13/04/2009
Над 500 деца живеат или работат на улиците во Белград, обидувајќи се да преживеат и често судрувајќи се со законот.
Од Бојана Миловановиќ за Southeast European Times во Белград -- 13/04/09 Фотографии на Никола Барбутов
![]() Се проценува дека над 500 деца живеат и работат на улиците во Белград. |
Експертите веруваат дека над 500 малолетници -- главно Роми -- живеат или работат на улиците во Белград. Наместо да уживаат во чисти чаршафи и удобни кревети дома, овие деца спијат во канализациски отвори, картонски кутии или разрушени згради.
Тие често питаат по улиците, заедно со нивните родители, или ги запираат возачите за да ги измијат нивните шофершајбни за малку пари. Мнозинството од овие деца немаат лични карти или здравствено осигурување и заради некои изминати судири со законот ги одбегнуваат институциите за социјална заштита и домовите за малолетни деликвенти. Според УНИЦЕФ во Србија, над 300 000 деца во земјата кои живеат во сиромаштија немаат пристап до медицинската нега или некаков вид на образование.
Најголемиот број од нив се Роми, но тие имаат различно потекло -- некои избегале од нивните биолошки или родителите кои ги посвоиле, други ги напуштиле сиропиталиштата или центрите за млади. Многу од нив се бегалци, Според АФП, многу деца кои избегале од Косово во последниве години им се приклучиле на оние кои ги напуштиле своите домови во Босна и Херцеговина и Хрватска во раните деведесети.
Пред дваесет месеци, со цел да ги задоволи потребите на овие деца, Центарот за интеграција на младите (ЦИМ) отвори Центар за дневен престој за бездомниците во Белград. Неговата намера е да им помогне и да им понуди медицинска нега, оброк или преноќување.
ЦИМ им нуди заштита и здравствени услуги на децата и им помага да добијат правна документација -- неопходна за да можат да одат на училиште и да стекнат право за владина здравствена заштита.
17-годишниот Идриз работи на улица од деветгодишна возраст. Тој живее со неговите родители, девет браќа и три сестри. По четири години основно образование, тој почнал да го издржува своето семејство, бидејќи неговиот татко е инвалид, а неговата мајка мора да се грижи за помалите деца. Идриз заработува за живот миејќи ги шофершајбните или собирајќи стар алуминиум или бакар со помош на неговиот брат.
„Не можам да се вратам на училиште бидејќи нема кој да го издржува семејството. Мојот брат и јас дневно заработуваме по 11 евра. Со тој износ не можеме да се прехраниме сите“, вели Идриз.
![]() Центарот за дневен престој за бездомниците во Белград им нуди на децата медицинска нега, оброк или преноќување. |
Кога би имал доволно пари, тој би сакал да отвори своја автоперална. Идриз е само еден од околу 260 корисници на овој центар, проект на невладината организација Центар за интеграција на младите. Во зависност од временските услови, во центарот дневно доаѓаат од 30 до 60 деца.
Координаторот на проектот Милица Ѓорѓевиќ објаснува дека корисниците на центарот имале придонес при подготвувањето на центарот, Волонтери од Центарот за интеграција на младите ги посетиле децата кои живеат на улиците, разговарале со нив за нивните потреби и потоа ги подготвиле услугите кои ги нуди центарот. Едно од главните барања на децата било да имаат засолниште од полициското наметнување.
„Главна цел на Центарот за дневен престој е да им понуди итна помош и интервенција на децата. Ако детето е претепано, ние имаме медицинска сестра; ако детето е гладно, тоа може да јаде и да се искапе тука. Детето ќе добие облека и обувки и исто така може да преноќи“, вели Ѓорѓевиќ.
Таа додава дека вработените во центарот го пријавуваат секое дете во Социјалниот центар и во соработка со властите за социјална заштита, се обидуваат да ги тргнат децата од улица. „На некои деца успеваме да им најдеме покрив над глава, но понекогаш социјалните работници не ги посетуваат во таа институција со месеци. Детето се уморува од системот и повторно се враќа на улица“, вели Ѓорѓевиќ. „Корисниците на центарот немаат здравствено осигурување, па затоа тешко е тие да се сместат во некоја државна институција за рехабилитација“.
Многу семејства не се подготвени да се справат со ваквите деца. Многу се обидуваат да ги променат употребувајќи сила, што води до спротивен ефект, присилувајќи ги повторно да избегаат од дома. „Проблемот е во тоа што овие деца ги одбегнуваат институциите и строгиот систем“, вели координаторот на центарот.
„Зависноста од дрога е исто така општ проблем. Сите видови на дрога, особено хероинот, лесно можат да ги најдат на улиците“, истакнува Ѓорѓевиќ.
Во текот на своите 20 месеци постоење, Центарот за дневен престој ја смени адресата три пати заради соседите кои не сакаат сиромашните деца да им се собираат во соседството. Сега центарот има посебен простор со сопствен двор, но наемот истекува во мај.
Неговите претставници се надеваат на продолжување на наемот и исто така сакаат Центарот да постане потфат на властите во Белград и Србија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's