Земјите од Југоисточна Европа погодени од суша

30/01/2012

Сушните месеци имаат двоен удар: влијаејќи врз снабдувањето со енергија во некои балкански земји и земјоделското производство во други.

Светла Димитрова за Southeast European Times -- 30.01.12

photo

Сушата која започна во август ги опустошува земјоделските култури низ целиот регион. [Габриел Петреску/SETimes]

Како и многумина од неговите предци, 62-годишниот Петар Живановиќ обработува земја во Бијелина во североисточниот регион Семберија, клучна земјоделска област за Босна и Херцеговина (БиХ). Тој живее од земјоделството целиот свој живот, но сега тој е толку обесхрабрен што повторно ги разгледува неговите опции.

„Не се исплаќа да се биде земјоделец. Без оглед на тоа дали садев зеленчук или житни растенија, на крајот завршував само со загуби“, изјави Живановиќ за SETimes. „Сè е премногу скапо за садење, а не можам да бидам оптимист што се однесува до временските услови оваа година. Сè што засадив во 2010-та година беше уништено од поплави, минатата година од суша, па затоа оваа година нема да ризикувам“.

Низ Балканот, големата суша го исцрпува снабдувањето со електрична енергија, ги суши земјоделските култури и ги цеди буџетите во регионот кои веќе поминуваат низ фискална криза, како и низ глобалната економска криза. А ситуацијата, најверојатно, само ќе се влоши бидејќи сушата не покажува крај на повидок.

Сушата, која трае веќе пет месеци, е од историски пропорции. Татјана Миронова од молдавската Хидро-метеоролошка станица вели дека сушата е најлоша во последниве децении. „Според нашата евиденција, есента од 2011-та година може да се спореди со есента од 1952-та година. „Ефектот е дополнет од фактот дека Молдавија нема реки или други поголеми водни ресурси. Таа е погодена од многу сува сезона на секои три или четири години.

Мирче Котевски гледа кон небото. Експертот од АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) изјави за SETimes „По неколку месеци суша, секоја капка дожд е добредојдена, но овогодинешниот снег во Македонија е далеку од доволен за да се надомести недостатокот од дожд оваа есен. Очекуваме да добиеме реална слика на состојбата со водните ресурси во март или април. Температурите на планините сè уште се ниски, па нема брзо топење и прилив на вода“. Во споредба со минатата година, приливот на вода е понизок за 70 отсто и хидроелектричните централи работат со 15 отсто од својот капацитет. Тоа го прави неизбежен скапиот увоз на електрична енергија.

photo

Недостатокот од дожд го оптоварува снабдувањето со електрична енергија. [Петар Кос/SETimes]

Влијанието на сушата врз снабдувањето со електрична енергија е сериозно. Во Албанија, на пример, каде што водните ресурси се од клучно значење за претежно хидро-енергетскиот систем, сушата предизвика прекини на електрична енергија пред зимата. Со опаѓањето на температурите, потрошувачката се зголеми, преоптоварувајќи ја мрежата и предизвикувајќи долготрајни прекини на електрична енергија низ целата земја. Ова, исто така, ја принуди владата да го одобри барањето од корпорацијата за електрична енергија во земјата, КЕШ, веднаш да земе 50 милиони долари кредит за увоз на енергија.

Според КЕШ, производство на електрична енергија во Албанија во моментов изнесува 11 милиони киловат часови/дневно, додека пак увозот достигна 12 милиони киловат часови/дневно.

Во Романија, хидро-енергетски произведената енергија достигна до 50 отсто од септември, опаѓајќи од време на време под таа од еолските централи со понизок капацитет. Тоа значи дека главната енергија, за сега, се термо-централите, кои се многу скапи. Ова, заедно со привременото затворање на реакторот во нуклеарната централа Чернавода, придонесува за покачување на цената. Цената на електричната енергија ќе се зголеми за 5 отсто во Романија од 1-ви февруари.

Косово, исто така, во голема мера зависи од термо енергијата, а заменик-министерот за економски развој Рамазан Хасани вели дека е премногу рано да се каже дали ќе има покачување на цените. „Лично, верувам дека дури и ако има некакво покачување, тоа ќе биде симболично, поради потребата да се инвестира во техничката инфраструктура на мрежата за снабдување со електрична енергија“, изјави тој за SETimes. Косово покрива околу 90 отсто од своите потреби за снабдување со електрична енергија од домашно производство, а остатокот е од увоз.

Потрошувачите речиси низ целиот регион може да очекуваат покачување на цените во продавниците поради лошата жетва на пченица и пченка. Во БиХ на пример, „Количината на [пченица] што ја произведовме ќе ги покрие можеби само нашите домашни потреби, не останувајќи ништо за извоз. Ситуацијата е слична и во Србија, Хрватска и Унгарија, па ние ќе мораме да се купуваме пченица од други и поскапи пазари“, изјави Владимир Усорац, претседател на Здружението на земјоделци во РС за SETimes.

Тој додава, „Предвидувањата за 2012-та година, исто така, се мрачни, што значи дека цената што ние ќе мора да ја плаќаме за секое зрно може да биде три пати поголема од неговата цена на чинење ... За жал, ние најверојатно ќе се соочиме со ужасен недостиг од храна и зголемување на цените, што ќе биде многу тешко“. Тој, исто така, забележува дека обработливото земјиште кое се користеше за одгледување на житни култури и зеленчук во РС значително се намалило во текот на изминатата деценија.

photo

Цената на добиточната храна се зголемува, а тоа значи повисоки цени на месото. [Габриел Петреску/SETimes]

За потрошувачите, зголемувањето на цените нема да важи само за брашното и лебот. Цените на месото може да се покачат за околу 20 отсто, како резултат на недостатокот од жито. „Сушата ќе ги опустоши полињата со пченка, која е најважната житна култура за добиточната храна“, изјави Мишо Маљчиќ од Здружението на земјоделци на РС за SETimes. „Затоа логично е ова да влијае врз цената на добиточната храна и месото“.

Професорот Раде Протиќ од белградскиот Институт за примена на науката во земјоделството е загрижен за пролетната сеидба. Приносите и приходите веќе изгледаат ризични, со оглед на недостатокот на подземни води присутни дури и пред семињата да бидат засадени. Без дожд, она што й потребно на Србија, вели тој за SETimes, е добро развиен систем за наводнување, иако, како што вели тој, земјата „никогаш нема доволно пари за таква инвестиција која ќе биде повратена за две до три години“.

Подолгорочната перспектива не е особено розова во регионот толку очаен за снег и дожд, по екстремната жештина во летото 2011-та година. Поголемите последици од сушата се застрашувачки.

Земете ја Романија за пример, каде земјоделското производство всушност беше многу силно минатата година, што доведе до зголемување на БДП од 12,3 отсто во текот на првите девет месеци.

Поврзани написи

Loading

Многу помал принос се очекува во 2012-та година, дури и во случај на обилни врнежи од дожд. Овидиу Маринчеа, заменик-главен уредник на дневниот весник Адеварул, кој го надгледува одделот за економски прашања, изјави за SETimes. „Големите играчи во земјоделството велат дека дури и кога би врнело од сега па натаму, ќе има пад на овогодинешното производството за 20-30 отсто. Но, ако не врне доволно до пролет, загубите ќе се зголемат за околу 70 отсто.

Многу пониското земјоделско производство може да ги загрози изгледите на Романија за постигнување на прогнозираниот економски раст од 2 отсто за оваа година, предупреди Маринчеа. „Многу добрите перформанси во земјоделството минатата година ја зголемија довербата на странските инвеститори во романската економија. Но ова, исто така, би можело да оди во обратна насока и да се претвори во голема пречка“, додаде тој.

Назад во РС, Љубо Малетиќ, претседател на Здружението на земјоделци на Семберија, се соживува со земјоделецот Петар Живановиќ. „Природните катастрофи имаат големо влијание врз земјоделското производство“, изјави тој за SETimes. „Ние ги сфаќаме земјоделците кога велат дека не се исплаќа да се биде земјоделец“.

Дописниците на SETimes Јонилда Кочи во Тирана, Бедрана Калетовиќ во Сараево, Линда Карадаку во Приштина, Александар Павлевски во Скопје, Алина Раду во Кишињев, Пол Чикои во Букурешт и Ивана Јовановиќ во Белград учествуваа во изготвувањето на овој извештај.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Репортажа

Македонија се надева дека ќе го привлече вниманието на НАТОМакедонија се надева дека ќе го привлече вниманието на НАТО

Претставници на НАТО ќе се сретнат во Чикаго овој месец.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Дали мислите дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО на самитот на организацијата во Чикаго во мај?

Да, Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО
Не, Грција сé уште стои на патот
Можеби
Не знам



Види ги резултатите Додадете коментар