18/05/2009
Според УНДП, над 17 отсто од населението на Косово живее во крајна сиромаштија. На многу повеќе им е потребна помош од владата или од членовите на семејството кои живеат во странство.
Од Беса Беќири за Southeast European Times во Приштина -- 18/05/09
![]() Според УНДП, над 17 отсто од населението на Косово живее во крајна сиромаштија. [Getty Images] |
Според неодамнешната анкета спроведена од страна на УНДП, невработеноста и сиромаштијата се главните фактори кои би можеле да ја попречат стабилноста на Косово. Речиси 40 000 луѓе во оваа поранешна српска покраина -- чија вкупна популација изнесува околу 2 милиони -- немаат редовен приход и бараат помош од владата.
Владината помош се движи од 45 до 75 евра месечно -- многу помалку од износот потребен на едно семејство за нормален живот во земјата. Според косовскиот заменик-министер за труд и социјала Ѓерѓ Дедај има и над 150 000 пензионери кои земаат пензии -- во просек од 70 евра месечно -- од министерството и спаѓаат во категоријата на сиромашни луѓе.
Според извештаите од УНДП и други меѓународни организации, околу 37 отсто од населението живее во сиромаштија -- под 1,42 евра дневно -- а 17 отсто живее во крајна сиромаштија -- под 93 евро центи дневно.
„Сиромаштијата не може да се намали само преку земање социјална помош, отворањето на нови работни места ќе ја намали сиромаштијата. Ајде да не го трансформираме Косово во социјална држава во која луѓето живеат од социјална помош, ајде да го направиме место за работа“, вели Дедај.
„Имаме стратегија за итни случаи, која не е доволна“, вели тој, додавајќи дека министерството не располага со официјални бројки за стапката на сиромаштија на Косово заради немањето на попис и регистрација за домаќинствата.
![]() Секоја година околу 30 000 луѓе влегуваат на пазарот на труд на Косово, со малку надежи за вработување. [Getty Images] |
Емиграцијата има главна улога и им помага на семејствата да не живеат во крајна сиромаштија, истакна министерот. Над половина милион Косовари живеат во западните земји и праќаат пари дома, помагајќи им на саканите да ги пребродат финансиските тешкотии.
Во минатогодишниот извештај на косовскиот Завод за статистика и Светската Банка се вели дека „миграцијата и девизните дознаки се ефикасни начини да ги заштитат домаќинствата да западнат во сиромаштија“. Се проценува дека еден од пет Косовари имаат барем по еден роднина во странство кој им испраќа пари.
Меѓутоа, заради глобалната финансиска криза, како и заради социјалните промени на Косово, износот на девизните дознаки се намалува.
Од УНДП велат дека Косово има највисока стапка на невработеност во западен Балкан -- околу 45 отсто од работо-способната популација е без работа. Исто така, има крајно млада популација, половина од граѓаните се на возраст под 25 години.
„Ова значи дека секоја година на пазарот на работна сила се приклучуваат околу 30 000 луѓе со мали изгледи за вработување“, вели оваа организација.
Заменик-министерот побара од локалните и меѓународните организации да вработуваат млади луѓе.
![]() Руралните средини на Косово се дом на приближно половина од популацијата. [Getty Images] |
„Имаме многу млада популација, која има волја да работи. Нашата работна сила е клучна“, рече Дедај, истакнувајќи дека економијата и работните места се приоритет за неговата влада. Тој укажа на неодамнешниот договор постигнат помеѓу неговото министерство и ИТТ комапнијата од Кемп Бондстил, според кој 250 млади Косовари ќе бидат вработени во американските бази во Авганистан.
Бидејќи мнозинството од популацијата на Косово живее во села, руралните средини се оние каде сиромаштијата претставува најсериозен проблем. Според официјалните статистички податоци, приближно две третини од сиромашните се во руралните делови на Косово.
„Руралните средини предизвикуваат посебна загриженост; тие се дом на 60 отсто од популацијата на Косово. УНДП помага да ги спои земјоделските задруги и да ги поврзе со новите пазари во една шема која ќе го поттикне вработувањето и ќе ја зголеми продуктивноста на Косово“, велат од УНДП.
Според УНДП, економскиот раст е најдобар одговор за сиромаштијата и проблемите со невработеноста во оваа нова држава. Меѓутоа, бидејќи глобалната криза се уште поприма заканувачки размери, решението нема да се случи набрзо.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's