21/12/2009
Државниот обвинител побара да се забранат екстремистичките фудбалски групи по убиството на фанцускиот навивач во Белград во септември.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 21/12/09
![]() Демонстрантите носат транспарент на кој пишува „Стоп за насилството“ во централен Белград. [Getty Images] |
Српското министерство за одбрана презема мерки за поголема безбедност на спортските настани во новата година. „Владата мора да го реши проблемот со насилството во спортот и опасноста од хулиганството кај навивачите“, изјави за Б92 министерот за одбрана Драган Сутановац.
„Се додека постојат оградите и барикадните мрежи ние не сме успеале да го решиме проблемот“, рече Сутановац. „Длабоко сум убеден дека следната година ќе даде резултат во борбата против хулиганството на спортските настани во Србија“.
Оваа иницијатива доаѓа после бранот насилства во земјата кој резултираше со смрт на најмалку седум луѓе од 2002-та година досега.
Во септември, еден француски навивач, 28-годишниот Брис Татон, почина откако беше брутално претепан по натпреварот помеѓу белградски Партизан и францускиот клуб Тулуз, што предизвика околу 5000 демонстранти да излезат на улиците во српскиот главен град.
Околу десетина осомничени беа уапсени во врска инцидентот. Доколку бидат прогласени за виновни, секој од нив може да се соочи со затворска казна до 40 години.
Уште еден осомничен е во бегство и се верува дека се крие во Холандија „под заштита на еден од главните српски картели за дрога“, рече министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
![]() Србите палат свеќи и положуваат цвеќе на главниот плоштад во Белград во спомен на убиениот француски навивач Брис Татон. [Getty Images] |
Минатата година, 24-годишниот Бојан Хрватин беше прогласен за виновен за убиство од прв степен и осуден на 30 години затвор за убиство со нож на еден фудбалски навивач во 2006-та година. Тројца други навивачи на белградскиот клуб Рад беа осудени на три години затвор за учество во тепачката.
Во 2007-та година, еден навивач на белградскиот клуб Црвена ѕвезда нападна еден полицаец кој не беше на должност и беше осуден на 10 години затвор за обид за убиство. Уште еден навивач на Црвена ѕвезда беше убиен со оган од страна на група навивачи на Партизан пред околу една деценија.
Исто така во 2007-та година, навивачите на Партизан беа вмешани во безредија во босанскиот град Мостар, што резултираше со исклучување на белградскиот клуб од Купот на УЕФА. Навивачите учествуваа во снимањето на британскиот документарен филм „Вистинските фудбалски фабрики“, каде не криеја дека поседуваат оружје и открија детали од нивните тепачки со други навивачки групи.
Меѓутоа, насилството не запира на фудбалскиот терен, бидејќи и новинарите кои известуваат за криминалните дела се изложени на ризик.
Новинарката на радио и телевизијата Б92 Бранкица Станковиќ доби смртни закани преку Фејсбук по известувањето за криминалните активности во кои беа вклучени лидери на српските фудбалски навивачки групи, извести SETimes на почетокот од овој месец.
„Она што ме загрижува толку многу не се заканите, туку фактот дека тие се се уште доволно моќни“, изјави Станковиќ за грчкиот дневен весник Kатимерини. „Скандал е тоа што новинарите во Србија мора да работат под полициска заштита. Сето ова се случува откако државата рече дека ќе се справи со нив“.
Во обид да се намали насилството, во октомври српскиот државен обвинител Слободан Радовановиќ побара од уставниот суд да забрани 14 екстремистички фудбалски навивачки групи.
![]() Навивачите на белградскиот фудбалки клуб -- уште наречени и Гробари. [Getty Images] |
Обвинителот на прес конференцијата соопшти дека забраната ја предлага бидејќи навивачките групи повикувале на „насилно нарушување на уставниот поредок, прекршување на загарантираните човечки права и правата на малцинствата и предизвикување на расна, верска и етничка омраза“.
„Тие немаат ништо заедничко со спортот, повеќе имаат заедничко со криминалот“, рече Радовановиќ за екстремистичките спортски групи.
Овој предлог, како што го оцени Радовановиќ, е продолжение на решителната борба на Србија против сите екстремистички организации.
Иницијативата на Радовановиќ не ги запре навивачките групи. Обвинителот, исто така, побара поведување на судски процес против претседателот на фудбалскииот клуб Црвена ѕвезда Владан Лукиќ за тоа што на еден натпревар се појавил во горна тренерка на која биле напишани зборовите на една навивачка песна, што според обвинителот е повик за насилство.
Меѓутоа, претседателот на српската Фудбалска Асоцијација Томислав Караџиќ рече дека ќе помине долго време за работите да се изведат на вистинскиот пат. Тој предупреди дека задачата не може да се спроведе без притоа да се раскинат нелегалните врски помеѓу навивачите и управата на клубот.
„Исто така, треба да погледнеме кои се кандидатите за менаџерските места во фудбалот. Со исклучок на чесните луѓе, има и такви кои се вмешани во криминал, луѓе кои биле во затвор, кои се или ќе бидат обвинети“, рече Радовановиќ.
Новиот закон со кој строго ќе се казнуваат ситните престапи на спортските настани, изработен според британските регулативи, стапи на сила во септември.
И покрај последните напори да се спречи насилството во фудбалот, некои мислат дека владата направила многу малку и многу доцна. Белградскиот аналитичар Зоран Драгишиќ смета дека претставниците веќе можеле да се справат со хулиганските групи и екстремистичките организации.
„Проблемот лежи кај политичарите, кои немаат храброст да ја почнат таа борба бидејќи сметаат дека таа ќе доведе до губење на поддршката од голем број гласачи“, рече Драгишиќ. (Ројтерс-13/12/09; Илустриран спорт-10/12/09; Катимерини-08/12/09)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's