21/01/2013
Лошата економска состојба води кон голем број на непријавени работници.
Катица Ѓуровиќ за Southeast European Times во Белград -- 21.01.13
![]() Сезонската работа како градежништвото привлекува значителен број на непријавени работници. [Катица Ѓуровиќ/SETimes] |
Милијана Божиќ работи како шанкерка речиси 10 години, но 33-годишната жителка на Белград нема ниту еден ден работен стаж.
Таа е една од стотиците илјади луѓе во Србија и соседните земји кои работат без документи -- нерегулиран сегмент на економијата кој годишно ги чини владите во регионот милијарди евра.
„Многу е тешко да се добие договор за работа во оваа област“, изјави Божиќ заSETimes. „Поевтино е за мојот работодавец да ни дава дневници во готово наместо да нé пријави. Се обидов да добијам договор, но тие секогаш велат дека има други луѓе кои сакаат да работат непријавени, па јас немам друг избор освен да работам вака“.
Таканаречената сива економија е критичен проблем на Балканот, спречувајќи ги економиите правилно да се развиваат и конкурираат во глобалната економија. Еден извештај на Светска банка објавен минатата година забележува дека сивата економија во источно-европските држави се движи од 17 до 33 отсто од БДП.
Бидејќи непријавените работници не плаќаат данок или нивните плати не й се познати на владата, во многу случаи тие не можат да докажат дека имаат доволно приходи за купување домови, автомобили или земјиште. И бидејќи ниту тие, ниту нивните работодавци плаќаат данок на доход, државата е лишена од парите од данок кои се потребни за инфраструктурата, заштита на животната средина или програми за помош на ветераните или сиромашните.
Балканската мрежа за пристојна работа, група невладини организации од регионот, го истражува бројот на луѓе кои се вклучени во каков било вид на нерегулирана работа и се бори против тоа. Нелегалните вработувања ја чинат Србија 1 милијарда евра годишно, според групата.
Во Србија, нивната кампања „Црно на Бело“ (Black on White) започна пред 10 месеци. Групата им помага на луѓето погодени од овој тренд, помагајќи им да ги знаат своите права и да ги пријават работодавачите.
“Во овој момент, има помеѓу 300.000 и 1 милион работници на црно [во Србија]. Тоа е магичен круг, бидејќи граѓаните сакаат каква било работа, работодавците сакаат минимални [трошоци за да водат] бизнис, а државата сака социјален мир. Тоа е тристран договор“, Анѓелка Марковиќ од кампањата „Црно на Бело“ изјави заSETimes.
Зголемената сива економија е најчеста во сезонските сектори како градежништвото, транспортот, трговијата, земјоделството и домашните услуги. Таа е подгреана од високата стапка на невработеност и зголемувањето на бројот на сиромашни луѓе кои немаат друг избор освен да работат, без оглед на околностите.
Драгуљуб Пеурача, директор на Инспекторатот за труд при српското Министерство за труд, вработување и социјална политика, изјави дека пазарот на работа на црно е заеднички проблем во Србија и другите земји во транзиција.
„Граѓаните треба да имаат поактивна улога во борбата против нерегулираната работа", изјави Пеурача заSETimes. „Вработените мора да ја пријават работата на црно додека се сé уште на работа, а не да чекаат откако ќе ја загубат работа. Во спротивно, ние не можеме да ги утврдиме обвинувањата, бидејќи не постои доказ дека тие некогаш работеле“.
Во Црна Гора, сезонските работни места во екот на туристичката сезона се засолништа за нерегистрирани работници. Повеќето од вработените се од други земји од регионот и немаат дозвола за работа во Црна Гора.
Едно истражување на црногорскиот Слободен синдикат од 2008 година во кое беа опфатени 178 компании покажа дека околу 35.000 вработени (22,6 отсто) биле непријавени.
Ситуацијата не е подобра во Грција, каде Соња Марас, 25-годишна Србинка родена во Грција, работи како менаџерка на ресторан во Солун. Таа добива една третина од нејзината плата во готово, а остатокот на сметка.
„Сега не можам да земам кредит, бидејќи мојата плата на хартија е многу ниска", изјави Марас заSETimes.
![]() Рецесијата во Грција ја зголеми невработеноста на сите нивоа но сивата економија останува 24 отсто од БДП на земјата. [AФП] |
Според еден извештај на Ројтерс, непријавените работни места во Грција се зголемуваат бидејќи луѓето што бараат работа стануваат очајни, а претпријатијата кои се без готовина се обидуваат да заштедат на придонесите кон државата. Во првата половина на 2012 година, бројот на непријавени работници бил 35 отсто од околу 30.000 вработени за време на проверките од страна на грчкиот Инспекторат за труд. Еден извештај на Европската комисија покажа дека рецесијата во Грција придонесе за намалување од 4 отсто на сивата економија во периодот од 2003 до 2012 година.
Турскиот Завод за социјално осигурување има неколку иницијативи за борба против непријавените вработувања. Од усвојувањето на реформите во социјалното осигурување во 2008 година, бројот на непријавени работници падна од 45,6 на 37 отсто.
"Турција достинува силен и одржлив раст и создавање на работни места, и помина долг пат во борбата против непријавените вработувања, но понатамошните реформи на пазарот на трудот ќе ја зајакнат оваа динамика со инкорпорирање на многу повеќе работна сила во формалниот сектор“, Туркан Дагоглу, заменик-претседател на парламентарната Комисија за вработување, изјави заSETimes.
Сивата економија во Бугарија изнесува над 30 отсто, рече Камен Колев, заменик-претседател на бугарската Стопанска комора. Тој додаде дека стапката на непријавени вработувања е дури и повисока.
„Работниците повеќе сакаат да задржат колку што е можно од малкуте пари што ги добиваат, па тие генерално не размислуваат за потенцијалните идни социјални ризици, како што се невработеноста или болест“, Надежда Даскалова, заменик-директор на Институтот за синдикати и социјални истражувања во рамките на Конфедерацијата на независни синдикати во Бугарија (ЦИТУБ), изјави заSETimes.
Во изминатата деценија, Бугарија започна задолжително регистрирање на индивидуалните работни договори, задолжителни прагови на социјално осигурување и рамни даноци на доходите и корпорациските профити. Една од последните мерки насочени кон намалување на бројот на непријавени работници беше воведувањето на законска обврска за сите трговски друштва да ги поврзат нивните каси на системот на Државната агенција за приходи.
Илир Бериша, директор на Одделот за економски статистики при Косовската агенција за статистика, изјави заSETimes дека агенцијата нема методи за мерење на неформалноста во економијата на Косово. Проект за собирање на такви информации е планиран за 2014 или 2015 година, во очекување на расположливи средства, рече Бериша.
Според една студија објавена во април 2012 година во Журналот за познавање на менаџментот, економијата и информатичката технологија, напишана од Флорентина Красниќи и Рахмије Топџиу од Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина, „проценките на МОТ и Светската банка укажуваат на тоа дека повеќе од половина од вкупниот број на вработени во Косово е во сивата економија“.
Николае Вакариу, претседател на сметководствениот суд на Романија, кон крајот на минатата година откри дека Романија губи околу 7 милијарди евра годишно поради ДДВ-то вратено на непостоечки компании или врз основа на лажни фактури.
Според најновите статистички податоци на Европската комисија за 2011 година, сивата економија во Романија се проценува на околу 41 милијарда евра, што е нешто помалку од 30 отсто од БДП на земјата. Романија беше рангиране на второто место меѓу 27-те земји-членки во поглед на екстенизја на сивата економија. Бугарија е на прво место со сива економија која се проценува на повеќе од 32 отсто од БДП, според истите статистички податоци.
Дописниците на SETimes Пол Чикои во Букурешт, Светла Димитрова во Софија, Менексе Токјај во Истанбул и Линда Карадаку во Приштина го дадоа својот придонес во овој напис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's