01/09/2008
Се поголем број уметници и музичари летуваат во Хрватска, па оваа земја им нуди богата летна програма како на посетителите, така и на локалното население.
Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб –01/09/08
![]() Англиската хеви метал група Ајрон Мејден свиреше во Сплит на 10-ти август. [Getty Images] |
Хрватска во лето нуди многу повеќе од море и сонце. Како се попопуларна туристичка дестинација, Хрватска станува магнет за уметниците, музичарите, сликарите, актерите и вајарите кои одморот го користат како можност за да ја претстават својата работа.
За туризмот, ова е добредојден тренд. Локалните општини сфаќаат дека природните убавини и богатата кујна не се секогаш доволни за модерниот, префинет турист, кој сака да доживее богато искуство, ако веќе платил скап одмор во странство. Како и другите туристички земји како Италија и Шпанија, Хрватска сака да ги задоволи гостите, комбинирајќи ги природните убавини на земјата со разноврсна културна понуда.
Се поголем е бројот на фестивали и концерти, а некои од нив станаа значаен дел од европската културна сцена. Уметничките изложби, концертите и филмските фестивали станаа важен дел од летниот живот.
Хрватите со нетрпение го очекуваа закажаниот настап на хард рок ветеранот Џудас Прист во Загреб. Но, концертот беше откажан заради здравствени проблеми на басистот. Уште едно разочарување се случи кога гласините за концерт на Мадона се покажаа лажни. Поп кралицата одлучи да настапи во Црна Гора.
Како и да е, Хрватска стана редовна дестинација за меѓународните ѕвезди. Ману Чао свиреше во Пула на 8-ми јули, додека пак Вајтснејк и Чак Бери настапуваа во Осиек, односно Опатија. Холивудската глумица и пејачка Џулиет Луис одржа два концерти во Хрватска, во Загреб и во Раб, додека пак Џоан Без настапуваше во главниот град на 15-ти јули, а Лени Кравиц во Задар на 6-ти август.
Сепак, ова лето најголема атракција беа Ајрон Мејден. Нивните обожаватели дојдоа да ги видат легендите на хеви металот на 10-ти август во Сплит, на распродадениот концерт на стадионот Пољуд, кој има 40 000 седишта. Хрватската музичка сцена од неодамна почна да станува популарна; во годините после независноста понудата беше слаба.
Со години филмот беше носител на летниот живот. Хрватска се гордее со прочуениот фестивал во Пула, кој датира уште од стара Југославија. Годинава овој фестивал го прослави својот 55-ти роденден, прикажувајќи ги најновите остварувања на хрватските режисери. Филмскиот фестивал во Мотовун, еден понов настан, ова лето прослави 10 години од своето постоење. Дубровник, исто така, организираше филмски фестивал наречен „Либертас“.
Театарот, танцот и фолклорот, исто така, беа добро застапени. Во јуни беше одржан фестивалот на модерна и алтернативна драма „Евроказ“. Оваа година вниманието беше свртено кон американската театарска традиција, особено њујоршката сцена. Театарот „Одисеј“, основан од Раде Шербеџија, одржа серија претстави инспирирани од 1968-та година и настаните од тој бурен период.
На почетокот од август, актерите се собраа во Загвозд, како и во изминатите десет и повеќе години. Единствениот настан, познат како „Актери во Загвозд“, прв пат беше организиран и промовиран од Ведран Мликота, хрватски актер роден во тој град. Тој сакаше колегите пријателите од целата земја подобро да го запознаат неговиот роден град. На актерите им се допадна идејата на Мликота и почнаа да доаѓаат во Загвозд секоја година. Таму тие се дружат со нивните обожаватели, уживаат во локалните специјалитети и свежиот воздух и се забавуваат на сонцето. Загвозд не е далеку од брегот, па можат да одат и на плажа.
И на крајот, но не и најмалку важно, фолк музиката и понатаму е многу присутна. Еден од најзначајните фестивали во чест на хрватската музичка традиција се одржува во Омиш во јули. Во центарот на вниманието е далматинската клапа, еден вид на капела пеење кое го практикуваат и мажите и жените. Убавината и бистрината на овој стил на пеење ги воодушевуваат оние кои немале можност претходно да го слушнат. Како што на Хрватите им е возбудливо кога во нивниот главен град доаѓаат меѓународни уметници, посетителите на фестивалот во Омиш можат да доживеат нешто незаборавно што го нема во нивните земји.