08/12/2006
Му го одложи апсењето, потоа го уапси, потоа го ослободи откако тој се закани со самоубиство со самопрегладнување. Хрватските блогери го проценуваат справувањето на судството со случајот на Бранимир Главаш.
Од Balkanblogs за Southeast European Times – 08/12/06
![]() Бранимир Главаш (во средината) им мафта на поддржувачите по штрајкот со глад кој траеше повеќе од еден месец. Политичарот на возраст од 50 години, под обвинение за неговата наводна улога во воените злосторства, беше избркан од владејачката партија ХДЗ по конфликтот со премиерот Иво Санадер. [Getty Images] |
Во текот на изминатава недела, обвинетиот член на парламентот Бранимир Главаш повторно стана тема на разговорите помеѓу хрватските блогери. Главаш е под обвинение за неговата наводна улога во воените злосторства извршени врз српските цивили во Осиек, Хрватска, во 1991 година. Тој неодамна беше ослободен од притвор од здравствени причини, по неговиот 37-дневен штрајк со глас.
Главаш успеа да го направи она за што многумина само сонуваат: тој ги обедини сите во Хрватска, пишува Croatian Nauseous News.
„Од лево до десно, сите се согласуваат околу една работа: хрватското судство е катастрофално. Единствена разлика е што некои сметаат дека судската одлика да се стави Главаш во притвор е катастрофална, додека други велат дека судството реагираше катастофално поради тоа што не го уапси Главаш навреме или поради тоа што повторно го пушти.“
Со најниска поддршката од граѓаните досега, премиерот Иво Санадер треба да го искористи моментот и да го подобри судскиот систем, вели блогерот -- сепак, изразувајќи сомнеж дека тоа ќе се случи.
Jaјо на Hrvatske biljeske размислува за влијанието врз идните судски случаи.
„Кога станува збор за оваа приказна една работа е јасна: има повеќе прашања од одговори“, пишува тој. „Едно од првите прашања кое ми доаѓа на памет е дали одлуката на истражниот судија претставува опасен преседан кој би можел да го искористат сите идни притвореници кои не се задоволни. И, се разбира, тука е и прашањето за тоа дали да се попушти пред притисокот или да се остават во притвор дури и кога може да умрат.“
Пишувајќи на pollitika, Чика Велја го споредува Главаш со српскиот ултранационален политичар Воислав Шешељ, кој, наводно, е близу до смртта по штрајкот со глад во Хаг.
„Главаш и Шешељ се јавни застапници на радикалното однесување кон оние кои ги сметаат за свои непријатели“, пишува тој. „Тие имале можност да ги извршат злосторствата за кои се обвинети. Дали навистина ги извршиле овие злостоства (или можеби се одговорни на некој друг начин) е секундарно прашање во моментов, особено за нивните поддржувачи (како и за нивните противници).“
„Двајцата го користат штрајкот со глад и судскиот процес, како и извршените злосторства, за стекнување политичко влијание. Двајцата сакаат да се позиционираат себеси на долг рок како политички икони на одредена незадоволна група луѓе и на тој начин да ја осигурат својата важност. Нема значајна разлика помеѓу нив двајцата и тие го покажаа тоа со овој штрајк. Само што незадоволната група луѓе не може да го види ова. Тоа се луѓето кои ги класификуваат злосторствата како „наши“ и „нивни“, заклучува Чика Велја.