13/07/2009
Грција, Турција, Хрватска, Бугарија и Романија се меѓу 28-те врвни светски дестинации каде жителите на ЕУ планираат да ги поминат нивните одмори.
(Sofia Echo, European Commission; Croatian Times, ANA-MPA; MINA, World Economic Forum)
![]() Туристи на плажа во близина на црноморскиот град Несебар, Бугарија. [Getty Images] |
Според неодамнешниот извештај Еуробарометар, пет земји од ЈИЕ се помеѓу 28-те странски дестинации за туристите од ЕУ. Плажи, прекрасни планински погледи и историски локалитети продолжуваат да ги привлекуваат летните туристи во Грција, Турција, Хрватска, Романија и Бугарија.
Во анкетата спроведена од страна на агенцијата Галуп на жителите на ЕУ, половина од 27 000 испитаници одговориле дека одморот ќе го поминат или во нивната земја или во друга земја-членка на ЕУ. Околу 20 отсто одговориле дека одморот во 2009-та година ќе го поминат во земја која не е членка на ЕУ, додека пак 19 отсто биле речиси сигурни дека нема да патуваат оваа година. Околу 11 отсто рекле дека финансиските проблеми ги расипале нивните планови за одмор.
Според анкетата, како и во 2008-та година, Шпанија, Италија, Франција и Грција ќе бидат четирите најпопуларни странски дестинации годинава. Следат Соединетите Американски Држави, Турција и Хрватска, пред Бугарија и Романија.
Во 2008-та година во Бугарија биле сместени 1 отсто од сите годишноодморци од ЕУ и беше рангирана на 17-то место меѓу 35-те најомилени странски дестинации за Европјаните. Според извештајот Еуробарометар, 0,7 отсто од испитаниците на анкетата на Галуп рекле дека годинава нивниот одмор планираат да го поминат во оваа балканска земја, со што Бугарија се најде на 20-то место меѓу 28-те врвни светски дестинации.
Романија, која минатата година беше 30-та најпосетена странска земја од туристите од ЕУ, сега е 26-то најомилено место за одмор за жителите на ЕУ, покажа анкетата.
Кипар, кој беше рангиран на 24-то место меѓу 35-те светски дестинации кои привлекле најголем број посетители од ЕУ во 2008-та година, оваа година не беше меѓу 28-те наведени земји.
![]() Посетители уживаат во панорамата на Дубровник, Хрватска. [Getty Images] |
Сепак, со вкупна оценка 4,92 на скалата од нула до седум, Кипар беше рангиран на 21-во место во светот, а минатата година беше на 24-то место, во третиот годишен извештај за патна и туристичка конкурентност (ПТК) на Светскиот економски форум (СЕФ).
Како и во двете претходни истражувања, Швајцарија, следена од Австрија и Германија, беше на водечката позиција во ПТК индексот за 2009-та година, вклучен во студијата од 525 страници на оваа организација со седиште во Женева, која опфаќа 133 земји во светот.
Индексот се темели врз оценките што земјите ги добиваат во три широки категории -- регулаторната рамка, бизнис климата и инфраструктурата, и човечките, културните и природните ресурси. Тие покриваат вкупно 14 области, како политички правила и регулативи, еколошка одржливост, сигурност и безбедност, здравје и хигиена, транспортна и туристичка инфраструктура и афинитет за патување и туризам (П&Т).
Извештајот, на тема „Менаџирање во време на турбуленција“, ги одразува проблемите со кои во моментов се соочува индустријата, кои мора да бидат надминати со цел да се обезбеди цврст секторски раст во иднина“, велат од СЕФ.
Како Кипар, и четири други земји од Југоисточна Европа -- Албанија, Македонија, Црна Гора и Романија -- исто така го подобриле нивното глобално рангирање во изминатите 12 месеци. Црна Гора постигнала најголем напредок, и со скок од седум места стана 52-та најконкурентна економија во светот во областа П&Т денес, со вкупна оценка 4,29. Романија (4,04) и Македонија (3,81) се искачиле за три места на 66-то и 80-то. Со оценка 3,68, Албанија се најде на 90-то место во светот оваа година, а во 2008-та беше 92-ра.
Грција беше втората најконкурентна земја од Југоисточна Европа во поглед на патувањето и туризмот. Нејзината оценка 4,91 ја стави на 24-то место во светот, пад за две места во однос на минатата година. Турција (4,20) и БиХ (3,44), исто така, доживеаа пад за две места и сега се наоѓаат на 56-то и 107-то место. Бугарија падна за седум места и е 50-та, со оценка 4,30, додека пак Србија падна за десет места и се наоѓа на 88-то место во светот денес, со оценка 3,71.
Третата најконкурентна земја од Југоисточна Европа во областа П&Т, според извештајот на СЕФ, Хрватска го задржа 34-то место на глобалната листа, благодарение на нејзината „стабилна“ перформанса и вкупна оценка 4,54. Таа беше рангирана повисоко во однос на одреден број земји од ЕУ, меѓу кои Словенија, Република Словачка, Латвија, Литванија, Бугарија, Полска и Романија.
![]() Турист слика од врвот на старата кула-саат која е влез на обѕиданиот град Сигисоара, Романија. [Getty Images] |
За да може дополнително да ја подобри конкурентноста на својот П&Т сектор, Хрватска мора да „ги доведе политичките правила и регулативи во поголема согласност со оние што се потребни за развој на секторот“, се вели во студијата. Хрватска, исто така, треба да ја подобри воздушната и копнената транспортна инфраструктура, особено пристаништата, истакнуваат експертите од СЕФ.
Грција, Кипар и Турција имаат најдобри оценки меѓу земјите од Југоисточна Европа, кои се движат од 5,0 до 5,5, за „квалитетот на воздушната инфраструктура“.
Албанија (2,20) и БиХ (1,97) се наоѓаат меѓу неколкуте земји од Источна Европа кои забележале најмала оценка за овој индикатор.
„Доколку можеа да ја подобрат нивната транспортна инфраструктура до европскиот просек -- на пример, со создавање на услови за зголемување на бројот на достапни седишни километри или со подобрување на нивната меѓународна воздушна транспортна мрежа -- овие земји ќе можеа да го зголемат бројот на патници за 9 и 12 отсто“, се вели во извештајот.
Грција, Хрватска и Кипар беа рангирани на 5-то, 6-то и 8-мо место во светот за „туристчката инфраструктура“, за што добија најдобри оценки кои се движеа од 6,6 до 6,7. Бугарија беше 12-та со 5,8 поени.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's