21/09/2009
Организаторите на Которскиот фестивал нишанат високо, додека пак властите во Подгорица се надеваат дека новото место за културните мршојадци ќе помогне за трансформација на репутацијата на главниот град.
Текст и фотографии на Марина Рогановиќ за Southeast European Times во Подгорица -- 21/09/09
![]() Ибрица Јусиќ настапува во Скалине. [Марина Рогановиќ] |
Црна Гора има завидна репутација како место за пливање, јадење и уживање. Но, во поглед на нејзината култура, оваа Балканска земја доживува некој вид на криза на идентитетот. Некои се загрижени дека нејзиниот традиционален амбиент се опустошува, додека пак други сакаат тој да стане уште повеќе хип и авангарден.
Организаторите на Которскиот меѓународен уметнички фестивал (КМУФ) не ги кријат нивните намери. Тие го гледаат КМУФ -- кој претставува домаќин на помали настани -- како ништо помалку од моќна тврдина во борбата за заштита на локалната култура наспроти неконтролираниот развој. Тие ветуваат дека ќе го чуваат наследството на Котор и ќе основаат „нов културен центар на Медитеранот“.
„Нашиот фестивал ќе биде значаен фактор во борбата за зачувување и ревитализација на историските симболи, реконструкцијата на ѕидините, црквите и палатите“, напишаа Паоло Магели и Јанко Љумовиќ на рекламната брошура на КМУФ. Овој град, кој заостана, може да научи од фаталните грешки кои уништија слични и културно блиски градови“.
Туризмот -- а, можеби особено приливот на богати посетители кои бараат врвно искуство-- ја зголеми економијата на Црна Гора, но по прилично висока цена. Крајбрежните градови, велат Магели и Љумовиќ, се изложени на опасност да ја изгубат нивната смисла за заедница и да станат нешто повеќе од собиралишта за „убави луѓе“.
КМУФ се надева да возврати на овој тренд со тоа што ќе го направи Котор културна мека во регионот. Организаторите побараа од Министерството за кулура на Црна Гора средства за да го направат фестивалот настан кој не смее да се пропушти во културно богатиот Медитерански залив, кој има високо конкурентна туристичка индустрија.
![]() Годишниот Которски карневал е еден од малкуте културни фестивали кои не се под закрила на КМУФ. [Марина Рогановиќ] |
Во севкупната филозофија на КМУФ, понудените настани го истакнуваат фолклорот и уметноста повеќе од популарната култура. Сепак, не се што е поврзано со КМУФ се држи до традиционалното. Некои настани се јасно наменети за помладите.
Фестивалот Рифреш на техно и хип-хоп музика е еден пример. Ова лето, се чинеше дека половина од целата црногорска популација ја преполнија дискотеката Максимус за да се забавуваат на музиката на светски познатиот француски ди-џеј Боб Синклер.
На овогодинешниот Рифреш фестивал имаше одлична атмосфера, одлични ди-џеји и одлични посетители“, рече Марија Вујовиќ, медиумски менаџер на фестивалот. Вујовиќ објаснува дека Рифреш е за „клаберите кои сакаат да уживаат во убавините на заливот Бока, преку ден да ја видат културата, традициите и обичаите на Котор, а навечер да се забавуваат со некои многу големи имиња од светската музичка сцена“.
Благодарение на Синклер и неговите многубројни фанови, фестивалот заврши прекрасно и со многу пофалби. „Идната година ќе биде уште подобро“, ветува Вујовиќ.
И додека Котор се обидува да се приспособи на новото без да го уништи старото, Подгорица се соочува со сосема поинаков предизвик. Тој се наоѓа на еден час оддалеченост од брегот и ретко се смета за магнет за туристи.
Ниту пак е рај за љубителите на културата. Иако има многу клубови, посетителите кои сакаат да ја искусат традиционалната црногорска музика и култура имаа малку добри можности во главниот град на Црна Гора.
![]() Изведба на ди-џеј на Рифреш фестивалот. [Марина Рогановиќ] |
Тоа се смени кога Скалине, најновиот кафе-бар во градот, ги отвори вратите ова лето. Никогаш нема да го слушнете звукот на техно музиката додека слегувате по скалите. Но, ако барате нешто повеќе од една балканска атмосфера, ова е местото за вас.
Сместен на сливот на реките Морача и Рибница, каде Турците изградиле тврдина/замок во 1497-та година, Скалине зафаќа прекрасно парче земја кое локалните власти долго го нарекуваа „место за собирање“. Властите во Подгорица се надеваат дека ваквите места ќе предизвикаат поголем интерес за нивниот град, кој за многу посетители е познат како место каде се наоѓа меѓународниот аеродром.
На 23-ти август, неговата сцена ја украси Ибрица Јусиќ, балканска музичка легенда. Пред 25 години, Јусиќ настапуваше во Црна Гора за прв пат на историскиот локалитет каде лежи Скалине. „Немаше кафе бар овде“, се присетува Јусиќ. „Сцената беше покрај помалата река Рибница и местото беше преполно со луѓе и магија“.
Скалине „дефинитивно ќе придонесе за културниот развој на Подгорица“, вели Јусиќ. „Има млади луѓе, тие се креатори и тие имаат многу идеји. Ова сигурно ќе биде место за летни собирања“.
Еден од сопствениците на Скалине, Срѓан Филиповиќ, е во мисија. „Подгорица е нов, убав град. Секој ден се градат нови згради и булевари. Сепак, мора да задржиме дел од стариот град во Подгорица, некое место кое има душа. Вистинските културни и историски вредности на Подгорица се наоѓаат долу по овие скали“, вели тој.
Директорката на Туристичката организација во Подгорица Лилјана Шчепановиќ се согласува. „Скалине е важен дел од овој град. Тоа е местото за кое децата во Подгорица слушаат од нивните родители, таму одевме редовно“, вели таа. „Тоа е еден од најскапоцените камења на градот, кој го поврзува новиот со стариот град. Има историски градби, мостови и тврдини. Скалине ќе биде вистинска радост за туристите“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's