За решавање на спорот околу името потребна е соработка и дијалог, вели лидерот на Нова Демократија

13/10/2008

Основана минатиот месец, партијата Нова Демократија на поранешниот македонски министер за здравство се појавува како „конструктивна опозициона“

Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје – 13/10/08

photo

Претседателот на Нова Демократија Имер Селмани. [Getty Images]

Southeast European Times: Нова Демократија е нова политичка партија во Македонија. Зборувајќи за партијата, вие рековте дека сте за брза интеграција во ЕУ и НАТО. Сметате ли дека заради спорот околу името со Грција вреди да останете надвор од НАТО и ЕУ?

Имер Селмани: Ставот на Нова Демократија е јасен. Ние сметаме дека прашањето за идентитетот и спорот со името се две различни прашања. Во Македонија, меѓу 90 и 100 отсто од населението сака да биде дел од НАТО и ЕУ. Мислам дека политичките елити треба да најдат компромис со Грција без да го допрат интегритетот или идентитетот на Македонците, етничките Македонци.

Решението нема да дојде само; тоа треба да се бара, да се преговара за него. Во тој контекст, мислам дека за прв пат по повеќе од десет години, ова прашање стана многу сериозно.

SETimes: Ставот на Македонија и на премиерот Никола Груевски за спорот околу името со Грција е добро познат. Каков е ставот на вашата партија? Го поддржувате ли ставот на владата во однос на ова прашање?

Селмани: Владата има јасен став дека секое прифатливо решение во иднина мора да помине на референдум за да може да добие широка поддршка од граѓаните. Не можам да кажам дека ова е лесна тема, која секој може да ја реши лесно. Тоа е сложен процес, за кој е потребен консензус меѓу политичките партии во Македонија. Тоа значи дека нас ни треба поголема соработка, подобар дијалог -- не само да се предложи решение, туку да се прифати решение со кое се согласуваат нашите граѓани.

SETimes: Неодамна во медиумите во Македонија се појавија многу шпекулации во однос на признавањето на Косово. Владата тврди дека признавањето зависи од државните интерес, додека пак албанските партии велат дека одбиваат „уцени“. Треба ли Македонија да го признае Косово и кога?

photo

Партијата претставува уште една опција за етничките Албанци во Македонија, вели Селмани. [Getty Images]

Селмани: Овој став на владата не е нов. Јас ги изедначувам државните интереси со демаркацијата на границата помеѓу Македонија и Косово и мислам дека ова прашање беше решено на најдобар можен начин. Сите очекуваа некакви недоразбирања и проблеми, но демаркацијата заврши многу брзо, точно и елегантно, со взаемно задоволство. Мислам дека не е добро да се остави простор за шпекулации, што ќе се случи доколку Македонија продолжи да се воздржува од признавање на Косово без било какво обајснување. Мое мислење е дека не треба да чекаме да го признаеме Косово, освен ако има нешто за кое граѓаните не знаат. А, ако има нешто што не знаат, тоа треба да се објасни на транспарентен начин.

SETimes: Меѓу членовите на Нова Демократија се некои поранешни претставници на Демократската партија на Албанците (ДПА). Рековте дека ја напуштивте ДПА бидејќи во партијата немаше демократска клима. Лидерот на ДПА Мендух Тачи вели дека Нова Демократија е проект на Груевски чија цел е елиминирање на албанските политички партии. Како реагирате на ваквите обвинувања?

Селмани: Нова Демократија не е проект ниту на Тачи, ниту на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Нова Демократија е проект, кој одговара на потребите на Албанците од политичка алтернатива, која ќе претстави нови вредности. Оваа парија служи како решение на многу прашања -- не само за Албанците во Македонија, туку и за другите заедници кои живеат во оваа земја.

Нова Демократија е политичка партија кој е неоходна во овој момент. ДПА и Демократската унија за интеграција (ДУИ) одат по истиот пат со години -- на тој начин предизвикувајќи конфликти внатре во албанската заедница или конфликти помеѓу Албанците и другите заедници. Тоа е партија за оние кои немаа шанса во постоечките партии -- интелектуалци, професори, бизнисмени, студенти и обични луѓе, кои не се идентификувале со ДПА или ДУИ.

SETimes: Каков е ставот на Нова Демократија во однос на четирите хашки случаи кои беа вратени во Македонија?

Селмани: Целосно го почитуваме Охридскиот рамковен договор. Мислам дека духот на Охридскиот рамковен договор не поддржува отварање на случаи, каде -- како ефектот на доминото -- можат да бидат следени од многу други случаи од минатото.

Секое отворање на старите рани од конфликтот од 2001-та година не е продуктивно за меѓуетничките односи во Македонија. Мислам дека ниту НАТО, ниту ЕУ не сакаат региони со конфликти во својата структура. Пред се, тие сакаат стабилност и секоја појава на непријателски соседски односи подоцна може да биде пречка за нашата интеграција во НАТО и ЕУ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading