23/07/2012
Државите од Балканот се обидуваат да го решат проблемот со нелегалните депонии и бараат начини за заштита на животната средина.
Клаудија Лутовска за Southeast European Times во Скопје -- 23.07.12
![]() Околу 490.000 тони отпад годишно се фрла во 54-те општински депонии во Македонија. [Ројтерс] |
Секоја година, Македонците создаваат 700.000 тони отпад. Додека поголемиот дел од него се фрла во една од 54-те општински депонии во земјата, 30 отсто -- околу 210.000 тони -- се фрла на падините, во нелегални депонии или се остава да биде разнесен од ветерот, загрозувајќи го живиот свет и овозможувајќи им на опасните токсини да протечат во подземните води.
Проблемот е далеку од изолиран. Србија има илјадници нелегални депонии; Црна Гора соопштува дека само половина од нејзиниот отпад завршува во лиценцирани депонии, а Албанија започна кампањи за чистење на нејзините области загадени со ѓубре.
Секоја држава се обидува да го реши проблемот посебно, но сите заедно се согласуваат дека нелегалното фрлање на цврстиот отпад е проблем низ целиот Балкан.
Македонија, која е земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005-та година, минатиот месец усвои измени и дополнувања на предложениот закон за управување со отпадот со кои би се наметнала казнена политика и зајакнување на инспекцискиот надзор.
Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со осумте региони и општини, започна да работи на еден проект за отстранување на нелегалните депонии и жариштата, Абдулаќим Адеми, министер за животна средина во Македонија, изјави за SETimes.
Зоран Илиовски, претседател на Здружението на претпријатија за комунални услуги, за Дојче Веле изјави дека само скопската компанија „Дрисла“ ги исполнува европските услови за депонии, со одобрени механизми за фрлање на ѓубрето и рециклирање.
„Дрисла“ работи на неколку проекти за рециклирање на пластика и железо и за правилно отстранување на медицинскиот и комуналниот отпад. Три јавно-приватни партнерства, во Германија, Австрија и Италија, изразија интерес за работа со „Дрисла“ во Македонија за отстранување на отпадот, филтрирање на водата и управување со депониите на гасови, изјави за SETimes Горан Ангелов, директор на „Дрисла“.
„До крајот на летото, ќе потпишеме договор со една компанија, а во октомври ќе се најде локација за изградба на фабриката. Во 2013-та и 2014-та година се очекува инвестиција од 40 до 50 милиони евра во депонијата“, вели Ангелов.
![]() „Ни треба широка коалиција на секторите за зелена Македонија, невладините организации, институциите и граѓаните“, рече Лилјана Поповска, член на зелената партија Демократска обнова на Македонија. [Фејсбук] |
Италијанска компанија ќе гради нов погон во „Дрисла“ за согорување на медицинскиот отпад. На почетокот на 2013-та година првиот медицински отпад ќе биде запален во новата печка, додава Ангелов, која ќе произведува електрична енергија како резултат на процесот.
Депонијата е околу 80 хектари, од кои беа користени само 45. „Дрисла“ има капацитет од 26 милиони кубни метри, како една од најголемите депонии на Балканот. Само депониите во Истанбул и Белград се поголеми.
Австриската компанија АСА Интернешанал ќе изгради регионална депонија во близина на Струмица и ќе управува со отпадот од десет општини во југоисточниот дел на Македонија.
Граѓаните се повнимателни по донесениот закон за управување со отпадот во 2008-та година, кој го следи швајцарскиот пример, преку кој, општата култура и однесувањето на граѓаните се менуваат преку предвидените казни.
„Поголемиот дел од населението го носи ѓубрето до депониите. Во соработка со општинските инспектори, успеавме да ги пронајдеме оние несовесните на самото место и да ги казнеме“, изјави Ангелка Ангеловска, општински инспектор, за SETimes.
Проектот „Чиста Македонија 2012“, започнат во април, исто така повикува на учество на граѓаните. Акцијата е дел од глобалната иницијатива „Да го исчистиме светот“, сега во повеќе од 85 земји, и координиран во Македонија од страна на невладината агенција „Да го направиме тоа Македонијо“.
Целта на ова глобално движење е да иницираат еднодневни акции за чистење со цел да се соберат големи количини на отпад.
„Улогата на граѓанското општество во оваа глобална кампања е да се едуцира и мобилизира населението, да се иницираат граѓаните да земат учество во акциите за време на организираните денови и да се исчисти ѓубрето што е насекаде“, вели Антонио Јовановски, претседател на невладината агенција „Да го направиме тоа Македонијо“.
Првата регионална депонија во Србија беше отворена минатата година, како дел од стратегијата на земјата за управување со отпадот за исполнување на европските стандарди во областа на реката Морава, за потребите на два града, седум општини и 372.000 жители.
Депонијата се наоѓа на површина од 15 акри со дневен капацитет од 250 тони, или годишен капацитет од 90.000 тони.
![]() Рециклирањето е од клучно значење за управувањето со отпадот. [Ројтерс] |
Ова е еден од 14-те проекти спроведени во Србија во последните шест години, со вкупна вредност од 65 милиони евра од ЕУ преку програма за поддршка и развој на локалната инфраструктура.
Околу 70 отсто од депониите во Србија не ги имаат потребните дозволи и не се предвидени преку планирање. Бројот на нелегални депонии брзо се намалува.
„Бројот на нелегални депонии во Србија се намали од 4.600 во 2009-та година на 1.600“, изјави Оливер Дулиќ, српскиот министер за животна средина, за SETimes.
Иако властите најавија изградба на седум регионални депонии за комунален и санитарен отпад, Црна Гора има само една депонија за комунален отпад, во Подгорица.
Според официјалните владини податоци, вкупниот годишен отпад во Црна Гора изнесува околу 193.148 тони; од кои се собира половина, само 96.574 тони. Остатокот завршува во животната околина.
Ивана Војиновиќ, заменик-министер за одржлив развој и туризам, рече дека комуналниот отпад и отпадните води се приоритет во работата на министерството.
„Оваа година ќе почнеме да работиме на третирање на отпадните води во општините Тиват и Котор, а веќе е во тек работењето на санитарната депонија во општината Бар. Ситуацијата, исто така, ќе се подобри како резултат на голем број на донесени закони во Црна Гора за заштита на животната средина“, изјави Војиновиќ за SETimes.
Сепак, ова не е најголемиот проблем за земјата која се прогласи себе си за "прва еколошка држава" пред две децении. Пет жаришта сé уште остануваат -- големи погони кои произведуваат индустриски и токсичен отпад кој директно завршува во природата -- за кои сé уште не е пронајдено решение.
Дописниците на SETimes Билјана Пекушиќ во Белград и Држен Ремиковиќ во Подгорица го дадоа својот придонес за овој напис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's