрава логика, вредна личност, кој ќе го претставува начинот на кој Букурешт изгледа денес. Покрај ова, букурештаните го гледаат како компромисно решение за ПСД, и јас се сомневам дека ќе гласам за него -- главно бидејќи повеќето гласачи ќе бидат разочарани од тоа Опреску да излезе од трката.“
„Диаконеску можеби ја претставува изборната опција во градот на културата, но не и во градот кој се дави во сопствениот сообраќај“, заклучува Partizanu.