29/06/2009
Според неодамнешниот извештај на Фридом Хаус, слободата на медиумите незапирливо паѓа, а Источна Европа бележи најголем пад.
(Dnevnik.bg - 06/05/09; Zaman - 04/05/09; Sofia Echo - 03/05/09; VOA, RFE/RL, SNA, B92, MIA - 02/05/09; Freedom House, AP, CNN - 01/05/09; AFP - 30/04/09)
![]() Фридом Хаус ја објави својата годишна студија за медиумите во мај. [Freedom House] |
Посочувајќи ја економската криза како главен катализатор, новиот извештај на Фридом Хаус покажува дека слободата на медиумите опаднала и во седмата последователна година. „Новинарството денес е во незавидна положба и се бори да остане во живот, бидејќи притисокот од владите, другите моќни актери и глобалната економска криза си го прават своето“, рече извршниот директор на Фридом Хаус Џенифер Виндзор.
„Новинарството претставува прва одбрана на демократијата и неговата чувствителност има огромни последици врз демократијата, ако новинарите не можат да ја спроведат нивната традиционална улога на заштитници“.
Овогодинешната студија, која беше објавена во мај, оцени 195 земји и територија врз основа на 23 методолошки прашања во три широки категории: правна, економска и политичка средина. Земјите добија оценки од 0 (најдобра) до 100 (најлоша), кои ја одредуваат нивната класификација како „слободна“ (1-30 поени), „делумно слободна“ (31-60) или „не слободна“ (61-100).
Околу 36 отсто, или 70 од 195 земји, кои сочинуваат 17 отсто од светското население, беа оценети како „слободни“, пад за две земји во споредба со минатата година. Бројот на оние класифицирани како „делумно слободни“ се зголемил на 61, или 31 отсто, од 59 во 2008-та година, додека пак групата на „неслободни“ е постојана, 64 земји или 33 отсто.
Сите значајни промени во Балканските земји во 2008-та година се негативни -- Централна и Источна Европа/ бившиот Советски Сојуз забележале најголем пад на слободата на медиумите во светот, констатира организацијата, наведувајќи ги трендовите во Босна и Херцеговина (БиХ), Бугарија и Хрватска.
„Неколку земји на Балканот, како Босна и Херцеговина, Бугарија и Хравтска покажаа негативни трендови кои се должат на зголемените физички закани и малтретирањето на новинарите“, се вели во извештајот.
„И во Бугарија и во Хрватска се случиле ретки убиства на вработени во медиумите, додека пак општото ниво на заплашување и насилство се зголемило во сите три земји“.
Георги Стоев, поранешен член на банда од подземјето кој стана колумнист и автор на серија книги за организираниот криминал во Бугарија, беше застрелан преку ден во еден од најпрометните делови на Софија минатата година. Неговото убиство останува нерешено. Минатиот септември, Огњан Стефанов, уредник на веб-страницата Фрог Њус, беше брутално претепан и три дена беше во кома. Не е идентификуван ниту еден од напаѓачите.
![]() Жена носи слика од Георги Стоев, познат како хроничар на подземјето, на неговиот погреб во Софија минатата година. [Getty Images] |
„Неказнувањето на извршениот криминал врз новинарите беше забележано како загриженост која расте во Бугарија...“
На почетокот од оваа година друг истакнат контролор заклучи дека слободата на пресот “значително се влошила“ откако Бугарија стана членка на ЕУ пред две години, алудирајќи на инцидентите на заплашување на анкетните новинари и целокупната клима на медиумскиот сектор во земјата.
„Бугарија еволуираше од цврст комунистички режим во модерен феудализам, но без вистинска промена на актерите“, соопшти минатиот февруари „Новинари без граници“, невладина организација со седиште во Париз која се залага за слобода на пресот.
Бугарија се најде на 76-то место со 36 поени, во однос на 33 минатата година.
Неколку места подолу, Хравтска се позиционира на 81-то место со 38 поени, заради нејзините „негативни трендови“.
Иво Пуканиќ, сопственик на водечкиот хрватски неделен весник Национал, беше убиен кога автомобил-бомба експлодира во Загреб во октомври 2008-та година. Маркетинг директорот на весникот, Нико Фрањиќ, исто така загина во овој инцидент. Истрагата доведе до апсење на неколку осомничени, меѓу кои и српскиот шеф на подземјето Сретен Јоциќ.
БиХ доби 47 поени, два поени повеќе во донос на минатата година и се најде на 98-то место. Зголеменувањето на поените се должи на „зголемената политичка контрола врз медиумите од страна на властите во Република Српска“, се вели во извештајот.
Неколку Балканскки земји добија исти оценки како и минатата година, меѓу кои Македонија (47) рангирана 98-ма, Србија (39) рангирана 83-та, Романија (44) рангирана 92-ра заедно со Еквадор, Панама и Перу, и Албанија (50) рангира 101-ва
Турција и Црна Гора имаа еден поен помалку, што сигнализира незначително подобрување.
![]() Кипар е една од двете балкански земји за кои се смета дека имаат „слободни“ медиуми. Другата е Грција. [Getty Images] |
Вкупната оценка од 37 поени на Црна Гора, само еден поен повеќе од Бугарија, ја стави земјата на 78-то место во глобалното рангирање заедно со Боцвана и Источен Тимор.
Кипар и Грција останаа единствените земји од Југоисточна Европа кои се класифицирани како „слободни“. Кипар доби вкупна оценка од 22 поени, заземајќи го 38-то место помеѓу Австралија, Доминиканска Република, Франција и Малта.
Со вкупна оценка од 29 поени, два помалку во однос на 2008-та година, Грција го дели 63-то место со Чиле и Самоа.
Со оценка 9, Исланд се најде на првото место според индексот за слобода на пресот за 2009-та година на оваа организација. Финска и Норвешка се најдоа на второто место со 10 поени секоја. Седум други земји од Западна Европа го сочинуваа останатиот дел од првите десет: Данска, Шведска, Белгија, Луксембург, Андора, Холандија и Швајцарија.
Туркменистан, Бурма и Северна Кореја повторно беа трите најлошо оценети земји.
Студијата од осум страници беше објавена пред Денот на слободата на медиумите на 3-ти мај заедно со индексот за слобода на медиумите и други табели, графикони и анализи. Индивидуалните студии за 195 земји се очекува да бидат објавени кон крајот од годинава.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's