23/04/2012
И покрај фанфарите и надежта, некои странски инвестициски проекти во регионот остануваат само на хартија.
Пол Чикои за Southeast European Times во Букурешт -- 23.04.12
![]() Илјадници ветени работни места никогаш не беа реализирани кога Нокиа дојде во Романија. [Ројтерс] |
Кога пред пет години финскиот гигант за мобилни телефони Нокиа соопшти дека ќе отвори производствен погон во селото Јуку, Романија, никој не знаеше дека еуфоријата ќе биде краткотрајна.
Фабриката привлече други инвеститори, главно добавувачи, кои покриваат индустриски парк од 100 хектари. Агенција за недвижности почна да работи во оваа област, која требаше да биде позната како „Нокиа вилиџ“. Околу 2.200 луѓе беа вработени во овој производствен капацитет, а финските менаџери ветуваа 60 милиони евра инвестиции кои би отвориле уште 15.000 дополнителни работни места.
Четири години подоцна, во 2011-та година, компанијата најави дека ќе ги премести своите производствени капацитети во Азија. Властите во Букурешт беа вчудоневидени од потегот и немаа објаснување за брзото заминување на компанијата што создаде економска револуција во централна Трансилванија.
Сценариото Нокиа не е единствено, иако другите компании беа развиени во помал обем.
Во далечниот град Васлуи, во источниот дел на Романија, една фабрика за мерни инструменти од комунистичката ера беше преземена од страна на една холандска компанија во раните 2000-ти години. Ентузијазмот околу преземањето беше огромен, се сеќава поранешниот вработен Јонел Бичлеа.
„Секој мислеше дека, среде тешките економски услови во тој момент, фабриката ќе се прероди. Иднината се чинеше толку светла со западниот инвеститор зад нас“, изјави тој за SETimes.
Но, правилата на капитализмот не й одеа во прилог на фабриката. Со текот на годините, новите сопственици ја претворија фабриката за производство во фабрика за монтирање. Жестоката конкуренција од Азија помогна да се запечати судбината на фабриката.
"Од околу 2.000 вработени, останаа помалку од 100. Бевме многу разочарани. Повеќето од нас работеа таму од самото основање на фабриката во 1978-та година. Тогаш ја сфативме грубата вистина дека странскиот инвеститор не е нужно спасител“, додаде Бичлеа.
![]() Српскиот претседател Борис Тадиќ беше присутен за да ги прослави најавите на планираното производство на Фиат во својата фабрика во Крагуевац. [Ројтерс] |
Во Србија, луѓето ги губат работните места во фабриките кои ги водат индивидуални сопственици. Голем број нови приватни сопственици ги игнорираа своите ветувања за проширување, и, всушност, отпуштија некои од вработените.
Бугарскиот бизнисмен Валентин Захариев купи фабрика во Лесковац која произведуваше пластифициран лим. Иако тој пристигна ветувајќи дека ќе вработи повеќе од 200 луѓе, тој отпушти една третина од работниците во компанијата.
Нишката градежна компанија Граѓевинар обезбедуваше средства за живот за 20.000 луѓе. Во 2007-та година, компанијата беше купена од страна на српскиот бизнисмен Ѓорѓе Ничовиќ, кој ги отпушти работниците и ги стопира сите операции.
Млекарницата Сведмилк отвори фабрика во ноември 2007-та година, вработувајќи 120 работници и склучувајќи договори со 1.200 земјоделци. Фабриката пропадна една година подоцна и беше продадена на американско-израелската компанија Феникс Енерџи, но се покажа дека таа не сака да се справи со ненаплатените долгови кон земјоделците.
Турската компанија за млечни производи Суташ ја купи банкротираната млекарница на 4-ти април, и планира да започне со работа во рок од шест месеци.
„Тоа ќе биде голема инвестиција за нашите земјоделци и сточари“, се вели во соопштението на министерот без ресор Хади Незир.
Љупчо Алексов, земјоделец од Кадино, изјави за SETimes дека продажбата им дава надеж на земјоделците -- не само на земјоделците од Скопје, туку и од другите делови на земјата.
Општо земено, иако многу компании најавуваат дека ќе започнат бизнис и ќе отворат фабрики во регионот, плановите не се реализираат.
Во Македонија, неколку фабрики -- вклучувајќи ги и оние на француската фирма Монтипе, словенечката фирма Искра, турските компании Шише Џам и Бортек -- ги соопштија своите планови за отворање на погони, но тие никогаш не се реализираа.
Но, ова не е секогаш случај. Има и среќни завршетоци.
Во Србија, италијанската компанија ФИАТ отвори фабрика во Крагуевац, според договорот што беше потпишан во 2008-та година. Производството на Фиат 500 Л ќе почне наскоро. До крајот на годината, 2.500 луѓе ќе бидат вработени во фабриката, а годишниот извоз на земјата ќе се зголеми за повеќе од 1 милијарда евра.
![]() Фабриката Бенетон во Ниш ќе стане најголемата текстилна инвестиција во Србија со својата планирана експанзија. [Архива]. |
И италијанскита компанија за облека Бенетон минатиот месец најави дека ќе ја прошири сегашната фабрика во Ниш во текот на следните четири години и дека ќе бидат вработени околу 3.000 работници.
Јужнокорејскиот производител на автомобилски делови Јура отвори три фабрики во Србија и вработи приближно 3.500 луѓе во последните две години. Четвртата фабрика, која се гради во Лесковац, ќе вработи уште 1.500 работници.
Во слободна зона во Македонија, американската компанија Џонсон Контролс, британската компанија Џонсон Мети и италијанската компанија Текнохосе градат фабрики и планираат да вработат стотици работници.
Во Јаси, Романија, глобалниот добавувач на технологии и електроника, Делфи, неодамна ја отвори својата четврта фабрика во земјата. Делфи има инвестирано повеќе од 300 милиони евра во четири фабрики, кои вработуваат повеќе од 12.000 луѓе.
„Романија нуди одлична комбинација на расположливост на квалификувана работна сила за производство и дипломирани студенти по инженерство и менаџмент; постоечка инфраструктура и комунални услуги, како и конкурентна цена за водење на бизнис, вклучувајќи плати и услуги", Агниешка Прзимусинска, менаџер за комуникации на Делфи за Централна и Источна Европа, изјави за SETimes.
"Земјата нуди голем број на добро квалификувани работници. Со соодветна обука, локалните кандидати многу добро се приспособуваат на стандардите на автомобилската индустрија. Нашите вработени се динамични, квалификувани и посветени“, додаде таа.
Иако се чини дека деловните инвестиции се “погодок или промашување“, тоа не ги спречува компаниите да планираат.
Се очекува претпријатието за авто делови Дрекслмаиер да отвори фабрика во Кавадарци, Македонија, која ќе вработи 4.000 луѓе во наредните три години
Дописниците на SETimes Марина Стојановска во Скопје и Билјана Пекушиќ во Белград помогнаа при изготвувањето на оваа репортажа.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's