Сивата економија останува проблем во Бугарија и Романија

25/08/2008

Аналитичарите ги повикаа креаторите на политиката во Бугарија и Романија да преземат мерки кои ќе ги поттикнат граѓаните во овие земји да преминат во формалната економија.

(Дневник, Медијапул - 30/07/08; Софија Еко, Дневник, Mediapool, Центар за студии за демократија - 27/05/08; Извештај за неофицијалната невработеност во Романија, ОЕЦД, јули 2008)

photo

Околу 200 000 луѓе работат во градежниот сектор во Бугарија, според Државниот институт за статистика. [Getty Images]

Двете најнови членки на ЕУ, Бугарија и Романија. се уште имаат висок степен на неформална економија. Градежниот сектор и туризмот се двете области најсклони на сива економија, велат аналитичарите.

Околу 200 000 Бугари работат во градежниот сектор, според Државниот институт за статистика (ДИС). Официјално, просечната плата во овој сектор е 211 евра. Меѓутоа, оваа бројка може да наведе на погрешно мислење, истакнува Георги Ангелов, виш економист во Институтот за отворено општество во Софија. Во стварност, ниту еден градежен работник не е платен помалку од 500 евра, вели тој. Тоа значи дека даночниот и системот за социјално осигурување губат приближно 665 милиони годишно, додава тој.

Според зборовите на Ангелов, ситуацијата е иста, ако не и полоша во хотелите и рестораните, каде се вработени над 100 000 луѓе. Ниедна келнерка или собарка не би се согласила да работи за 161 евро колку според официјалната статистика изнесува просечната нето месечна плата во овој сектор во првите три месеци од 2008 година, вели тој. Тоа значи дека скриените приходи од овој сектор изнесуваат најмалку 250 милиони годишно.

Во меѓувреме, соопштението објавено од страна на Центарот за демократски студии (ЦДС) на почетокот од оваа година ги наведува земјоделството и услугите -- особено поправките, приватното образование и здравството -- како сектори во кои постојат неформални економски активности. „Истражувањето, исто така, покажа дека постојат сиви „џебови“ во производството, особено во акцизните индустрии (производството на алкохол и цигари и горива), текстилот и транспортот“, смета оваа организација со седиште во Софија.

Иако некои од мерките што ги презедоа властите во Бугарија во последниве неколку години помогнаа да се намали уделот на сивата економија, таа и понатаму останува една од најголемите препреки во инвестициите и растот, предупредува ЦДС.

Целта на реформите во даночниот и системот за социјално осигурување беше да се демотивираат фирмите да избегнуваат да ги пријавуваат приходите и да се намали затајувањето на данокот и социјалните придонеси, им рече министерот за финансии Пламен Орешарски на учесниците на една дискусија за сивата економија која ЦДС ја организираше кон крајот на мај.

Како дел од тие реформи, данокот на добивка беше намален на 10 отсто, а придонесите за социјално осигурување од 43 отсто на нешто повеќе од 30 отсто.

Уделот на сивата економија во Бугарија во 2002-2003 година беше околу 40 отсто од БДП, покажа извештајот на ОЕЦД за неформалната вработеност во Романија, објавен во јули.

photo

Скриениот профит на хотелите и рестораните изнесува најмалку 250 милиони евра годишно, велат експертите. [АФП]

Реформите во даночниот и системот за социјално осигурување спроведени од страна на бугарската влада помогнаа степенот на сивата економија да се намали за околу 30 отсто во последниве години, а во 2006 година го достигна најниското ниво, истакнува ЦДС. Меѓутоа, во првата година од пристапувањето на Бугарија во ЕУ беше забележан скок, како и измена во сивите активности од непријавување на вработените до прикривање на прометот.

Според бугарските аналитичари, уделот на сивата економија во моментов е помеѓу 20 и 35 отсто од БДП. Во некои сектори не се пријавуваат над 50 отсто од трансакциите.

„Главен предизвик за намалување на степенот и обемот на сивата економија во Бугарија е зајакнувањето на правната држава -- примената на регулативите“, се вели во извештајот на ЦДС. „Најверојатно најважен тест во тој поглед е прекинувањето на незаконските врски помеѓу високите владини функционери и сивата економија, посебно во акцизните индустрии и во оние каде државата прави големи договори, како производството на алкохол и цигари, градежништвото и инфраструктурата, енергетиката, итн.“

Извештајот на ОЕЦД покажува дека, како и во Бугарија, неформалните активности во голема мерка се концентрирани во градежниот сектор и угостителството. Други погодени сектори се малопродажбата, транспортот, поправките и одржувањето, здравството и образованието.

Извештајот, исто така, покажува дека степенот на сивата економија во Романија е незначително помал од тој во Бугарија во 2002-2003 година, 37 отсто од БДП, а што е многу повеќе отколку во Хрватска, Република Чешка, Унгарија, Литванија, Полска и Словачка.

Во поглед на непријавувањето на работата, Романија е прва на листата на земји од Централна и Источна Европа. По неа следи Бугарија, стои во извештајот од 83 страници, кој го опишува степенот на неформална вработеност во овие две балкански земји како „прилично висок“.

Според извештајот на ОЕЦД, најголем процент на работници без договор за работа има во големопродажбата и малопродажбата - 22 отсто. На второ место се производството и градежниот сектор со 21 отсто, односно 15 отсто. Во земјоделството и државната администрација процентот е понизок од 10 отсто.

photo

Строгите регулативи за работа и долгите административни процедури дополнително ги обесхрабруваат работодавците да ги пријавуваат работниците, според ОЕЦД. [File]

„Генерално гледано, се чини дека неформалната вработеност сама по себе или во комбинација со други активности е значајна стратегија за преживување на многу домаќинства, бидејќи носи дополнителен приход од други извори“, смета организацијата составена од 30 земји со седиште во Париз. „Сепак, оваа појава не е без потенцијални ризици во поглед на неплаќањето на здравствено и пензиско осигурување, невработеноста и неизвесноста.

Вискоите даноци се наведуваат како главна причина заради која работодавците не регистрираат фирма, односно не ги пријавуваат работниците или што работниците не пријавуваат дел или целата своја заработувачка. Други фактори кои ги наведуваат луѓето да се одлучат за неформалните, наместо за формалните активности е недовербата во државните институции, негативна перцепција за улогата на државата, делумно разбирање или потценување на бенефициите од социјалното осигурување, смета ОЕЦД.

Претприемачите во Романија, исто така, ги наведоа товарот на административните процедури, сложените и строги регулативи и долгите процедури за регистрација на фирмите како други фактори кои често ги принудуваат да ги заобиколат формалните структури и да работат на неформален начин.

Високите даноци на плата и придонесите за социјално осигурување се наведуваат како препрека за пријавување на работниците.Строгите регулативи за работа и долгите административни процедури дополнително ги обесхрабруваат работодавците да ги пријавуваат работниците, според ОЕЦД.

Романија вложи сериозни напори за намалување на степенот на сивата економија, стои во извештајот, наведувајќи ги чекорите како воведувањето на рамниот данок, реформите на Законот за работа, поголемата минимална плата и националната кампања против сивата економија, Но, тие мерки не се доволни, пишува во извештајот.

„Решавањето на проблемот со сивата економија е од примарно значење за романската влада“, вели ОЕЦД.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading