Дијалогот помеѓу Косово и Србија сè уште во застој поради појавата на поголеми прашања

13/02/2012

Поминаа повеќе од два месеци откако преговарачите од Србија и Косово седнаа на преговарачка маса да разговараат за техничките прашања. Поголемите прашања, вклучувајќи ги и многу напнатите прашања како што се лицата кои се водат како исчезнати, остануваат нерешени.

Линда Карадаку и Ивана Јовановиќ во Приштина и Белград -- 13.02.12

photo

Роднините тагуваат по исчезнатите лица од војната во 1998-1999-та година, за време на церемониите одржани по повод Меѓународниот ден на исчезнатите во близина на Приштина на 30-ти август 2010-та година. [Ројтерс]

Бајрам Черкини од Митровица го загубил својот 19-годишен син во 1999-та година и 13 години подоцна тој сè уште нема информации за тоа што му се случило.

Тој е огорчен дека преку учество во испрекинатите преговори со Косово, посредувани од ЕУ, Србија може да се приближи до членство во ЕУ без решавање на прашањата како што е военото обештетување и исчезнатите лица.

„Брисел не е сериозен во врска со тоа. Ако беше, ова прашање можеше да се стави како предуслов за секое понатамошно напредување на Србија кон ЕУ. Сите знаци до сега се дека Брисел не го има сфатено ова прашање сериозно до сега, бидејќи тоа исто така значи дека некои луѓе треба да се соочат со правдата, да одат на суд“, изјави Черкини за SETimes.

Овие поголеми проблеми сè уште не се содржина на тековните преговори помеѓу Косово и Србија.

Дијалогот, кој започна во март 2011-та година, напредува малку по малку наместо да се фокусира на техничките прашања, и покрај тоа што имаше некои важни чекори. На пример, беа пронајдени компромисни решенија во однос на интегрираното гранично управување. Но, другите технички прашања како што се енергетиката, телекомуникациите и регионалната застапеност на Косово сè уште се далеку од решени, а датумот за продолжување на преговорите и понатаму се избегнува. Последната средба беше на 2-ри декември.

„Не можам да го потврдам датумот на следниот круг на преговори ... во овој момент. Ние посакуваме дијалогот да продолжи, а двете страни остануваат ангажирани“, изјави за SETimes Маја Кочијанчиќ, портпарол на ЕУ.

Она што ја усложнува целата ситуација се два нови потези од страна на Косовските опозициски партии. Главната партија од опозицијата, Демократската лига на Косово (ЛДК) на 7-ми февруари повика на формален прекин на дијалогот. Нејзиниот лидер, Иса Мустафа, кој е и градоначалник на Приштина, за РТК изјави дека иако меѓународната заедница мора да биде уверена дека Косово не е против преговори со Србија, „апсурд е ... да се започне дијалог со некој што влегол на територијата (на Косово) со криминални сили, сили на организиран криминал, блокирал дел од земјата и преку тој дел создава фискална евазија и го нарушува територијалниот суверенитет на земјата, [додека] ние продолжуваме со дијалогот и се однесуваме како да не гледаме ништо.“

photo

Куќа уништена во западното село Каличане, за време на војната во 1998-1999-та година. [Ројтерс]

Другата опозициска партија, Ветевендосје, се обиде со поинаква тактика следниот ден, барајќи од Уставниот суд да донесе одлука дали договорите постигнати досега, кои се сметаат за меѓународни договори, бараат ратификација од страна на парламентот. Партијата, исто така, одржа два протести минатиот месец со цел да ја принуди владата да наметне реципроцитет со Србија на границите.

Едита Тахири, шеф на преговарачкиот тим на Косово, изјави дека обештетувањата од војната и демаркацијата на границата треба да бидат разгледани оваа година. Агендата, додава таа, се темели на она што се смета за приоритет од страна на сите три страни: Косово, Србија и ЕУ.

Што се однесува до воените обештетувања, „Србија треба да ги преземе обврските кои произлегуваат од нејзината одговорност за војната во Косово“, изјави таа за SETimes.

Белград има сосема поинаков став. Борко Стефановиќ, шеф на преговарачкиот тим на Србија, за SETimes изјави „Не може да се исплати обештетување на некој кој живее во иста држава. Тоа е првото нешто“.

Марко Милановиќ, професор по меѓународно право на британскиот Универзитет во Нотингем, се согласува, и за SETimes изјави дека тешко е Косово да бара воено обештетување од Србија, првенствено затоа што за време на конфликтот во Косово, тоа не беше независна држава.

