09/04/2012
Се зголемува нервозата кај општествената структура во која ниту една група не остана непогодена од економската криза.
Марија Паравантес за Southeast European Times во Атина -- 09.04.12
![]() За прв пат во историјата, поголем е бројот на Грци на возраст меѓу 15 и 24 години кои немаат работа од оние кои имаат. [Ројтерс] |
Многу е кажано и напишано за грчката економска криза, нарушениот имиџ на земјата во странство и строгите мерки наметнати на народот од страна на кредиторите: ММФ, ЕУ и Европската централна банка.
Како што кризата се продлабочува, се појавуваат и првите знаци за социјални промени. И додека 11-те милиони жители на Грција се обидуваат да врзат крај со крај и да се справат со владините одлуки да оданочат сè што е можно, ако внимателно погледнеме на грчкото општество ќе забележиме драстични промени во процесот.
Во својата петта година од рецесијата, еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат Грците е невработеноста. Според грчката служба за статистички и економски податоци Хеластат, стапката на невработеност за ноември 2011-та година достигна неверојатни 20,9 отсто во споредба со 13,9 отсто во истиот период во 2010-та година. Се проценува дека сега 1 милион Грци се невработени и невозможно е да се најде работа -- било каква работа.
Проблемот се влошува поради илјадниците имигранти без документи кои во групи доаѓаат во Грција во потрага по подобра иднина. Грција, која се смета за главна транзитна земја, поради нејзиниот “полесен“ пристап преку море и копно, е порта кон Европа. Според Министерството за заштита на граѓаните, околу 250.000 илегални имигранти влегуваат во Грција годишно. Агенцијата за гранична контрола на ЕУ Фронтекс известува дека во 2011-та година, 54.974 мигранти биле уапсени само во североисточната област Еврос на грчко-турската граница, во споредба со 47.079 во 2010-та година.
Во моментов во земјата живеат над 1 милион имигранти и дури 400.000 се без документи. Овие луѓе, исто така, тешко можат да најдат работа. Резултатот? Невработеност, која неизбежно води кон бездомништво, немање на здравствено осигурување -- што влијае на грчкиот здравствениот систем -- и криминал. Грчките полицајци почнаа со апсење на илегалните имигранти и нивно сместување во десетици притворни центри -- реакција на барањето на ЕУ да се справи со проблемот со имигрантите без документи.
Една прошетка по централната улица Патисион, некогаш полна со живот и една од најпрометните шопинг области во Атина, открива многу затворени продавници. Оваа област сè уште е многу населена и жива, но општествената структура е сменета.
„Веќе не можете да видите Грци“, изјави за SETimes 42-годишниот Еви Павлоу, сопственик на продавница за фотографии која постои со децении.
„Луѓето кои доаѓаат во продавница се главно од Албанија и Бугарија“, објасни Павлоу, кој е роден и израснал во горната населба Патисија.
Гетоизацијата на градот, која започна пред 15 години, сега сè повеќе и повеќе се движи кон надвор. Населбите Кипсели и Патисија првенствено се дом на Нигеријци. Ако одите надолу ќе најдете на Египќани. Има населби во кои живеат Полјаци, Романци и Пакистанци, некои живеат во бедни услови во мали станови во подрумите. И колку повеќе се доближувате до центарот на градот претежно ќе најдете муслиманско население.
![]() Заложувалниците лепат летоци низ делови на Атина рекламирајќи ја нивната подготвеност да "го купат вашето злато по најповолни цени“. [Марија Паравантес/SETimes] |
За 64-годишниот уметник Орестис Оудениотис, ситуацијата е обесхрабрувачка. „Јас живеам тука цел живот. Ова не е дом повеќе. Опасно е. Илегалните имигранти немаат што да изгубат, па тие ќе направат сè за храна и пари“, изјави тој SETimes.
Оудениотис, кој оди пешки на работа секој ден, вели дека грчкиот јазик веќе ретко може да се слушне на улиците. „Старата смисла на кохезија и поддршка во соседството исчезна засекогаш. Сега ние Грците сме онолку странци во сопствената земја колку и самите странци“, рече тој.
Како што кризата се засилува, а Грците сè повеќе се фаќаат за своите џебови за да платат сè, од алармантно растечките даноци до кредитите, појавата на заложувалници на секој агол во оваа последна година, онлајн транспаренти за заложување и стотици флаери секојдневно кои бараат да го "купат вашето злато“ гласно зборува за новата непријатна реалност. Некогаш вообичаена глетка во големите урбани центри како Њујорк и Лондон, заложувалниците беа многу странски концепт во Грција.