Со други зборови, Србија тогаш ги прекршуваше правата на сопствените граѓани, а не законот на друга држава“, вели Милановиќ.

Косовскиот адвокат Адил Фетаху за SETimes изјави дека Србија треба да плати надомест за милијардите материјална и нематеријална штета што му ја направи на Косово и дека Приштина треба да продолжи да го бара тоа. „Ова значи ... многу работа, која може да се влече со години и децении“, признава Фетаху, додавајќи: „Нема шанси да се постигне договор меѓу Косово и Србија за прашањата за воените обештетувања и надомест ... меѓународната арбитража треба да одлучува за тоа“.

Фетаху смета дека демаркацијата на границата со Србија е, исто така, сложено политичко прашање и „без никакви шанси“ да биде решено „во блиска иднина“.

Сепак, тој го истакнува условот дека „ниту една држава не може да стане членка на ЕУ без да ги реши граничните спорови со соседите. Секоја држава треба да одговори на Прашалникот на ЕУ правилно и прецизно за тоа која е нејзината граница со секоја од соседните држави“.

Што се однесува до контролата на граничните премини, Душан Јањиќ, научен соработник во Институтот за општествени науки во Белград, го оценува договорот постигнат во текот на летото на овој начин: „Во спроведувањето на овој договор, ќе имаме апсурдна ситуација во која работите ќе изгледаат подобро на хартија и меѓу преговарачите отколку на терен“, изјави тој за SETimes.

photo

КФОР има главна улога во проблематичниот премин Брњак.

Тој вели дека во тек е една „двојна“ ситуација во однос на техничкиот дијалог, кој за Белград „се одвива без политичко одобрување и поддршка на терен“. Меѓународната заедница и косовските власти, вели тој, се обидуваат да извлечат „колку што е можно повеќе од Белград, за да можат да го имплементираат тоа во еден посоодветен момент“.

Граѓаните се прашуваат кога ќе бидат решени големите прашања. Беснике Салиху, жител на Приштина, изјави за SETimes дека „Договорите постигнати досега се постигнати со тешкотии. Има проблеми и во нивното спроведување. Јас мислам дека [демаркацијата на границата] воопшто нема да биде на дневен ред во овој период“.

Саша Дениќ, Косовски Србин од Гњилане, во источно Косово, дури и не размислува за прашањето за военото обештетување. „Еден дел од Косово треба да му плати на друг дел на Косово, или оние кои останаа треба да им платат на оние кои го напуштија Косово?“, изјави тој за SETimes.

Се чини дека сите се согласуваат дека прашањето за исчезнатите лица мора да се реши наскоро. Меѓународната комисија за исчезнати лица вели дека се пронајдени и идентификувани остатоците на 2.370 исчезнати лица. Шефот на комисијата, Кетрин Бомбергер, вели дека има околу 1.800 лица кои сè уште се водат за исчезнати од конфликтот во Косово и „постојан пад во текот на годините во пронаоѓањето на исчезнатите лица“.

Поврзани написи

Loading

Стефановиќ вели дека двете страни не успеаа да најдат механизам кој ќе им овозможи поефикасно лоцирање на исчезнатите. „А, тоа е она на што ние инсистираме“, вели тој.

Гордана Ѓукановиќ, од Српската асоцијација на семејствата на лицата киднапирани и убиени во Косово, за SETimes изјави дека на листата на исчезнати лица има 512 Срби и не-Албанци од Косово.

„Пред да започнат преговорите меѓу Белград и Приштина, имавме средба со г-динот Стефановиќ кога тој ни кажа дека ќе се преговара за тоа“, изјави Ѓукановиќ за SETimes, додавајќи дека тие биле изненадени кога ова прашање не било воопшто споменато.

„Се надевам дека властите во Белград и властите во Приштина ќе се согласат, навистина и искрено, да почнат со пронаоѓање и ексхумација на гробовите за кои имаме мапи и живи сведоци, и конечно, исто така, да започнат со идентификување со цел семејствата да ја дознаат судбината на нивните исчезнати“, вели таа.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Focus on Ukraine

Репортажа

Балканските земји преземаат мерки на претпазливост против ширењето на еболатаБалканските земји преземаат мерки на претпазливост против ширењето на еболата

Експертите предупредуваат дека еболата е голема закана за регионот и дека терористите може да ја користат како оружје.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Исламската држава на Ирак и Левант (ИСИЛ) сака да го измени Коранот за да го приспособи на својата екстремистичка форма на Исламот. Дали мислите дека овие напори ќе бидат отфрлени од муслиманското население во светот?

Да
Не
Не знам