„Јас првпат наидов на заложувалница, кога отидов во САД во почетокот на 70-тите години", изјави пензионерката Јиана Грагалионис за SETimes.„Грците никогаш немале потреба да ги продаваат своите наследени предмети или накит. Луѓето секогаш ги имале нивните родители и нивната сопственост. Но, очајните времиња повикуваат на очајни мерки“, додаде таа.
Сè поголемиот број на сопственици на заложувалници кои ветуваат дека ќе го купат вашето злато и накит по најповолни цени, без прашања, и веднаш, укажуваат на тоа дека Грците стануваат сè поочајни. Поради невозможноста да ги исплатат своите долгови, тие ги продаваат своите скапоцени предмети премногу евтино.
И додека заложувалниците се отворени за бизнис надвор на улиците, битката за некоја пара се разгорува со тоа што имигрантите -- повеќето од нив илегални -- ги туркаат количките во супермаркетите и внимателно буричкаат по ѓубрето деноноќно, барајќи нешто што може да се рециклира за да заработат некое евро. Тоа е валкана работа, но сепак е работа. Бидејќи само мал број на Грци рециклираат, тоа е "профитабилен" избор. Актуелната цена се движи некаде помеѓу 12 и 18 центи за килограм метал и 6-8 центи за електрични апарати.
До пред една година, Ромите кои се возеа наоколу во нивните стари Датсун пик-ап камиони или трицикл автомобили беа претежно оние кои собираа фрлени предмети, сè, од мебел до стари телевизори. Но, денес, контејнерите за ѓубре во секое маало се означена територија, обезбедувајќи не само остатоци од храна за гладните, туку и секакви видови на рециклирачки предмети за градските муфтеџии, кои обично "работат" во парови: еден го држи она што го одбрал, а другиот ја турка количката.
„Наоѓам секакви нешта, но јас сакам метал, било што, лименки, стари кујнски апарати, шишиња", 22-годишниот Хамид од Авганистан изјави за SETimes.
![]() Знак за тешките времиња: бездомник логорува пред Банката на Грција во центарот на Атина. [Ројтерс] |
Хамид, кој изгледа многу постар отколку што е, дошол во Грција барајќи подобра иднина, но сега сфаќа дека неговата иднина е мрачна. „Не сакам да се вратам. Немам каде да одам. Морам да успеам тука или да ја напуштам Европа“, рече тој.
Уште една релативно нова појава е сè поголемиот број на бездомници кои живеат на улиците на Атина. Со години, Грците се фалеа дека кај нив нема појава на бездомништво кое беше толку често во други делови на светот. Социолозите го припишуваа тоа семејната заштитна мрежа и тесно поврзаните заедници.
Денес, бидејќи луѓето се оттуѓуваат од традиционалниот начин на живот, немаат работа и се оптоварени со кредити и имаат родители кои едвај преживуваат со оскудните пензии, враќањето дома повеќе не е опција. Голем број Грци се обидуваат да ги продадат своите домови, бидејќи тие не се во состојба да одржат чекор со сметките кои се натрупуваат и кредити чиј број се зголемува. Знакот „се продава“ може да се најде на секој агол на улиците.
За имигрантите без документи, единствена опција е да живеат на улица. Нема работа, тие немаат пари и не можат да си заминат.
Во меѓувреме, криминалот е во пораст, а министерството за заштита на граѓаните известува за едно убиство на секои два дена, 18 грабежи на секои 24 часа и 11 кражби секој час: сето ова во земја која некогаш уживаше една од најниските стапки на криминал во Европа.
Според статистичките податоци на грчката полиција, бројот на кражби и грабежи се зголемил за 10 отсто во 2011-та година во споредба со минатата година.
„Центарот на Атина е како мешавина од сите варијанти на кризата која го притиснува грчкото општество“, изјави градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис.
И додека медиумите -- и локалните и меѓународните -- прикажуваат мрачна слика, волонтерството е растечки тренд во Грција, а групите кои се желни да им помогнат на оние кои страдаат никнуваат во секоја населба. Приватните иницијативи како „Боруме -- Штедење храна, спасување животи“ и грчката Банка за храна помагаат и корпоративната социјална одговорност е во пораст. Општинските активности како отворање на продавници и аптеки за социјална грижа сите работат на справување со новата социјална реалност.
„Имаме луѓе кои нé контактираат секој ден. Луѓе кои ги загубиле своите работни места, кои не можат да издржат со семејниот приход или земаат несоодветна инвалидска пензија, семејства со еден родител или семејства со многу деца ...“, Ксенија Папаставроу од „Боруме“ изјави за SETimes.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's